Ромите – запоставените жртви на коронавирусот

09.04.2020 17:35
Ромите – запоставените жртви на коронавирусот

Автори: Стефан Милер, Фикрија Таир, Башким Ибиши и Драган Грачанин.

 Европските земји ја користат стратегијата на затворање обидувајќи се да го запрат ширењето на Ковид-19, го ограничуваат движењето, ги затвораат училиштата и воспоставуваат социјално дистанцирање.  

Но не сите живеат во услови во кои може да се следат тие правила. За стотици илјади Роми во Централна и Источна Европа тоа е практично невозможно.

Во Чешка, Унгарија и Словачка до Бугарија, Романија, Косово и Србија, Ромите се често сместени во пренаселени соседства со ограничен пристап до инфраструктура, вклучително чиста вода и канализација.

Во последниве декади нивната состојба е игнорирана од страна на владите со оглед на тоа што надлежните го запоставуваат процесот на формализирање на ромските населби и обезбедување основни услуги.

Сега, коронавирусот претставува сериозна закана за жителите на тие населби и за општеството воопшто.

Економските удари врз Ромите во ранлива позиција ќе бидат исто така катастрофални. Насочена поддршка за ромските заедници е поитна од кога било досега.

Најочигледен е фактот дека социјалното дистанцирање е невозможно во услови кога многу ромски семејства живеат во мали живеалишта, со многу луѓе набиени во една или две простории. Надвор, улиците се во сличен метеж, а отворените простори се ретки.

Низ цела Европа, децата се принудени да се потпрат на домашно школување и учење на далечина. Меѓутоа, многу ромски семејства немаат интернет, компјутери или електрична енергија. Во меѓувреме, локалните образовни центри за ранливите семејства се затворени.

Учениците во основните училишта во земјите како Северна Македонија и Србија може да имаат корист од телевизиската настава, која е попристапна. Но, дури и со телевизија и електрична енергија, таквото образование на далечина е тешко во раздвижен еднособен стан или барака.

Истовремено, родителите Роми, кои може и самите да се неписмени, не се во можност да помогнат со домашното школување. Може да очекуваме многу ромски деца да изгубат цела училишна година или целосно да го напуштат училиштето.

Понатаму, тука се и строгите хигиенски правила неопходни за превенција на ширењето на Ковид-19. Во Албанија, помалку од половина од ромските домаќинства имаат пристап до водовод во своите живеалишта. Toa ги прави безначајни упатствата за миење раце.

Многу Роми немаат пристап до здравствени услуги. Во Косово, само 10 % од Ромите постари од 15 години имаат здравствено осигурување. Во Албанија, бројката е 27 %.

Ромите редовно искусуваат дискриминација во здравството, и мала е веројатноста тоа да се промени во време на коронавирусот.

Како многумина во Западен Балкан, тие се навикнати да плаќаат „бакшиш“ (мал поткуп) за да го добијат третманот што тешко можат да си го приуштат. Мораат да плаќаат и за лекови, кои се исто така прескапи за нив.

Поради таквите искуства многу Роми може да не побараат медицинска грижа дури и ако е бесплатна.

Сега, да ги разгледаме економските последици од пандемијата за ромските заедници.

Од луѓето се бара што повеќе да седат дома и да ги почитуваат полициските часови. Сепак, десетици илјади Роми во Западен Балкан заработуваат преку несигурно самовработување, продавање на пазари, собирање отпадни материјали за рециклирање или макотрпна дневна работа.

Други редовно патуваат во земјите членки на ЕУ, или за да купат производи за домашна препродажба или за (неформална) привремена работа.

Главната причина за потпирање на таквите извори на приход е антициганизмот1 и дискриминацијата што со генерации ја трпат во родните држави.

Сега сите овие извори на приход се недостапни.

Според Програмата за развој на ОН, стапката на вработување кај Ромите се движи помеѓу 11 % во Босна и Херцеговина и 22 % во Северна Македонија.

Како сега да заработуваат за живот? Во единствената општина со мнозинство ромско население во Европа – Шуто Оризари во Скопје – сите тезги и продавници се затворени, оставајќи стотици семејства без приходи.

Малите бизниси на многу Роми се нерегистрирани, што ги исклучува од евентуалната владина поддршка за малите и средни претпријатија. Социјалната помош во повеќето земји на Западен Балкан е ограничена.

Исто така мора да се запамети дека многу ромски семејства немаат ниту пари ниту простор за складирање храна и средства за чистење. Дури и да имаат, како може родителите да им објаснат на своите гладни деца дека храната во куќата не е за денес туку за следната недела?

Дополнително, може да се очекува цените на основните продукти за исхрана да растат во следните недели и месеци.

Антициганизмот и недостатокот од можности ги држеа Ромите надвор од пазарот на трудот долго пред кризата со коронавирусот. Деновиве, шансите да се заработи се уште полоши.

А што кога пандемијата ќе заврши и економиите ќе се мачат да се вратат во живот? Кој ќе ги вработува Ромите тогаш? Речиси сигурно, уште помалку компании и институции од денес. Кога и како ќе можат Ромите да ги обноват механизмите за справување на кои се потпираа пред кризата?

