Читајте им на децата: Сликовници за смртта

07.04.2020 12:26
Читајте им на децата: Сликовници за смртта

Некогаш смртта била составен дел од животот – се живеело во поголеми семејства, жените раѓале дома, старите умирале. Децата од прва рака можеле да го сведочат природниот циклус на животот. Во поново време умирањето е хоспитализирано и отуѓено од секојдневието. Како што добро забележал Антоан Прост, на семејствата им е одземена смртта а на општеството жалењето. Односот кон смртта се професионализирал и таа се претворила во табу. Луѓето кои сиот живот ни се најблиски, најважни, умираат во болница опкружени со странци, помеѓу нас и нив се создава страшен процеп. Ретко кој во таква ситуација знае како да се однесува – на оние кои умираат како да им е неудобно, тие стануваат товар, додека оние околу нив често се прават како да се пооптимистични отколку што навистина се, како пред оние кои умираат да не сакаат да ѝ погледнат на вистината во очи, или само на личноста која умира не сакаат да ѝ признаат дека се свесни за близината на смртта.

Затоа не е чудно што за смртта и умирањето е тешко да се разговара со децата. Од каде воопшто да се започне? Темата е истовремено сеприсутна и потполно невидлива. Тука е и големата дилема: треба ли децата да се подготвуваат за фактот дека сме смртни или со нив треба да се разговара дури кога од прва рака ќе ја дожвеат смртта? Кога детето ќе дојде во фаза непрестајно да запрашува што му падне на памет, голема е веројатноста дека една од темите ќе биде и смртта.

Од една страна, детството е време на чудење, секојдневно усвојување на нови и чудесни факти за реалноста и смртта е само една од непознатите, па може да се случи децата да ја прифатат полесно и поприродно од возрасните. Од друга страна, кога детето ќе изгуби некој близок, на возрасните можеби ќе им затребаат алатки за носење со новонастанатата ситуација.

Во продолжение следат сликовници кои можеби би ви ги олеснале разговорите и би ви пружиле ориентир за понатамошно размислување на оваа тема.

ПАТКАТА, СМРТТА И ЛАЛЕТО
Волф Ерлбрух
Илустрација: Волф Ерлбрух

Оваа сликовница експлицитно проговорува за смртта, уметнички и помалку настрано, пристапувајќи кон тешката тема едноставно, но нималку поедноставено. Патката збележува дека смртта ја следи и се плаши дека дошла да ја собере. Но, не треба да се грижи, смртта ја уверува, таа е тука уште од нејзиното раѓање, за секој случај, бидејќи никогаш не се знае што може да ѝ се случи. Смртта овде е набљудувач, надвор од животот, а истовремено негов составен дел, таа само чека – за несреќите се грижи животот. На патката ѝ се допаѓа смртта, штом занемарува која е таа, ѝ станува блиска и симпатична.

„Патката, смртта и лалето“ е топол и по малку меланхоличен потсетник дека смртта е природен дел од животот, дека нѐ следи од раѓање. Приказната е универзална бидејќи се одвива никаде и секаде: патката и смртта се насликни на речиси чисти, вонвременски и вонпросторни бели рамнини, тие (со)постојат како да се ни на небо ни на земја. Содржината на приказната е лесно разбирлива: патката мора да умре, а смртта е тука да ѝ го овозможи тоа. После неа животот ќе продолжи: „Езерото – само. Сосем без мене.“ Тие две ќе се впуштат во философски разговор за тоа што следи после, патката поставува прашање (стануваш ли ангел? Или те печат во дупката ако не си била добра патка?), но смртта и тука останува неутрална, не дава одговори. Нема врска, бидејќи прашањата остануваат, тие се важни.

Сликовницата е визуелно минималистичка, но високо стилизирана: смртта е во панкерски кариран фустан кој по малку потсетува на стара домашна наметка, а во текот на читањето ни станува блиска и сочувствуваме со неа. Таа е и нежна и во пресуден миг внимателно ќе ја легне патката и ќе ја турне низ реата, потоа за неа малку и ќе тагува.

Тешко е да се процени дали е ова приказна за деца или за возрасни. Би рекла дека е за сите, бидејќи тоа е приказна за животот и смртта, поетски текст за неминовноста на минливоста, но би било добро возрасните пред читањето со децата да ја погледнат и да ја проценат и да ја читаат на деца кои ги познаваат.

ДЕДОВИОТ ОСТРОВ
Бенџи Дејвис
Илустрација: Бенџи Дејвис

Бенџи Дејвис е познат и омилен англиски илустратор. „Дедовиот остров“ е имагинативна и шарено илустрирана приказна за топлиот однос меѓу дедото и внукот, за нивната егзотична авантура која завршува со разделба.

На почетокот од сликовницата малиот Вид оди кај дедо му и го наоѓа на таванот, опкружен со необични предмети кои ги собрал на бројните патувања. Вратата од тој таван, како чудесниот ормар од Нарнија, води право на големиот брод кој ќе ги доведе на далечниот и непознат остров. Тоа место, полно со шарени билки, животни, идеално за уживање, зафрканција и поврзување на дедото со внукот, на Вид толку ќе му се допадне што ќе посака да остане засекогаш. Но на секоја забава мора да ѝ дојде крајот, па дедото на Вид ќе му соопшти дека тој мора да остане на островот. Разделбата од дедото за момчето е тажна, но ќе му донесе самостојност – сам со бродот успешно ќе се врати дома.

