1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Песните ги илустрираа Љубиша Камењаров, Наталиа Лукомска и Лукаш.
Гнездо од алги
Едно ајкулче си пливкало
и како пиле си џивкало.
Тоа сакало врапче да биде,
семки да јаде, на гранка да спие.
Мајка му, ајкула од пет метри
од која се плашел дури и ветрот,
гнездо му сплела од алги,
да си џивка низ морските далги.
Ајкулчето пораснало во ајкула бела
која пловела низ планетата цела.
Се дружела со галеби и корморани,
си пеела песни со албатроси и пеликани.
Секој може да биде тоа што сака,
понекогаш лесно, понекогаш со мака.
Сеедно дал’ си џуџе ил’ џин,
со сите на светот треба да си фин.
Илустрација: Љубиша Камењаров
Клукчо
Една капка
во вода се шлапка,
се фрла на глава
– каскадерка права!
Низ мориња плива,
ги освојува за час,
ептен ја бива
– вистински ас!
Јапонците ја викаат
Цунами-сан
и радосно кликаат
кога јава на бран.
А таа, тивка,
срамежлива како стих,
си пливка ли си пливка
низ океанот тих.
Илустрација: Љубиша Камењаров
Братство и единство
Ги грабнале силни молци
кутрите исплашени овци
и рува им јадат ли јадат,
со волна си се сладат.
„Ве молиме, ќе смрзнеме,
ќе се заледиме, ќе премрзнеме!
Сѐ уште ечи ладната зима,
а ние в штала немаме клима..."
„Гајле ни е!", рекле силните молци.
Ама на овчичките им текнала финта:
Ќе ги викнат на помош страшните волци
да направат интервенција итна.
Пратиле абер по овчарскиот пес
кој веднаш в трк се дал.
Во брзање го турнал малиот еж
кој носел кашмирен шал.
Волците, иако в лов пошле,
веднаш в шталата дошле.
Ги кренале штетниците на клоци,
натепани, побегнале алчните молци.
„Повелете, другари, сиренце бело
и свежо млекце - буре цело!"
Волците до ситост се најале
и како среќни кучиња залајале.
Овците, спокојни, заспале мирно,
под ѕвездено небо ширно.
И навистина е факт, а не мит,
оти овците се на број, а волкот сит.
Илустрација: Наталиа Лукомска
Магарешка песна
Во големите магарешки уши
живеат печени круши,
две гитари и мандолина,
фудбалер и трамбулина,
облаци и грмотевици,
жирафи и оперски певици,
боички и цртачки блокови
скокалница за ски-скокови,
две џуџести планети,
осум вештерки клети,
снешко и песочна кула
и математичар кој множи со нула.
Тоа е сѐ?
Секако дека не!
Има и седум светски чуда,
рудари што копаат руда,
птици облечени за на бал,
прасиња што си играат в кал,
брат му на Дедо Мраз
и вкусна пита со праз.
Тоа е сѐ?
Секако дека не!
Но, за да откриете
легнете да си поспиете,
зашто в детскиот сон
се кријат тајни тон.
Илустрација: Лукаш
Песна за мојата песка
За роденден на Вини
ѝ подарив пингвини.
Како се случи тоа?
Бев до Јужниот Пол
да купам мразулна сол,
кога в дуќан за смрзнати лингвини
видов два тажни пингвини.
„Што ви е, другари?“, ги прашав
додека готвачот вареше грашок.
„Сите од нашето племе
ни велат дека сме луди,
a ние сакаме топло време,
зашто тука ни студи."
Кутри птички поларни,
ич не им е арно...
Да ги земам ли со себе,
да ги вдомам покрај парно?
„Побрзајте другари, веќе е мрак,
спакувајте само по еден фрак.
Последниот лет е за час:
Ако ни кидне – тешко нас!"
Пингвините в ранец ми скокнаа
и од радост песничка клокотнаа:
„Јуху, ура, клококлот,
еве го нашиот пилот!
В земја топла тој ќе нѐ носи,
ќе видиме течни утрински роси!"
Пристигнавме по недела цела
од таа далечна пустина бела,
и со ранец полн пингвини
на порта ме начека Вини:
„Ав, ав, ура, јупи!
За роденден што ми купи?“
И така, за роденден на Вини
ѝ подарив премрзнати пингвини.
Илустрација: Лукаш