Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

06.04.2020 17:53
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

 

„Вилино“, Винка Саздова, „Три“

Откако си замина и последниот гостин, Вили раскрена наоколу, ги изгаси светилките и излезе. Седна крај ѕидот од каде што сите маси и беа пред очи, и запали цигара.Тоа и беше обичај. По затворањето да поседи уште малку сама во тишина, предавајќи им се на ноќта и на впечатоците од денот што минал. Како и секојпат, така и вечерва. Беше уморна, но задоволна.Човек е среќен кога работи нешто што е добро за него, а уште посреќен кога тоа е добро и за другите, си рече. А моите вафли навистина ги радуваат луѓето, додаде со насмевка. Пред очите и се редеа нивните задоволни изрази додека се гоштаваа со некоја од вафлите, нивните восклици на воодушевеност.Нека не ти биде на гордост, поприлично сум поживеал, но повкусно нешто не сум пробал во животот, си приспомни на зборовите што и ги беше упатил еден духовен отец, од едно друго време, во друго место. Не, не, воопшто, поита да му одговори. Сакаше да му каже дека радоста доаѓа од срцето, а гордоста од умот, ама одмолча. Тој тоа сигурно го знаешe подобро од неа.

И во сета мирнотија на вилинската ноќ, во неа одеднаш се втурнаа спомените од она, другото време и другото место. Чу шумолење на бранови. Од спротивниот брег, во далечината, трепереа светилки, полната месечина ткаеше сребрена срма врз морската шир. Еден маж седеше до неа во темнината, свеќите врз празните маси догоруваа. Никој околу нив. Само тие двајцата. И опојниот мирис на јасмин. И неговиот шепот што со својата врелина ја скокоткаше по вратот: „Островов изгледа див, неосвоив, застрашувачки со извишените карпи, ист како тебе“. Таа се закикоти собирајќи си го вратот меѓу рамената. „А толку е питом, податлив. Како мојата Вилина“, ја бакна по голото рамо. „Сите мориња и океани ги давам за тебе“, во гласот нежност, небаре на новороденче му зборува. Таа ја згасна цигарата и се сврти кон него. Во очите му се огледуваше месечината. Кај ме најде, кај се запусти! пак се закикоти оти и дојде премногу неговата нежност. Сто тони нежност, одеднаш и текна на насловот на скулптурата од еден уметник што ја беше видела во домот на своите пријатели. Како може нешто што е толку убаво, да тежи? се прашуваше тогаш, ама сега сосем добро го разбираше неговото значење.

Дали таа ноќ претчувствував нешто? А тој? Погледна во празните маси пред себе. Еден був укаше во далечина, птица закреска откај дудинката што потерала тука уште пред да се изгради нејзината куќа.

Вили длабоко вовлече од цигарата. Со уживање. Како што умеат само страсните пушачи. И ете ги одново брановите од минатото. Со трескот удираа во карпите. Бучеа застрашувачки, навестувајќи...Стрепери.Погледна кон столчето до неа. Празно. Тука си, што дека те нема, милна насмевка на лицето.



„Последните денови на Ханс“, Михајло Свидерски, Или Или

Додека размислувам, Веберови веќе дошле, тие секогаш тивко се провлекуваат низ животот, низ ходниците, низ вратите, по автомобилите, низ куќите, дури и во нашите животи се вовлекоа како пијавици, се обидувам да го најдам кибритот, дозволете, господине Ханс, господинот Герхард Вебер ми ја запали цигарата и седна веднаш до мене. Колку убаво живеевме, воздивнува тој и кима со главата, како потврда дека веќе никогаш нема да се врати дома. Минатото е веќе завршено, остана да уживаме во она малку што ни стои на патот, не патуваме, читаме книги, тој не престанува да кима со главата, го одобрува секој мој збор, а во тој момент снема струја, почна да ме обзема оној добро познат страв од темница, ми се згрчуваат нозете, почнувам да се тресам, ми се здрвува вилицата, среќа што ништо не гледаат од темницата, чувствувам како ме облева ладна пот и како топла моч ми линее по ногата. Не можам да викам за помош, а не дај боже да дојде струја, па да ме осветли во оваа ужасна состојба, ја барам Ева со раката, таа ги знае сите мои повици, сите слабости, фобии, болести, нервози, психози, само таа, по мајка ми, ме видела гол, ми ја подава раката, ме исправа, ме извлекува во кујната и ми дава чаша вода. Во дневната се вратив половина час подоцна, бев во тоалет, потоа отидов да барам свеќи, ја превртев целата куќа и ја најдов само оваа, ги лажам; во рацете држам една жолта полуизгорена свеќа.

За да се успокојам седнав на фотелјата и повторно се зафатив со весниците. Зимава ќе биде ладна, вели учителот покажувајќи на географската карта. До него ученикот во рацете врти едно ливче хартија, учителот се врти кон мене и ме боцнува со раката, излезете надвор, веднаш, веднаш кога ви велам, се збунувам, викам на цел глас, Ева ме буцка со раката, разбуди се, ми вели, се освестувам, таа знае дека не спиев, халуцинираш, ми шепнува, колку лош сон, се смешка кон гостите, целиот сум помочан и не можам да станам, таа носи ќебе и ме покрива, подобро е вака, вели, одмори малку, гостите не ги тргаат погледите од мене, учителот повторно доаѓа, тргнувај, овој пат носи нож и ми го покажува, ми ја зема свеќата и ми се заканува дека ќе ја запали куќата, немој да го лажеш момчето, кажи му ги сите твои болни перверзии, сите убиства, не прави се дека не знаеш, убиецу, каков убиец, повторно ме тресе Ева, овој пат нервозно плискајќи ми ја чашата вода в лице, какво убиство, велам јас, сум задремал, ти бладаш, си полудел, се смее, сакајќи со тоа да предизвика смеа кај гостите, не знам дали се шегува или навистина зборува, тој секогаш така дреме и блада, сонува и зборува, понекогаш толку сум исплашена од неговото ‘рчење што мислам дека среде спиење може да се задави, неприродно се смее. И мојот, додава госпоѓа Вебер, ама јас уште при првото ‘рчење, си ја земам перницата в раце и заминувам во друга соба. Овој Вебер не може да ме види а да не го спомене Берлин, ја знае мојата болка, знае и колкаво страдање ми предизвикува навраќањето на минатото, но и тој има своја болка и мора да се довери некому, да каже, така се ми станува полесно и поподносливо, вели и си ги брише солзите.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото