Четвртата криза на либерализмот. Како да го зачуваме? И зошто?

10.04.2020 00:44
Четвртата криза на либерализмот. Како да го зачуваме? И зошто?

На триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид објавив текст во кој анализирав некои импликации од овој историски настан при што ги споменав трите кризи на либерализмот во последните дваесетина години - првата започна со рушењето на „близначките“ во Њујорк 2001 година, втората со големата економска криза во 2008 година, а третата со мигрантската криза во 2015 година. Првата доведе во сомнеж дека е можно целиот свет да се изгради на либерално-демократски основи и дека некои права и слободи се универзални и неповредливи; втората посериозно го отвори прашањето за либералниот капитализам и слободниот пазар; третата ја доведе во прашање „отвореноста“ на европските и светските општества и формалното начело на државјанството и гостопримството. Сите резултираа со поместувања на политичкиот спектар, а најзначаен секако е продорот на десниот популизам.

Четвртата криза на либерализмот ја живееме во моментов - пандемијата со коронавирусот и нејзините пропратни (и идни) социоекономски, политички и вредносни последици. Во текстов целта е да се анализира во што сѐ се согледува оваа криза на либерализмот, кои се нејзините можни последици и теоретски да се објасни со помош на концептот на Агамбен (и Шмит) за „вонредната состојба“ кој на мала врата ги воведува големите политички филозофи од почетокот на нововековното сфаќање на политиката - пред се Жан Боден и Томас Хобс.

Драмата со коронавирусот ескалираше енормно брзо. Има повеќе од еден месец, а темата само што почна да се воведува, а пред два месеци тоа беше само нешто што се случува во далечната Кина. Владата спроведе, за себе карактеристичка тактика за „дедраматизација“, лесно (иако сѐ се случува брзо) воведување сѐ построги мерки, никогаш не нарекувајќи ги со вистинското име. Еден ден, сосема несвесно, се разбудивме во карантин. И во вонредна состојба. Исто така, веќе никој не зборува за „инфодемија “, иако тоа беше првата реакција - сега се покажува дека оние кои пред еден месец на првата појава на заразата во Хрватска навалија во продавниците по тоалетна хартија, брашно, масло, шеќер и сол - дека тие се гласници на билската иднина. Да се каже дека ја живееме историјата не е некаква утеха.

Дури некои вредности се менуваат, односно се прилагодуваат - на пример, границите наеднаш станаа мошне важни и за оние кои до неодамна беа заговорници за отворени граници (од fuck the borders до lock the borders), а репресивните мерки на државните власти се прифатливи и за активистите за човекови права. Важи и обратното - меѓунационалната солидарност и фактот дека во суштина нема големи разлики помеѓу луѓето им стана јасна и на тврдите „суверенисти“ и заговорниците за решенија на ниво на државите-нации. Интересно е како едно битие на границата на живиот и неживиот свет само така успева да направи пресврт во целиот свет и општествените вредности.

Значи, во што сѐ се согледа оваа криза на либерализмот? Се доведуваат во прашање и се суспендираат одредени слободи и права (како нужна мерка), некои авторитарни држави се покажуваат како посупериорни во соочувањето со кризата (на пример, Кина), пазарите се суспендираат, се ограничува слободата на претприемништвото, се затвораат границите и за стока и за луѓе, непазарните модели во здравството се покажуваат како супериорни, здравјето се појавува како безбедносно прашање, сѐ посилна е неизвесноста заради понатамошното социоекономско раслојување, никој не го доведува во прашање државниот интервенционизам, туку само колку и каков државен интервенционизам ни е потребен... Оваа криза го погодува светот и неговата децениска доминантна идеологија (барем од аспект на западниот свет) повеќе отколку досегашната криза, и тоа на сите нивоа: од начините на индивидуалниот живот до меѓународниот поредок - практично нема сфера која не е допрена.

Најпосле, изјавата на британскиот премиер Борис Џонсон од карантин дека „постои општество“ (втор воведен цитат) на еден симболичен начин (најмногу затоа што Џонсон е член на партијата која на крајот на минатиот век ја разведруваше и облекуваше Маргарет Тачер е позната по изјавата дека „не постои такво нешто какво што е општеството, туку само поединци и нивните семејства“ во темелите го погодува поредокот кој веќе повеќе децении е несомнен ширум целиот политички мејнстрим. Некој ќе го нарече „неолиберализам“, некој само „тачеризам“, но и британските лабуристи под Тони Блер усвоија голем дел од постулатите на тој поредок заради што и програмата New Labour на Тони Блер се нарекува само продолжелние на тачеристичката политика во лабуристичко, наводно левичарско руво. Како сега одеднаш според зборовите на ториевскиот премиер сепак постои општеството?

