„Човекот е болно животно“

09.04.2020 13:04
„Човекот е болно животно“

Интегрална верзија на интервјуто со Никола Гелевски кое за порталот „Призма“ го направи Васко Маглешев.

 

ЗА СИТУАЦИЈАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

Интересно е како е поларизирана земјава по прашањето на справувањето со коронавирусот. Всушност, поларизација е преснажен збор; впечаток е дека мнозинството сепак ги поддржува потврдите мерки, со цел да се спасат што повеќе човечки животи. Либералното малцинство, кон кое припаѓам, на некој начин, сè уште се бори за клучниот демократски принцип: правото да се критикува власта. Ова го велам не зашто мислам дека нашата власт направила некои страшни пропусти во досегашните политики на справување со заразата, туку принципиелно.

Тоталитаризмот не може да биде поефикасен систем од демократијата – убеден сум во тоа. Една глава не може да биде поумна од повеќе глави. Полициска и воена глава не може да носи одлуки за кои нема основна компетентност. Полициската глава многу често токму ги засилува паниката и стравот, божем борејќи се против паниката и стравот.


ЗА ВЛАСТА И НАРОДОТ

Филипче се покажа на висина на задачата. Еден од ретките, за жал. Премиерот Спасовски е големо разочарување, недораснат за вакви деликатни околности. Граѓаните треба да ги храбриш и да ги фалиш, зашто огромното мнозинство многу одговорно ги следи инструкциите на власта и се придржува до нив. Дури и ако еден мал дел од населението не се однесува доволно одговорно, постојат начини власта да им се обрати ним, а не целиот народ да го третира како недоветна толпа која некој треба да ја води за рака. Никако не треба да станеме Вучиќева Србија! Колку подалеку од тој модел, од тој тип на политичари социопати (таков беше и Груевски, со целата тајфа околу себе) – толку подобро.


ЗА „ЈУНАЦИТЕ НА НАШЕТО ВРЕМЕ“

Ме нервираат два типа јуначење во овие вонредни околности. Едниот тип локални херои се спремни на најтврди полициски мерки за дисциплинирање на граѓаните; самите се нудат како урнеци на дисциплината. Вториот тип „јунаци“ се толку типични за овие простори (како, впрочем, и првите): неодговорни имбецили. Кур ми е двор ми е. Не гледаат подалеку од сопствениот нос.

Ме чуди зошто ги нема толку очекуваните херои на разумот, кои заправо најмногу фалат во вакви вонредни околности. Веројатно и ги има, но не се доволно видливи.

Знаете, дури и би се согласил со актуелните радикални метафори: ОВА Е ВОЈНА. И токму заради тоа – добро, војна е, ајде да бидеме најразумни во војната – очекувам максимум будност и максимум рационалност во трошењето на ресурсите. Либералните критичари на паничните полициски одлуки всушност само тоа го бараат: прецизни пресметки за тоа што губиме а што добиваме. И бараат смисла во „уредбите“ на власта. Ова се однесува на целиот свет, се разбира, не само на нас.

КОРОНАТА НЕ Е НАШИОТ НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ

Над 1000 луѓе годишно во Македонија умираат заради загадениот воздух. И никој не се припотресува ни за милиметар! Огромен е увозот на отпад што се согорува (десет пати поголем отколку пред десет-петнаесет години), како и увозот на стари коли, стари машини итн. Милијарди евра се украдени од граѓаните преку уништување на шумите, водите, почвата, планините, животните... Да не зборам за милијардите украдени со наместени ДУПови, ГУПови, тендери... И речиси никој не се припотресува. Јасно е дека таквата лудачка јавна неодговорност произведува енормни количини бол, страдање и смрт. И никој, повеќе-помалку, не се припотресува...

Сега, борејќи се со коронавирусот, спремни сме на повеќегодишно страдање на стотици илјади луѓе – за да спасиме 1000 животи, да речеме. Одлично е тоа, херојски е, спремен сум да учествувам, да партиципирам во жртвата. Но дали е разумно?! За тоа ни е потребен разговор. Заради тоа тоталитарната држава е глупа и лузерска.

Да бидам јасен: мерките на изолација се сосема во ред. Додуша, не оние екстремните, кои можат да создадат токму контраефект, поголеми штети. Но, строгите мерки на изолација беа принудени да ги прифатат дури и либералните Швеѓани и другите. Значи, да се вратам кај нас, ајде да ги спасиме следниве месец-два тие 1000 луѓе во Македонија, ама ајде следната година да ги спасиме и оние 1200 што треба да умрат од загаден воздух. Итн.


