1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Порано си живееле три другарки
доста слични, со навидум различни струки:
Титуба, Елфеба и Суки.
Суки владеела разни науки;
на неуките, на пример, им држела поуки
по кабуки, по маваши-зуки и по азбуки.
И Титуба не била денгуба:
и таа со научна титула и со убава руба
косата ја сушела под хауба.
Елфеба, скратено Феба, шарала по неба.
Дарба имала да помага, без да се колеба,
секогаш и секому кога му треба.
Но да не се лажеме:
Суки била маѓесница,
Титуба волшебница,
а Елфеба вештица.
Кога Суки маѓепсувала
лилјаци загипсувала!
Елфеба, брза вештица и весница,
ни на штица не ја фаќала несвестица!
И Титуба, се разбира, себе се отсликувала
- нежна, не груба! - додека волшебникувала.
Приквечер се среќавале на раскрсница.
Која била во шума, во гробница, ко кртица,
која на жица или штица, ко птица...
Која цел ден шарала, барала, се карала,
која изговарала, разговарала, договарала,
која одговарала, преговарала, наговарала...
Која чаре барала?
Која се разо-чарала?
Која се распарала?
Никоја!
Оти Титуба не била труба.
Елфеба не била амеба.
А Суки носела добри одлуки.
Редно е да се каже, не е сеедно:
вредно и доследно си живееле заедно
до крајот на животот: маѓесницата,
волшебницата и вештицата.
А од Суки има и внуки!
Слики: Xue Wang