Медиум на друм (70): Новинарска реедукација на средношколците

13.04.2020 10:45
Медиум на друм (70): Новинарска реедукација на средношколците

Образованието за медиуми и информации постои со децении, но после атентатот на Шарли Ебдо во 2015 тоа доживеа пресврт. Оттогаш помалку се работи за критичко враќање на големите средства за информирање а повеќе за враќање на довербата во новинарството и наметнување на републикански вредности на младите од сиромашните квартови.

Крај е на работната недела во средното училиште „Ги де Мопасан“ во Коломбо. Сместени во своите клупи, средношколците присуствуваат на првата сесија InterClass, образовна медиумска и информациска програма организирана од Radio France. Во тек е дебата помеѓу новинарите и тинејџерите. Критиката која ја изнесуват средношколците се однесува на медиумската трка за публика, начинот на прикажување на работничките квартови и на информациската хомогеност. Петнаесетгодишната Сара се жали што медиумското внимание повеќе е насочено на бурките отколку на „интересни теми, како бунтот во Хонг Конг“, за кој чула преку социјалните мрежи. Се приближува крајот на курсот. Поле дискусијата која траеше час и половина, Надин Епстајн, репортерка на радиото France Inter, почнува тема што ѝ е посебно драга: „Што мислите за хуморот во медиумите?“ Петнаесетгодишната Нисрин крева рака: „Добро е тоа што се забавуваме, но хуморот не би требало да ги повредува луѓето. За време на Светското фудбалско првенство за жени наидов на еден цртеж од Шарли Ебдо... не ми се допадна.“

„Драго ми е што го споменавте Шарли Ебдо“, вели новинарката, „бидејќи тоа се наши пријатели кои се мртви... А дали заслужиле така да умрат? Дали гледате некаква врска помеѓу цртањето карикатури и фактот дека половина новинари од уредништвото поради тоа се убиени?“ Фани Круз, координаторка на медиумската програма Radio France, додава: „Ова ве прашуваме бидејќи во едно одделение, како вашето, во Тулуз, учениците ни рекоа дека новинарите на Шарли Ебдо заслужиле да умрат. И не ја испочитуваа минутата молк. А ние новинарите ја претставуваме слободата на изразување...“ „Никој не заслужува да умре“, вели еден тинејџер. Нисрин и нејзините пријатели на 15 јануари 2015, кога се случил нападот на сатиричниот весник, имале 10 години.

Симболичко насилство

Токму после овој настан настанала InterClass програмата. „Многу наставници стапија во контакт со нашата редакција за да добијат поддршка при објаснувањето на учениците, што значи слободата на изразување, и да се спротистават на влијателните теории на заговор“, вели Емануел Давиј, креаторка на програмата. Педагошкиот концепт е едноставен: да се наведат учениците на „зумирање“, формат на известување карактеристичен за радио France Inter. Средношколците од Коломбо за својата емисија ја одбрале темата насилство. За време на училишната година новинарите ги следеле учениците во конципирањето на темата. Франсоа да Роша, професор по историја и географија во средното училиште „Жан Мулин“ во Рубе, ја поздравува „вистинската желба да се работи догорочно со учениците“ и жали што програмата спроведена во 2016 не е обновена поради недостиг на средства. InterClass, кој бројни новинарски агенции го сметаат за програма за пример, во 2016 ја добил првата медиумска награда за образование, доделена од Assises du journalisme.

Предизвикот далеку го надминува подучувањето за информации низ финти и трикови. За Емануел Давиј, медиаторка на Radio France, „InterClass е политички чин кој настојува да промовира републикански вредности“. Програмата за време на 2016 ги натерала учениците да го промислуваат мотото „слобода, еднаквост, братство“.

„Сфатив колку ова републиканско мото за нив е бестелесно. Единствениот збор кој, барем меѓу врсниците, има некакво значење, е братство. За нив светот е поделен во два табори: ‘тие’ и ‘ние’. Дали се работи за класна свест или за „конспиративна визија“ за поделба на општествениот свет? Новинарката се одлучи за ставот дека со „младите, цинични кон информациите и приковани за телефонските екрани“ работата е алармантна.

Програмата InterClass примарно ги таргетира основците и средношколците од сиромашните квартови. Името на програмата укажува на двојно значење: новинарите кои претежно потекнуваат од буржоазијата (3) ги едуцираат младите луѓе кои често се од имигрантско потекло и ги учат на републикански вредности. Оваа училишна година (2019-2020) новинарите волонтирале во осум колеџи (collѐge, секундарно образование за деца помеѓи 11 и 15 години), и гимназии (lycée, секундарно образование за деца помеѓу 15 и 18 години) кои се вклучени во мрежата за приоритети во образованието (réseau d’éducation prioritaire, REP), односно, програмата ја спроведувале во образовните зони во кои доминираат загрозените општествени слоеви. „Тие се можеби помалку образовани во дешифрирање на информациите“, објаснува Емануел Девије, „младите луѓе лесно прифаќаат сé што гледаат на социјалните мрежи“.