Прво да забележиме дека се работи за парадокс, впрочем за своевидна Шредингерова мачка (или, ако некому е помило, за лакановски расцепен субјект кој функционира според принципот: „мислам таму каде што не сум, значи таму сум каде што не мислам“. Имено, токму сега општество - нема. Сега имаме само поединци и нивните семејства и силна држава, меѓу кои нема ништо. Државата и поединците (нивните животи) паѓаат во една точка доаѓајќи од сосема различни страни. Со тоа се приближуваме до самата суштина на суверенитетот и вонредната состојба. Јасно, тоа не беше намерата на тогашната изјава на Маргарет Тачер, но во еден неверојатно перверзен облик и својата „голост“ се огледува и денес - и баш денес кога нејзиниот наследник во партијата и државата вели дека општество - има. Како и да е, либералниот поредок се најде во криза, можеби и најголемата досега, многу поголема и посеопфатна отколку кога е испровоциран конфликт на цивилизациите, кога банките ја изгубија рамнотежата и кога на границите од Европа се најдоа мноштво луѓе без документи.

Различни држави различно одговараат на актуелната криза, но многу воведоа вонредна состојба, независно од тоа дали ја декларираа или не. Тешко е поинаку да се нарече состојбата во која се забранува движење во самата земја, во која привремено се затвораат работни места, се става под надзор секој престој во јавноста, се воведува полициски час, се најавуваат прислушувања на мобилните телефони и слично. Често само одредени уставни импликации и ситни политички игри го спречуваат конечното официјално декларирање вонредна состојба, но тоа не значи дека тоа не е де факто на сила. Некои наши соседни земји како Унгарија и Србија се претвораат во отворени диктатури, а освен нив уште некои земји, како на пример, Полска, Израел и Словенија, користат репресивни мерки и за пресметка со неистомислениците или за дисциплинирање на сопствените граѓани и без оглед на здравствената цел.

За да ја разбереме вонредната состојба и нејзината политичка онтологија, ќе ни користи Џорџо Агамбен, еден од попознатите современи теоретичари на вонредната состојба и политички филозоф кој особено се занимаваше со прашањата на биополитиката и суверенитетот. За да го долови разбирањето на вонредната состојба, ја користи дијалектиката помеѓу суверенот и хомо сакерот сведена на „гол живот“. Агамбен тврди дека една од главните карактеристики на политичката модерна е влегувањето на зое во светот на политиката, односно политизацијата на „голиот живот“, што претставува радикална трансформација на политичко-филозофските категории на класичната мисла. И покрај тоа, тој „гол живот“ настојува да се трансформира во форма на живот - во биос, што значи дека сега „голиот живот“ се третира како политичко прашање пар екселанс. Непостоењето граница помеѓу „голиот“ и „квалификуваниот“ живот, помеѓу оикосот и полисот (во антички термини), помеѓу преживувањето (нужноста) и слободата, главна карактеристика на модерната политичка филозофија е и влегувањето на биополитиката на вратата на политичката сцена.

Тоа радикално го менува сфаќањето на суверенот и суверенитетот кој од почетокот на нововековната политичка филозофија се сфаќа како деперсонализирана, апстрактна, апсолутна и неделива јавно-политичка власт. Важен прилог за теоријата на суверенитетот, што претставува мост кон Агамбен, дава Карл Шмит кој ги обележува трансценденталните граници на правниот поредок - суверенот во исто време е и вон и во правниот поредок, што значи дека легално може да се постави надвор од законот („јас, суверенот, кој сум надвор од законот, прогласувам дека ништо не е надвор од законот“). Тоа ја објаснува вонредната состојба - во неа суверенот ја покажува сета своја суштина, односно во моќта да прогласи вонредна состојба (nomos, Rechtskraft) - да одлучи за исклучокот (Ausnahme), да се постави како точка за индиференција помеѓу насилството и правото, помеѓу природната и граѓанската состојба, помеѓу „голиот живот“ и политиката. Тоа значи дека во вонредна состојба природната состојба и правото го преминуваат и едното и другото, што со други зборови значи дека природното право за зачувување на сопствениот живот станува највнатрешно јадро на политичкиот систем. Целата суштина на вонредната состојба, според Агамбен, така се состои во цитатот кој е лајтмотив на овој текст. Тоа е впрочем она примордијалното политичко, автентично политичко, поизворен политички однос од шмитовата опозиција на пријателите и непријателите. Вонредната состојба и јакнењето на таквата функција на суверенот ни пружа уште една важна лекција која би можеле да им ја упатиме на оние кои во последните години, најмногу ширум европскиот континент, себеси неуко се нарекуваат „суверенисти“, а за Боден и Хобс веројатно не слушнале никогаш - ние живееме токму во несвесниот влажен сон на „суверенистите“. Во моментов на дело е светот според нивна мерка, а тие не го знаат тоа.

Бидејќи моментално живееме во вонредна состојба (не е важно дали таа е декларирана de iure) за која не знаеме колку ќе потрае и бидејќи во моментов можеме да ја искусиме таквата крајна политизација на „голиот живот“, не можеме да не се запрашаме какви консеквенци има тоа за политичката рамка на либералната демократија и дали тоа го менува самиот карактер на либералната држава. Дали таа е либерална само во „нормална состојба“ или, како што ни е познато од Хобс, вонредната состојба ни е инхерентна? Имајќи го тоа предвид, дали е време да се размислува за политичка алтернатива од другата страна на либералниот концепт на државата кој, очигледно, живее од исклучоци и потсетува на римскиот бог Јанус?

