ЕУ река (60): За „нормалноста на фашизмот“

08.04.2020 21:53
ЕУ река (60): За „нормалноста на фашизмот“

Пјер Паоло Пазолини, кој во младоста бил активен член на фашистичката универзитетска организација, ни пренесува искуството на „нормалноста на фашизмот“. Пазолини не го доживеал фашизмот како тотална мобилизација и политизација, туку како тотална деполитизација и како застрашувачки налет на нормалноста. Подоцна, се разбира, големиот уметник се згрозувал над тоа што фашизмот го доживеал како подразбирачка нормалност. Тоа младешко искуство толку влијаело на Пазолини што тој до крајот на животот доцната капиталистичка нормалност во која живеел ја гледал како нов фашизам/нацизам. Во текстот „Крајот на авангардата“ од 1966 година Пазолини поставува мошне непријатно прашање: „Но, дали можеме да говориме за преродба на нацизмот? Дали нацизмот кога било умрел? Зарем не бевме глупаци ако поверувавме дека тој бил само една епизода? Зарем токму нацизмот не ја дефинираше ’нормалната’ ситна буржоазија?“

***

Во една студија објавена 1930 година, објаснувајќи ја природата на надоаѓачкиот фашизам, теоретичарот на филмот Зигфрид Кракауер укажува на изразените чиновнички претензии на повеќето германски службеници, чиишто економски и општествен статус всушност се граничел со статусот на работникот, или дури бил понизок од него. Иако тие луѓе од пониската средна класа веќе не можеле да се надеваат на граѓанската безбедност, тие ги презирале пореалистичките идеали и сосема им се препуштиле на халуцинациите на националсоцијализмот, губејќи го своето упориште во стварноста. Последица на тоа била менталната беспомошност; тие упорно останувале во некаков вид вакуум кој ја засилувал нивната психолошка тврдокорност. Однесувањето на таквите малограѓани било посебно зачудувачко. Ситните трговци и занаетчии, пак, биле толку незадоволни што не се ни обидувале да најдат поразумни решенија за себе и за својата класа. Наместо да разберат дека во нивен практичен интерес е да застанат на страната на демократијата, тие попрво, слично како и службениците, ги слушале нацистичките ветувања. Според Кракауер, нивното препуштање на нацистите било засновано врз емоционални опсесии попрво отколку на некое разумно согледување на фактите.


Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „Сало или 120 дена Содома“ (Salò o le 120 giornate di Sodoma; 1975, Pier Paolo Pasolini)

ЕУ река (59): Раѓањето на нововековната наука во Европа

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото