ЕУ река (62): Европа (1)

11.04.2020 18:48
ЕУ река (62): Европа (1)

Постојано му се враќаме на изворот од одреден сегашен исход. Затоа при анализирањето на европскиот идентитет и освртот на неговиот извор можеме да почнеме со знаците од нашето време. Таков знак е токму укинувањето на смртната казна во Европската унија. Во таа смисла францускиот филозоф Жан-Пјер Фаје го изјавува следното: Европа егзистира таму каде што веќе нема смртна казна (L'Europe existe la ou la peine de mort n'existe plusu). Како дојде до нејзино укинување? Што се случи со укинувањето на смртната казна? Зошто тој настан од клучно историско значење можеше да се случи единствено и само во Европа?

Европа со христијанството во себе го презема египетското златно правило на меѓучовечките односи од пред 4000 години, будистичкото нагласување на светоста на животот од пред 2600 години, античкото почитување на „законите на мртвите“ (посведочено во Антигона на Софокле) и го исцрта просторот на човечкото достоинство. Достоинството на луѓето како божји деца, заедно со братството меѓу нив, европското просветителство го адресираше на човекот независно од неговото потекло. Достоинството го препозна човекот како елемент кој спаѓа во самата природа на човекот, го призна, значи, човекот како човек, со што веќе го отвори патот до („природните, неотуѓивите и светите“) човековите права како универзални претпоставки на човечкото општество како хумано човечко општество, како општество во кое веќе нема смртна казна. Под влијание на просветителството царот Јосип Втори ја укина смртната казна уште во 18 век. Иако неговиот наследник ја воведе повторно, се зачува свеста дека смртната казна не е ни саморазбирлива ни нужна.

Американската декларација за правата од Вирџинија (Bill of Rights) (1776) и француската Декларација за правата на луѓето и граѓаните (1789) сѐ уште не се повикуваат изречно на достоинството на човекот. Заговорник на човечкото достоинство, во спротивност со тогашната Католичка црква, е Џовани Пико дела Мирандола во своето дело Oratio de hominis dignitate (1846), но филозофски го втемели Емануел Кант, кога под закрила на категоричкиот императив заклучи дека човекот никогаш не смееме да го третираме само како средство, без разлика дали станува збор за економски, политички, религиозни или високи идеолошки цели.

Заради ужасните искуства на нечовечност во текот на Втората светска војна, човечкото достоинство во фокус го поставија Повелбата на ОН (1945) и Универзалната декларација за човековите права на ОН (1948), која почнува со зборовите дека „признавањето на вроденото достоинство и еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човечкото семејство“ означува „темел на слободата, правдата и мирот во светот“. Во декларацијата смртната казна не е изрично забранета, но нејзиниот петти член забранува мачење: „Никој не смее да биде подложен на мачење или сурова, нечовечна или понижувачка постапка или казнување.“ А која постапка би можела да биде попонижувачка и понечовечна, проследена со психички и телесни измачувања, од постапката на која во текот на подготовката за усмртување и низ самото усмртување е подложен осудениот на смрт? Доволно е да се прочита книгата на Фуко Надзор и казна, каде во поглавјето „Впечатливата глетка на мачењето“ се опишуваат морничави случаи на извршување смртна казна на кои им претходеле долготрајни и ѕверски мачења.

Најлоши ужаси и „банкроти на човечноста“ во Европа се случија за време и по завршувањето на Втората светска војна. Затоа не е чудно што токму демократска Европа, свесна за трагичноста на настаните од својата најнова историја, најцврсто се прикова за Универзалната декларација за човекови права. Сојузна Република Германија ја внесе недопирливоста на човечкото достоинство во првиот член на својот Основен закон, односно текстот што го надополнува уставот. Наскоро потоа во цела демократска Европа започнаа дискусии за смртната казна и нејзиното укинување. Еве што вели за смртната казна Меморандумот на Европската унија: „Помина многу време откако европските земји, во практиката или законските одредби, се определија за човечноста, ја отфрлија смртната казна и на тој начин ја искажаа својата почит кон достоинството на човекот. Тоа начело има првостепена важност, и Европската унија сака да ги сподели и другите основни вредности и начела, како слободата, демократијата, правната држава и заштитата на човековите права, исто како што ги споделува и со сите други земји. Ако успее да ја постигне таа цел и Европската унија и другите земји ќе остварат напредок во корист на човештвото.

После „страшните грешки“ што ги направи американската влада после 9 септември, американскиот филозоф Ричард Рорти во својот текст Понижување или солидарност изјави дека очекува дека Европската унија ќе биде таа која ќе биде кадарна да обликува „алтернативен концепт на светски поредок“. Споменатиот концепт не би содржел само „проект за нов меѓународен поредок“, туку и нова визија: „Европската унија ќе мора да му ја покаже иднината на светот на која Вашингтон ќе реагира со презирен подбив. Таа ќе мора да поднесе предлози за преработка на Повелбата на Обединетите нации и водечката улога на ОН во програмата за атомско разоружување на светско ниво. Таа ќе мора да ги сонува соништата кои на реалполитичарите им се чинат апсурдни.“ Ширењето на Европската унија, поврзано со (можно) прифаќање на европскиот устав или уставен договор, Рорти го поздравува како прв чекор на патот кон „глобална федерација“ и „космополитски“ поредок кој се темели на меѓународното право. Проткаен со традицијата на САД, Ричард Рорти тој пат, заедно со Јирген Хабермас, додуша го поврзува со превладувањето на националната држава, така што „почетокот на новата свест за заеднички европски идентитет“ погрешно го изедначува со почетокот на настанувањето на „заедничка европска држава“, но таквата негова колизија со европското наследство само покажува и докажува дека задачите кои ја чекаат Европа при обликување на визијата за иднината не само што се многу поголеми, туку се и многу потешки од оние за кои се размислувало досега. Според Жак Дерида: „Не станува збор за желба за конституција на една Европа која би можела да биде една друга воена супермоќ, која би го штитела својот пазар и со тоа би била противтежа на другите блокови, туку Европа која би можела да посее семе за една нова алтермондијалистичка политика. За мене тоа е единствениот можен излез... Кога велам Европа, тоа е: една алтермондијалистичка Европа која ги трансформира поимот и практиката на сувереноста и меѓународното право“.

Кога станува збор, како што вели Дерида, за одредувањето на „новите европски политички одговорности од онаа страна на секој европоцентризам“, тогаш таквата насока мора да важи не само кон надвор, туку и кон внатре, во склад со следната констатација на италијанскиот филозоф Џани Ватимо: „Она што нѐ фасцинира кога размислуваме за проектот за една Европа како единствен политички субјект е токму тој речиси апсолутен недостаток на ’природни’ основи кои се потпираат на некоја одредена национална свест.“ Таа свест потекнува од европските народи и затоа им припаѓа ним, а не на Европската унија. Со други зборови, според Ватимо, „Европа може да биде само единство на ’култури’, и во смислата во која тој термин ѝ се спротивставува на ’природата’“. Доколку не признаваме дали постојат природни чинители на европејството, односно чинители на „органската“ припадност, какви што се на пример јазикот, родот, земјата и „верата“, истовремено свесни дека ние Европејците сме поинакви од останатите, тогаш можеме европскиот идентитет да го најдеме само во културниот, попрецизно, во духовниот идентитет.

(продолжува)

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Мирјана Лозановска
Слики: Питер Бројгел (Лето) и Вермер (Девојката со бисерните обетки)

ЕУ река (61): Валтер Бенјамин - Историчарот мора да биде револуционерен

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Активизам / Gif
Општество / Gif / Теорија
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото