Три забелешки за дополнителните мерки

07.04.2020 16:16
Три забелешки за дополнителните мерки

1. Трендот на мерки го поставивме на време и нема зошто сега да се копираат Србија, Албанија и Индија за порестриктивни мерки. Да потсетам дека во нашата земја поминаа цели четири седмици откако училиштата, стадионите, џамиите и црквите се затворија како точки на концентрација на потенцијално заразени и преносители на вирусот.

После месец дена трендот сега веќе требаше да биде обратен, кон ослободување, секако после сеопфатна анализа за досега спроведеното, со бројки споредби и сите нишани.

Иако мерките уште на почеток беа со структурни фалинки. Фабриките и јавниот превоз уште немаат ограничувања, а секако тие се собири помасовни од многу школи и верски објекти. Имено, има многу инфицирани на своите работни места и во јавниот превоз. Лекарите и полицајците се заразија на работно место токму заради неадекватните мерки на заштита на самиот почеток на опасноста.

2. За досега спроведените мерки заслужен е народот кој исплашен седеше дома, ставаше маска на лице и ракавици на раце и се трудеше да биде оддалечен од други. Тие кои сега се однесуваат како нашле па зашле да владеат со рестрикции, полиции и реперкусии треба да ги детализираат, спроведат и објаснат овие мерки за социјално дистанцирање како што е случај во правни држави каде има здравствен систем и ова сето се прави да му се помогне на тој систем да може да апсорбира, временски, пациенти.

Да потсетам дека има покренато обвинение за една болница која не примила на лекување заразен пациент, и сега ние сите спроведуваме мерки за болниците да можат да ги апсорбираат сите потенцијални пациенти од вирусот; а тие болници го одбиле и „првиот пациент“! Систематските мерки преземени во несистематска средина се само прдежи во јавност и носат други последици, од кои потоа смрдеата е најмалиот проблем.

3. Техничкава влада има технички легимитет. Да не се занесуваат многу зошто ќе бидат адекватно запамтени кога ќе бараат легитимитет на избори. Сите подеднакво, зошто во оваа влада која, ете, не се знае колку ќе потрае, владеат и едните и другите и третите. Ова е особено важно заради фактот дека последната политичка влада на чело со Зоран Заев дојде на власт и како последица на долгогодишната борба за правда и слобода.

Да, ние не се боревме за ова и дефинитивно не гласавме за ова. Значи, и тие кои беа анти нато и еу не гласаа за ова, ниту ние кои бевме и сме земјава да ни стане по европски терк слободна и праведна. А и тие анти нато анти 5Г и анти сè, не гласаа за ова зошто не ги сакаа усаид сорос нато еу америка; зошто сега да се сакаат Унгарија и Словенија?! Сорос и Орбан се од Унгарија, зарем не?!