ЗА СФЕРАТА НА КУЛТУРАТА

Над сите прашања стои прашањето: што е култура? И тука немаме недвосмислен одговор. Меѓу другото, и болестите и начините како се справуваме со нив, се културно прашање, не само биомедицинско. Впрочем, латинскиот збор култура има врска и со вирусите; викаме „култура на вируси“. Освен во биохемијата зборот е уште жив и во земјоделието, бидејќи првично токму значел земјоделие, одгледување, облагородување... Во поширока смисла култура значи преработка и усовршување на нешто, некоја градба, некој материјал, за одредена цел. Во потесна смисла културата значи остварување на хуманите вредности во човекот и во неговите дела. Таа едновремено значи и акт, творечки процес и она што со тој процес е создадено.

Културата може да се сфати и како некаков пејсаж на меми, не на гени, ако го прифатиме фамозниот збор на Ричард Докинс.

Но, постои и славната досетка на Едуар Ерио: „Култура, тоа е она што останува кога сè ќе заборавиме."


КУЛТУРАТА ВО СВЕТОТ

Во некаква конвенционална, делумно мерлива смисла, на културата може да се гледа и како на уште една индустриска гранка, која некои ја нарекуваат културни индустрии и во која спаѓаат, освен вообичаените книги, слики, музика, филмови (музеи, библиотеки, театри итн.) и архитектурата, јавните простори, дизајнот, медиумите, граѓанскиот сектор итн. Тие културни индустрии во повеќето западни земји учествуваат во бруто националниот производ од 5 до 10%. Што значи дека станува збор за исклучително моќни општествени сегменти во кои работат многу луѓе, се вртат големи пари, и често се извршуваат влијанија позначајни од дипломатијата или војската (Холивуд е доволен пример).

Новиот коронавирус значајно влијае, се разбира, и на мерливата културна сфера во која ќе изгубат работа милиони луѓе; но, можно е да се променат и културните навики на луѓето, можно е „културната индустрија“ и на среднорочен план да доживее удари, редефинирања и репозиционирања. Што значи, одново ќе треба да ја согледуваме целокупната слика на културата, во сите нејзини разгранати значења, и нејзината улога во општеството.

КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ ПОД УДАР

Културата во нашата земја, сфатена како културна индустрија, е слаба. За жал, немаме јасни податоци за целото поле: колку луѓе работат во сферата, колку пари се вртат, и што воопшто опфаќа таа сфера. Но, сферата сигурно не е ни за занемарување. Во поширокото поле на културата сигурно директно работат барем десетина илјади луѓе, а индиректно многу повеќе.

Ударот на здравствените мерки поврзани со коронавирусот за неколку недели го покоси целото културно поле кај нас. Во финансиска смисла, на колена се сите, освен вработените во културните институции.


ЗАГАРАНТИРАН ПРИХОД ЗА СЕКОЈ ГРАЃАНИН

Во земјите на ЕУ властите веќе се мобилизираат да го помогнат културниот сектор. Веќе се издвоени десетици милијарди евра за ургентна помош. Се истражуваат разни модели на помагање. Проблем е и што многу луѓе - и во Европа, а особено кај нас - од широко сфатениот културен сектор (и не само од тој сектор) работат во „сивата зона“, надвор од радарите на Управите за јавни приходи, надвор од системот, заправо. И тие луѓе сега се под жесток удар. Во цивилизираните европски земји политиките се обидуваат да ги лоцираат и тие луѓе и да им помогнат.

Сите тие баеги комплицирани системски проблеми (кои очи бодат и низ хаосот со кој се справуваме со коронавирусот, како човештво), веројатно максимално би се намалиле со универзалниот приход за сите граѓани. За жал, мал број земји во моментов се спремни за такво нешто. Но, убеден сум дека тоа е иднината: сите граѓани треба да добиваат некаков, макар мал, загарантиран приход.


ЗА НЕЗАВИСНАТА КУЛТУРНА СЦЕНА

Во односот меѓу „институционалната“ и „независната“ култура се случи најголемата промена изминативе триесетина години, кај нас: порано институциите беа речиси единствени произведувачи на културни содржини. Последниве години е обратно: институциите се затворени во себе и сè помалку имаат волја, сила и знаење во производството на културни артефакти. Голем придонес за драстично зголемената културна продукција кај нас имаат независните иницијативи, приватниот и невладиниот сектор. Дури и сега, во кризава, со културата преселена на интернет, пак предничат поединците и независните културни работници. Луѓе од дома организираат концерти, читања, изложби, театар... И кај нас има такви одлични иницијативи, сајтови за деца, креативни уметници, информативни и одговорни медиуми... Хрватското министерство за култура деновиве ќе објави програма за поддршка баш на таа сега актуелна онлајн култура.

Надвор од тоа, културата кај нас уште не фатила подлабоки корени, да се вратиме на земјоделското потекло на зборот.
Со оглед на слабите културните потреби на луѓето (делумно и заради сиромаштијата), културата овде не успева да стане поважен општествен чинител.