Во таа смисла, кога дел од државата ја авторизира својата власт (доволен пример се соседните Унгарија и Србија), се отвораат дискусии кои, сосема оправдано, го поставуваат прашањето дали и колку е загрозена демократијата. Иако со правилни намери, прашањето е малку терминолошки погрешно поставено, зашто вистинското прашање не е дали е загрозена демократијата и колку е загрозена либералната демократија, односно политичкиот либерализам кому е својствено ограничувањето на моќта - не само на тесните елити на власт туку и ограничувањето на моќта на самиот демос. И тука повторно ни е важен Шмит кој јасно нагласува дека е илузорно строго да се спротивставуваат диктатурата и демократијата и дека демократијата како чиста форма може да биде укината со самата демократија. На тоа предупредува кога зборува за парадоксалната позиција на радикалниот демократ - дека тој во момент кога постои опасност демократијата да се отстрани со самата демократија, мора да одлучи да остане демократ и против мнозинството или да се откаже од себеси: „Кога демократијата ќе добие содржина на некаква вредност која се заснова на неа, веќе не може да биде демократ (во формална смисла) по секоја цена.“

Конститутивно обележје на либерализмот е ограничувањето на политичката моќ, а оксиморонската позиција на либералната демократија се состои токму во тоа - во извесни граници, рамки, да го стави владеењето на мнозинството, односно народната сувереност. Во околности кога за „повисоко добро“ се ограничуваат човековите права и слободи, кога се заобиколуваат либерално-демократските (не само демократските!) процедури, кога јакне егзекутивата и им се даваат овластувања на телата кои за тоа немаат уставни овластувања, кога се ограничува приватната сопственост и правото на работа, кога се секуритизира здравјето, а медицинскиот дискурс се милитаризира, кога помеѓу државата и поединецот нема посредник ни во форма на општество, но во форма на автономни сфери, тогаш оправдано може да се зборува за криза на либерализмот. Зашто, во прашање се доведени сите нивоа кои веќе се погодени од трите кризи на либерализмот по падот на Берлинскиот ѕид - универзалноста и неповредливоста на одредени права, слободниот пазар и саморегулативноста на пазарите и „отвореноста“ на државите и слабеењето на границите.

Оваа криза, која е и политичка и социоекономска и јавно-здравствена, отвора прашања како да се имагинираат нови политички светови. Иако ја бележи својата четврта криза во последните дваесет години, можеме да кажеме дека тоа не значи ништо, за жал или за среќа, дека либерализмот е мртов, ниту треба да се прогласи негов крај. Тоа значи дека тој веројатно ќе пронајде некој нов модалитет на управување - зашто сите прашања кои се поставуваа и пред оваа криза како длабоко политичко-идеолошки во суштина се сведуваат на прашањата на технологијата на управувањето - повеќе глобализам или „суверенизам“, повеќе наднационални институции или егзекуции на национални држави, поотворени и или позатворени граници итн. Сето тоа се само технологии на управување кои повеќе или помалку можат да се користат во одреден момент.

Излегувањето од пандемијата ќе остави криза - можно понатамошно дисциплинирање на општеството за различни цели, јакнење на државата и нејзините извршни овластувања, злоупотреба на вонредната состојба, државен интервенционизам кој ќе сервисира само одредени (често тесни) класи и групи, дисбаланс на светската моќ, мноштво нереди и неартикулирани протести кои нема политички да се организираат на конструктивен начин итн. Во три нешта сепак би требало да бидеме сигурни: прво, важно е дека „општеството постои“ (Борис Џонсон не ни откри топла вода, но неговиот симболично бласфемичен однос кон тачеристичкото наследство не треба да се занемари во таа смисла) зашто без него сѐ е перманентно вонредно. Второ, треба да се одржи либералната демократија како политичка рамка која пружа баланс помеѓу владеењето на народот и ограничувањето на таа моќ, кој пружа автономија на сферите и поделба на власта, кој пружа рамка за плурализмот на сите основи - без тоа алтернативата нема да биде некаква утопија, туку општество на „среќни робови“ зашто силата ќе биде масовно легитимирана, како што тоа е случај со сите политички феномени на модерната. И трето, дека животот сведен на својата особеност, „голост“ (зое), односно сведен на преживување навистина не е вреден да се живее на подолги патеки. Ако за Спиноза копнежот за останување во своето битие е самата суштина на човекот, како што вели во делот „За човечкото ропство или за силата на афектот“ од својата Етика, тогаш тоа останување во сопственото битие не е само останување во битието во обична биолошка смисла туку и во она што го квалификува човекот како човек, што го одвојува од голиот анималитет. Тоа е слобода и способност за менување на сопствениот свет. Но притоа не смее да се занемари дека и во „нормална состојба“ многу животи се „соголени“, сведени на голо преживување, без да им е впишана некaква „вонредност“. Кога таквата „соголеност“ и „вонредност“ би се обиделе да ја решаваме во „нормална состојба“, тогаш тестот на новата криза и разумната политичка имагинација би бил положен.

Илустрации: Sam Alden

Извор: http://ideje.hr

ОкоБоли главаВицФото