Комуналците немаат дозвола за работа во полициски час

11.04.2020 11:15
Комуналците немаат дозвола за работа во полициски час

Ѓубрето од контејнерите низ Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ ќе го собира до 16 часот. Претпријатието нема дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работи за време на полицискиот час, кога улиците се празни и многу поефикасно ќе ја завршат работата.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани вели дека сега работат со лимитирано време, што им создава одредени потешкотии бидејќи е потребно повеќе време да се собере и депонира отпадот со едно возило, па пак да се врати на друга локација. Во Скопје има 6.000 контејнери од кои секојдневно се собира ѓубрето.

„Ќе работиме колку што е дозволено. Препораките беа да не работиме за време на полицискиот час и со тоа сега работиме со лимитирано време. Сега е многу потешко да организираме цела механизација да излезе од база и да се врати до 16 часот. Поради лимитираното време, одлучивме ѓубрето од индивидуалните домаќинства наместо два пати да се подигнува еднаш неделно. Ги молиме граѓаните за разбирање во овој период“, рече директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

Директорот Шабани заедно со раководството на претпријатието денеска им се приклучија во работата на комуналните работници. Рече дека на овој начин сакаат да дадат поттик на нивните вработени.

„Се облековме во ХТЗ униформа и еден ден во месецот и ние ќе бидеме работници на Комунална хигиена и не се срамиме од тоа. Сакаме да изразиме поддршка за нашите херои кои во денот собираат околу 500 тони отпад. Ова е еден поттик за нашите работници во оваа пандемија, кога сите здравствени установи повикуваат на зголемена хигиена, а тие се луѓето што ја одржуваат чистотата во градот“, рече директорот Шабани.

Тој кажа дека секое утро ќе се мијат улиците и булеварите низ градот, а ги повика граѓаните да не фрлаат кабаст отпад во и околу контејнерите бидејќи тоа им создава дополнителни проблеми во работата.

Извор: sdk.mk

 

ОкоБоли главаВицФото