ПОРТАЛОТ ОКНО

Порталот Окно е, сигурен сум, еден од тие ретки одговорни и креативни медиуми, кој носи содржини кои никој друг не ги носи, а особено културни содржини. Окно постои еве веќе дванаестта година. На Окно досега се објавени околу сто илјади прилози, и тоа е веќе исклучително вредна архива, не само во културна смисла. За короноварисот за само два-три месеци објавивме стотина прилози – теориски, културни, уметнички... Сите сериозни кризи низ кои поминуваше земјава изминативе 12 години (а ги имаше многу, особено под лудачкиот груевизам) Окно ги третираше критички и конструктивно, иако многу често беше и на удар од власта. За жал, и денес нашиот портал е пример како државата не ги согледува променетите околности во културното и медиумското поле. За сите овие години Окно речиси не добило никаква помош од државата, освен двесте илјади денари, вкупно, последниве две-три години.


МОЌТА НА КУЛТУРАТА

Културата е моќно средство за општествено влијание, тоа е ноторно јасно. Една книга (на пример, Дон Кихот, на Сервантес) за една нација може да значи повеќе од цели индустриски гранки, и тоа континуирано, во текот на повеќе векови! И тука не мислам на „духовното“, на идентитетското значење (кое исто така е огромно), туку баш на мерливото, економското значење на одредени културни артефакти. Меѓу другото и затоа новите европски политики инсистираат на негувањето на културното наследство, но во функција на развојот и на поврзаноста на луѓето.


МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

Средишна институција на културата во Македонија е Министерството за култура, една застарена, заостаната, и неефикасна институција. Како и повеќето инстуции кај нас, ми се чини, за жал. Заради слабите институции ние всушност, како општество, и немаме јасна слика за себе, за тенденциите, за сегашноста, минатото... А сето тоа во суштина се културни прашања. Авторефлексивноста, свеста за себе и за релациите со кои си поврзан со другите – тоа се културни прашања, се разбира.

Како и да е, Министерството за култура е единствениот фактор кој колку-толку може да го амортизира сегашниот удар врз културните работници. Не знам колкави се нивните можности за мобилизација во вакви тешки моменти, но не сум оптимист.

САЕМОТ НА КНИГАТА

Нам издавачите Саемот на книгата ни е најважен настан во годината – единственото место каде што можат да се заработат малку повеќе пари. Пари, кои, се разбира, не мируваат ни еден месец, туку веднаш се вложуваат во нови проекти и во исплата на долгови. Од издаваштвото – иако и тука немаме прецизни бројки – живеат неколку илјади луѓе кај нас. Издаваштвото ги помага и печатниците, дизајнерите, уметниците, писателите... Но, без грантови и поддршка не може да опстане ни еден единствен издавач во Македонија! Дури и оние кои имаат најкомерцијална издавачка програма! Многу има причини за таквата состојба, за фактот дека Македонците ем слабо читаат ем слабо купуваат книги. Книжарниците едвај опстојуваат, библиотеките пропаѓаат и немаат пари за откуп (особено е трагична ситуацијата со НУБ, една од најруинираните културни институции кај нас), не постои критика, не постојат кредибилни здруженија на издавачи (што значи, се разбира, дека вината во голема мера е кај самите нас) итн. итн. Но, и таквото неразвиено издаваштво е многу подобро од многу други актери на културната сцена, и е исклучително важно за општеството.


ПРЕПОРАКА ЗА ЧИТАЊЕ ДЕНОВИВЕ?

Читам сешто периодов. Иако јас и инаку, ко типичен универзален идиот, читам сешто: поезија, проза, теорија, популарна наука, психологија, стрипови, сликовници... Пак ја прочитав, на пример, „Генеалогија на моралот“ на Фридрих Ниче. На едно место вели: „Човекот е повеќе болен, и понесигурен, и попроменлив, и понеодреден од кое било друго животно; така што, нема сомневање – тој е болно животно.“

Пак ја прочитав и славната книга на Сузан Сонтаг, „Болеста како метафора“. Сонтаг вели: „Болеста е ноќната страна на животот, пострадалната. Секој што е роден има двојно државјанство, во царството на здравите и во царството на болните.“


ПРЕПОРАКА ЗА ГЛЕДАЊЕ?

Би го препорачал филмот Lighthouse (2019) на Роберт Егерс, со генијалните Вилијам Дафо и Роберт Патинсон. Еден од помоќните филмови што сум ги гледал последниве години. Многу комплексен, многу прецизен, речиси нема застои и падови во ритмот. Симболиката исто исто така е многу моќна, неверојатно добро е склопен тој симболички и драмски свет (Прометеј, Фројд, татковство, геј, лудило, осаменост, љубов, светлина, мистика...) со светот на сликите и атмосферата. Сè е многу прецизно, а рамката, контекстот (светилник, изолиран остров, сурова природа) се совршено избрани и искористени. Се разбира, бегство од лудилото и судбината нема дури ни во светилникот на изолираниот остров.

Насловна фотографија: Јелена Белиќ

Интервјуто во ПРИЗМА

 

ОкоБоли главаВицФото