1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Вообичаено, ако постои поголема дистанца од фотографираното, она што фотографијата го „кажува“ може да се прочита на разни начини. Секој набљудувач во фотографијата го чита она што самиот посакува таа да му го каже. (...) Затоа, кога ги анализираме статичните слики, го употребуваме и она што го знаеме, и од други извори, за драмата во која субјектот на фотографијата учествува.
„Средба за поделба на земјата, Екстремадура, Шпанија, 1936“, често репродуцираната фотографија на Дејвид Сејмор, прикажува слаба жена што стои со бебе што цица од нејзината дојка; жената гледа угоре, можеби напрегнато или исплашено?! Фотографијата често се толкува како плашливо набљудување на небото во потрага по борбени авиони. Лицето на жената и лицата околу неа изгледаат исполнети со страв.
Но, сеќавањето на луѓето накнадно и тенденциозно ја прекроило фотографската слика, доделувајќи ѝ симболичен статус не заради она што таа фактички го прикажува (политички состанок на отворено, околу земјишни реформи, кој се случил четири месеци пред почетокот на војната), туку поради она што наскоро по снимената слика ќе се случува во Шпанија, нешто што ќе има огромен одек: воздушните напади врз градови и села, за нивно целосно уништување, кои како воено оружје првпат се користеле тогаш во Европа. Фотографијата се случила многу пред небото да го населат авиони кои фрлаат бомби врз селани без земја, исти како оние на фотографијата.
(Погледнете повторно во мајката што се грижи за своето дете, во нејзините избраздени веѓи, во нејзиниот шашлив поглед, во нејзината до пола отворена уста. Дали уште изгледа како да е исплашена? Дали сега не изгледа како да е шашлива зашто сонцето ѝ удира во очите?)
Избор: Фросина Крушкаровска
Превод: Владимир Јанковски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографии: DAVID CHIM SEYMOUR (1911-1956), Екстремадура, Шпанија, 1936 г.
Извор за текстот: Сузан Сонтаг, За страдањето на другите (Темплум, 2006)
Медиум на друм (67): Сузан Сонтаг - Демократичноста на фотографиите
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.