Зошто сме фасцинирани од балконите?

11.04.2020 14:14
Зошто сме фасцинирани од балконите?

Фредерико Сириани, музичар од Торино е навикнат да учествува на мали свирки во неговото соседство. Но кога му се придружи колешката Федерика Малиано за на балконот да отсвират концерт во живо за нивните соседи во карантин, чувството било сосема поинакво.

„Кај оние што нè слушаа од балконите, навистина можеше да се види дека имаат чувство како да се случило  чудо“, вели Сиријани. „Многу луѓе се заблагодарија што им овозможивме да се почувствуваат помалку осамени“.

Како и милиони Италијанци, Сириани е затворен во својот дом, откако во земјата на 9 март се прогласи општ карантин за да се забави ширењето на коронавирусот. Како милиони луѓе во урбаните центри ширум светот, чии влади воведоа слични мерки, Сириани го открива својот балкон како врска со надворешниот свет и извор на надеж и поврзаност во време на присилна изолација.

Изминатиот месец, Италијанците во карантин излегуваа на своите балкони да ја пеат националната химна, да прават огномет, да изведуваат арии од опери и да им аплаудираат на здравствените работници, сето тоа во обид да го подигнат колективниот морал во земјата. Многу од јавниве практики во време на пандемија брзо се раширија низ целиот свет. Сега, бидејќи повеќе од половина од населението на планетата е под некаква форма на мерки за изолација и социјална дистанца, балконите од Мадрид до Мумбаи, од Чикаго до Хамбург и до Александрија, одеднаш станаа главната сцена и потсетник за важноста луѓето да погледнат надвор од својот дом и да се поврзат со нешто поголемо од самите нив.

Сепак, и покрај новопронајдените културни значења на балконите, овие многу стари платформи во историјата долго време се користат за да се собере и инспирира народот. На крајот на краиштата, една од најпознатите романтични сцени во западната литература, „Ромео и Јулија“ од Шекспир, се случува на балкон. Од еден балкон во Кејптаун тогаш новоизбраниот Нелсон Мандела му вети на народот ново поглавје во историјата на Јужна Африка. Впрочем, папата од еден балкон во Ватикан секоја недела благословува милиони верници. Илјадници години балконите биле значаен архитектонски белег и низ вековите нивната функција постојано се развивала и прилагодувала на локалните култури и обичаи.

Во нејзината книга „Сончевата светлина и сенката во првите градови“, урбаниот археолог Мери Шеперсон (Mary Shepperson) посочува дека балконите веројатно датираат од 3000 п.н.е. во Иран, каде античките жители на Месопотамија граделе надземни парапети за да направат сенка на улиците. Сепак, многу историчари веруваат дека Микенците се првите кои во 1400-та п.н.е. година започнале да градат балкони за да ја зголемат природната светлина и вентилацијата на воздухот.

Во книгата „Стар Египет: Анатомија на цивилизацијата“, британскиот археолог Бери Кемп (Barry Kemp) опишува како балконите на палатите биле дизајнирани како театарска сцена за лидерите да се појавуваат пред своите поданици. Оваа практика низ историјата одекнала безброј пати. Во антички Рим, еден од најраните балкони, маенеумот, бил платформа на отворено за императорите и сенаторите да ги гледаат гладијаторите кои се натпреварувале во Колосеумот и да бидат видени од јавноста. На почетокот на Втората светска војна Адолф Хитлер најави анексија на Австрија од балконот на Империјалната палата во Виена. А седум години подоцна Винстон Черчил му се придружи на британското кралско семејство на балконот на Бакингемската палата за да го прослави крајот на војната.

Како што се развивале, дизајните на балконите станувале сè подетални. Во средниот век биле градени затворени балкони - машрабија - со раскошни орнаменти на решетките, за да им овозможат на жителите да уживаат во свежиот ветар додека се придржуваат кон исламските закони за приватност. Во ренесансата балконите поврзани со скали станале дел од многу италијански згради, откако архитектот Донато Браманте го открил дизајнот на неговиот Палацо Каприни во Рим.

Венеција е особено позната по големиот број балкони, бидејќи архитектите барале начини да го зголемат пристапот до свеж воздух во тесниот град. На посетителите од северна Европа ваквите врамени платформи им изгледале егзотично: во неговиот патепис од 1611 година британскиот патеписец Томас Коријат објаснува дека само во Италија го забележал постоењето на „мали тераси“ чија цел е да им овозможи на луѓето „да размислуваат и да го гледаат градот во посвежите вечерни часови “.

Но колонизацијата беше таа што ги донесе балконите насекаде низ светот. Денес иконичните малтешки затворени балкони  и сличните затворените балкони на Андалузија, во Шпанија, веројатно биле градени под влијание на поранешните мавритански земјопоседници. Балконите од ковано железо, пак, кои можат да се видат од Виетнам до Њу Орлеанс потекнуваат од нивните поранешни француски владетели.

Во 19-от век Европа претрпе период на интензивна урбанизација и како резултат на тоа балконите станаа симболи на современиот животен стил на големите градови, инспирирајќи многу писатели, поети и уметници. Францускиот сликар Едуард Мане ја скандализираше јавноста со своето дело од 1869 година, „Балконот“, со неговиот портрет на две жени и еден маж кои од балконот го гледаат уличниот живот. Тоа предизвика еден критичар да порача: „Затворете ги ролетните!“ Италијанскиот сликар Умберто Бочони го прикажа интензитетот на урбаниот живот во 20-от век во неговото дело „Улицата влегува во куќата“ од 1911 година, каде што уличните звуци и хаосот преку балконот влегуваат во приватниот простор на домот.