Оваа сликовница воопшто не треба да се доживува како текст за смртта, токму е обратно - илустрациите на Бенџи Дејвис фрштат со боја и живот, а односот на внукот и дедото е полн со радост. Но крајот на приказната може да се интерпретира на разни начини – разделбата можеби не е конечна, бидејќи дедо му на крајот му праќа фотографија од островот, тие можеби повторно ќе се видат. Од друга страна, останувањето на островот секако може да се толкува како смрт на дедото, а фотографијата што Вид ја примил како негово сеќавање на моментите минати со него. Бидејќи оние кои умираат никогаш всушност не нѐ напуштаат целосно, искуствата со нив се вградени во нас, стануваат дел од нашата личност, засекогаш, и тие искуства ќе ги пренесуваме понатаму, додека живееме.

ТАТКО МИ СЕ СМАЛУВА
Ема Понграшиќ
Илустрација: Томислав Златиќ

Духовита сликовница за променливиот однос помеѓу родителите и децата, видена од детска перспектива. Момчето размислува логично, и заклучува нешто лудо и неверојатно: кога бил сосем мал, татко му бил висок како џин, но набрзо започнал да се смалува, тоа значи дека сѐ повеќе ќе се смалува како што тој расте („Кога ќе почнам да работам, тато ќе биде толку мал што ќе можам да го носам на рамена. Ќе можеме да си играме дека јас сум коњ а татко ми мал каубоец или мини Индијанец. Баш забавно!“) Деталните лустрации на Томислав Златиќ придонесуваат кон духот на приказната.

„Татко ми се смалува“ всушност е приказна за растењето и одвојувањето од родителите – бидејќи тоа навистина во некоја смисла започнува веќе во градинка, родителите започнуваат да се „смалуваат“ штом на децата не им се во секој миг потребни. Како минува животот, родителската улога е сѐ помала бидејќи децата се претвораат во самостојни личности, но тоа не го менува фактот дека тој однос е од многу голема важност. За тоа сведочи и трогателниот крај – кога детето ќе стане татко, татко му толку ќе се смали што ќе стане невидлив. Но (возрасното) момче нема да биде тажно, бидејќи тогаш таткото е таман толку голем што може да го собере во неговото срце. А оној што ти е во срцето, останува со тебе засекогаш.

Крајот не мора да се интерпретира како смрт, може да се исчита и како одвоеност од некој кој ни е близок и важен.

ПЛАЧИ СРЦЕ...
Глен Рингтвед & Шарлот Парди
Илустрација: Шарлот Парди

Четири деца живеат со бабата во удобна куќичка и некој им доаѓа на гости... Веќе на првата страница илустрацијата суптилно ни доловува кој би можел да биде тој гостин – пред вратите на куќичката ја заборавил својата коса (бидејќи Смртта не е залудно позната како Косачот). Децата и непознатиот тмурно седат околу масата и децата знаат дека сеништето дошло по бабата која лежи болна во креветот. Поради тоа му нудат кафе и имаат намера што подолго да го задржат, раастегнувајќи ја таа ноќ пред смртта да мора да се врати во своето царство, дури можеби и да ја насамарат да заборави по што дошла.

Кога смртта станува од масата за да си тргне, девојчето ја прашува зошто бабата мора да замине со неа? Смртта се растажила, нејзиното срце не е мртво туку црвено како најубавото утро и чука со вистинска љубов кон животот. Затоа смртта на децата им раскажува приказна за двајца браќа, Чемер и Јад, и сестрите Радост и Среќа кои живееле одамна, одамна. Поентата на приказната е дека радоста не може без јадот, чемерот не може без среќата, па така нема ни живот без смртта. Децата сфаќаат дека веќе не смеат да ја задржуваат смртта: „Не смееме да го пореметуваме текот на животот.“

Оваа сликовница има неколку убави пораки – најважната е дека смртта е составен и природен дел од животот, но тука е и пораката за преживувањето на болката: „Плачи срце, но немој да пукнеш“, ќе им рече смртта на децата и всушност ќе им порача дека тагувањето е нормално и пожелно, но нема да нѐ уништи бидејќи после загубата и болката животот ќе продолжи.

Не е чудно што смртта се обидувала на децата умирањето да им го долови токму преку приказна – важна идеја на овие сликовници е да им дадат смисла на животните приказни, поврзувајќи ги одвоените епизоди, настани и емоции, правејќи ги полесно разбирливи. Затоа, читајте и раскажувајте им на децата приказни што почесто, откријте им го шаренилото и богатството на светот преку ликови кои проговоруваат за универзални човекови вредности, човекови мани и слабости, секако и за смртноста која е неодвоива од животот.

Извор: mvinfo.hr

ОкоБоли главаВицФото