Податоците ја покажуваат итноста да им се помогне на ромските заедници – и тоа не само заради Ромите.

Ова е вирус што не дискриминира. Во случај да ги погоди посиромашните ромски населби последиците нема да бидат ограничени на луѓето кои живеат таму. Властите треба да се подготват за долгорочните импликации од таквата ситуација.

Властите треба плански да превенираат обвинување на Ромите во случај стапките на заразени во места со бројно ромско население претерано да се издигнат. Поттикнати од гласини или од чист расизам, напади на Ромите се среќаваат низ целиот Западен Балкан и пошироко.

Спалувањето ромски населби и протерувањата и убиствата на ромските жители не се нешта што се случувале само пред 300 години. Такви чинови се случуваа и во текот на изминативе 30 години.

Некои локални и национални власти во Западен Балкан се проактивни – но многу не се.

Проактивните обезбедуваат пристојни информации за справување со коронавирусот. Доставуваат пакети храна и сапун. Дозволуваат намалување или одложување на плаќањата на сметките за струја и вода. Одново ги поврзуваат ранливите семејства со виталната инфраструктура. Владата на Косово дури и ја удвои социјалната помош.

Ромските граѓански организации се обидуваат да ја подигнат свеста за вирусот меѓу локалните заедници. Тие исто така собираат средства за поддршка и дистрибуираат хуманитарна помош и маски.

Други надлежни, пак, заземаат спротивен пристап. Во Бугарија, на пример, воведуваат рестриктивни мерки, затворајќи ги Ромите во гета и забранувајќи им да се „мешаат“ со остатокот од населението. Тавите стратегии се расистички и треба да се запрат.

Медиумите треба да бидат сензитивни и да избегнуваат издвојување на Ромите како „закана“ за ширење на Ковид-19. Властите треба ги надгледуваат социјалните мрежи за расизам и лажни вести.

Владите во регионот, заедно со Европската Унија и други земји-членки, треба да ја сфатат потребата за вклучување на Ромите во кампањите за информирање и поддршка и да обезбедат заштита доколку е потребно.

Европската Комисија ќе обезбеди 441 милиони евра за земјите од Западен Балкан за борба против Ковид-19, од кои 38 милиони наменети за итна поддршка на здравствениот сектор.

Ранливите заедници треба да бидат првиот таргет на хуманитарната поддршка. Донаторите како Европската Комисија треба да инсистираат властите да не заборават на Ромите и да им дистрибуираат хуманитарна помош.

Во меѓувреме, потребни ни се итни чекори за подобрување на санитацијата во ромските соседства и економска помош на семејствата. Граѓанските организации треба да соработуваат со властите со цел подигање на свеста, идентификување потреби и обезбедување таргетирана поддршка.

На подолг рок, владите, ЕУ, невладините организации и донаторите треба да размислуваат околу тоа како може да се подобри инфрструктурата, домувањето и вработувањето и во јавниот и во приватниот сектор. Треба да најдат начини како да поттикнат претприемништво и да култивираат подобра инклузија во училиштата.

Тоа е во интерес на сите нас.



Антициганизам е специфичниот расизам кон Ромите, Синтите, Патувачите и други кои се стигматизирани како „цигани“ во јавната свест. Иако поимот е сѐ повеќе користен во институционалниот дискурс, сѐ уште не постои општо прифатена дефиниција за неговата природа и импликации. Антициганизмот често се користи во тесна смисла за индицирањето антиромски ставови или за изразувањето негативни стереотипи во јавната сфера или говор на омраза. Како и да е, антициганизмот опфаќа многу поширок спектар на дискриминаторски изрази и практики, вклучително и бројни имплицитни или скриени манифестации. Антициганизмот не се однесува само на она што се вели, туку и на она што се прави и што не се прави. За препознавање на целосниот импакт неопходно е негово попрецизно разбирање.


Стефан Милер е надворешен консултант на Централниот совет на германските Синти и Роми во Германија. Фикрија Таир е НВО-активистка од Северна Македонија, магистерка по јавни политики. Башким Ибиши е извршен директор на „Advancing together“ од Косово. Драган Грачанин е извршен директор на Асоцијацијата на координатори за ромски прашања во Србија.

Авторите се вклучени во „Towards a New Policy with Roma in the Western Balkans“, иницијатива на Централниот совет на германските Синти и Роми (Zentralrat Deutscher Sinti und Roma) во соработка со Roma Active Albania (Албанија), Otaharin (Босна и Херцеговина), Advancing Together (Косово), Voice of Roma, Ashkali and Egyptians (Косово), Phiren Amenca (Црна Гора), Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико (Северна Македонија), Асоцијацијата на координатори за ромски прашања (Србија) и Forum Roma Srbije (Србија). Иницијативата е поддржана од Германската канцеларија за надворешни работи.

Текстот е првично објавен на Balkan Insight.

ОкоБоли главаВицФото