Според Шејла Крејн (Sheila Crane), раководителка на Катедрата за историја на архитектурата на Универзитетот во Вирџинија, дел од нашата колективна фасцинација со балконите лежи и во нивната позиција да бидат порта. „Балконите делуваат како меѓупростори што го премостуваат јавниот и приватниот живот“, вели таа, цитирајќи го францускиот социолог Анри Лефевр кој напишал за балконот дека е „прекраснен изум и место каде што најдобро може да се сфатат променливите ритми на градскиот живот“.

Во градовите низ Медитеранот, овие „минливи ритми“ инспирирани од балконите честопати биле овековечувани во уметноста на 20-от век. Во филмот во 1960 година „Од римски балкон“, еден разговор на балконот води кон епска љубовна врска. Во одата за Тел Авив, рефренот на израелската хит-песна под наслов „Мирспот“ (Балкони) од 1961 година, вели: „балкон се гледа со балкон... ова е град на балкони“. И во романите на Елена Феранте, кои се случуваа во 1950-тите години, балконите честопати служат како нешто што ги замаглува линиите помеѓу јавниот и приватниот живот.

Сепак, покрај нивната културна важност, балконите честопати служеле и како простор за започнување на политички промени. За време на војната за независност на Алжир со Франција, во 1950-тите и 60-тите години, балконите станаа место на масовни протести откако владата забранила јавни собири. Како што објаснува Крејн, жените кои се бореле за независност излегувале на балконите и пееле посмртни песни и тажалки за да ја изразат колективната жалост; оние пак, кои биле за Франција тропале на лонци и тави.

Овие координирани перформанси потсетувале на социјалните и театарските улоги што ги имале балконите во историјата. „До појавата на телевизијата гледањето луѓе од балконите беше познат начин на вечерна забава“, вели Керолин Аронис (Carolin Aronis), професорка на Универзитетот во Колорадо, која со години ги истражува балконите во Тел Авив и Медитеранот. „Но, технологиите, како што се телефонот, телевизијата и клима уредите, постепено ги затворија луѓето во становите“. Според Аронис, во изминатите 50 години, балконите ширум светот изгубиле дел од улогата што некогаш ја имале во урбаниот живот.

Но, денес, присилната изолација поради пандемијата на коронавирусот, на некој начин, повторно придонесува за создавање ново обединувачко искуство. Како во голем дел од карантините во светот, се појавија безброј примери за културата на балконите која ги зближува луѓето и нуди чувство на поврзаност.

„Во овој стан живеам веќе три години и никогаш не комуницирав со моите соседи“, вели Антонија Де Зарло, 28-годишна студентка по медицина во Фиренца. Од почетокот на карантинот во Италија таа поминала многу попладниња пиејќи кафе и разговарајќи со соседите од нејзиниот балкон. На 23 март, денот кога дипломирала, нејзините соседи ја изненадиле со подароци, кои ѝ ги дале со помош на дршка од метла. Таа ова го објави на Фејсбук и снимката стана вирална.

„Денес технологијата веќе не ги тера луѓето да се оддалечуваат од балконите“, вели професорката Аронис. „Таа им помага на луѓето повторно да ги откријат како социјални простори“.

И навистина, благодарение на социјалните мрежи, изведувачите на балконите сега можат да сметаат и на физички и на виртуелни гледачи. Кога Сириани го свирел својот прв карантински концерт, на 16 март, околу 3.000 луѓе од целиот свет во живо го следеле преку Фејсбук. „Имавме виртуелни соседи кои ни испраќаа пораки на социјалните мрежи и физички ракоплескаа од нивните балкони“, вели тој.

Розалба Дуранте, пензионерка од Торино, го користи системот на макара за да им пренесе храна на соседите. „Идејата започна кога една сосетка прати порака преку WhatsApp во групата од нашата зграда велејќи дека сака да сподели торта направена од нејзината ќерка“, објасни таа. „Сфативме дека сите ќе имаат корист од споделување на храна и други предмети директно преку балконите“. Во овој мал проект на Дуранте во моментов се вклучени уште пет соседи. „Сите сега се бориме“, вели таа. „Важно е да најдете начини да се забавувате заедно.“

Слични сцени има и во други градови низ светот. Бет По и нејзиниот сопруг Џо, со кој 38 години се во брак, живеат во карантин во различни оддели на истиот пензионерски дом во Њу Орлеанс. Тие сега се поврзуваат преку балконот во карантинска верзија на Ромео и Јулија: Бет стои на паркингот, додека Џо седи во својата инвалидска количка на балконот на третиот кат. Во Мадрид жителите од населбата Хоталеза организираат бинго турнири на балкони. Луѓето низ индиските градови се домаќини на балконски концерти користејќи тави и тенџериња - слично како што тоа го правеа жените во Алжир пред повеќе од 50 години.

Аронис се надева дека овие моменти на поврзаност, по завршувањето на карантинот, ќе нè наведат да ги преиспитаме балконите како социјални простори. „Балконите обезбедуваат нешто што дигиталните технологии не можат: чувство на заедница и автентично чувство на застапување за другите“, вели таа.

И младата Де Зарло го повторува ова чувство. „Карантинот ќе заврши и сè ќе биде во ред“, вели таа, „но не треба да го забораваме ова чувство на заедница“.

Извор: BBC