Во склад со прописите на државните власти, медиумското образование се трансформира во „образование за граѓанството“. „Се работи за тоа учениците да научат да користат ‘критички дух’, да вежбаат ‘слободно просудување’, но и да ги почитуваат републиканските вредности на секуларизмот, без дискусија за нивната дефиниција и контури и занемарувајќи ги континуираните расправи“, анализираат истражувачките Амандин Кервела, Беатрис Мишо и Селин Матузак. (4)

Така наидуваме на одредби кои се однесуваат на медиумското образование како во законите за обнова на училиштата така и во законите против лажните вести, и во националниот план за превенција на радикализацијта од 23 февруари 2018. Центарот за врски на образованието и медиумската информираност (Centre de liaison de l’enseignement et des medias d’information, CLEMI) се наоѓа во првите редови на оваа општа мобилизација. Создаден во 1983 и ставен под надзор на Министерството за национално образование, центарот веќе триесет години организира недели на медиумите во училиштата, кои годишно ги посетуваат 3,8 милиони ученици. Центарот исто така обучува преку 30.000 наставници годишно. „Преовладувачки теми се, очигледно, лажните вести и теориите на завера“, објаснува заменик директорот Серж Барб.

Овие јавни политики се темелат на претпоставката дека „пониските класи се почувствителни на ефектите од медиумите и се поопасни за медиумската пракса“, резимира Амандин Кервел, истражувачка на информации која ја испитува врската меѓу образованието и медиумите. Меѓутоа, оваа претпоставка не е поткрепена. Постојат имплицитни норми според кои добра пракса е читањето традиционални наслови, како Le Monde. „’Добар начин’ на информирање, кој потекнува од буржоазијата, ги структурира претставите и не се доведува во прашање. Оттаму се стекнува впечаток дека новинарите настојуваат повторно да ја пренасочат младината кон доминантните медиуми, заедно со сето она што подразбира реедукација и симболичко насилство.“ Бројни новинари оваа интервенција ја гледаат како средство за пренасочување на младите од социјалните мрежи и ублажување на недовербата во големите медиуми, како медиумите да не се виновни за дискредитацијата насочена кон нив.

Посетата на средношколците на студиото на радио-станицата Europe I, во декември 2018, ова совршено го илустрира. Со помош на предавачи, медиумскиот час (6) кој ги собира учениците од трета година на колеџот е осмислен преку две радио-емисии годишно. За време на посетата на париските редакции, учениците присуствувале на информативно-забавна програма на Ан Руманоф.

-Имаме многу млади во јавноста... И тројца клинци од пониските класи се наши гости. Како се викаш?

-Се викам Лука и доаѓам од Туркоан.

Ан Руманоф одговара имитирајќи го северниот акцент на детето:

-Ах, да, Туркоан... Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Тоа ми личи на невработеност – истакнува колумнистката и заклучува: – ми се чини дека тука е потребен добар социјален работник, RSA (revenue de solidarité active , надоместок за невработени кој изнесува околу 400 евра месечно)... повеќе од тоа не ти треба, зар не, Лука?

Неколку месеци подоцна, во емисијата која се емитувала на крајот на годината, тинејџерите возвраќаат: „Ако вака продолжи, ќе се оженам со својата братучетка, ќе го поправиме Клиото и ќе гласаме за Марин Ле Пен.“

Радикалната критика каква што спроведуваат здруженијата какo Action Critique Médias (Acrimed) , која се состои во откривање на условите на производство на информации, во пост-Шарли Ебдо контекстот има многу мали шанси да поттикне интеграција на институционалните приоритети. Борбата против „теориите на заговор“ и лажните вести сега го зазема сиот простор. (7) Дури и уводот во информациската технологија е маргинализиран. „Пред атентатот од јануари 2015, медиумското образование претставувало средство за изразување на младите“, забележува Лука Роксо, независен новинар и соосновач на колективот Le Friche. „Потоа стана дел од запчаникот во ‘спречување на радикализацијата’. Во националната школа за судска заштита на младите (École nationale de protection judiciarire de la jeunesse, ENPJJ), организирав ден за обука во медиумското образование за идни предавачи. Ден пред мојата интервенција темата беше ‘Геополитиката на Блискиот Исток’, а следниот ден ‘Пет темелни столбови на исламот’. Овде почнуваш да поставуваш прашања... Сепак, секогаш одлучував да одам таму, знаејќи дека можам да ја пренасочам рабтата: проучуваме конструкција на приказни за теорија на заговор, и информативни белешки и извештаи на Бернар де ла Вилардје (8) и тогаш гледаме дека и не е така различно.“

Со движењето на „жолтите елеци“ и жестоката критика на медиумите од демонстрантите, професијата проценила дека мора итно да ги прошири своите педагошки напори во јавноста на руралните зони. Фокусирањето на територија каде помалку се слуша утринската програма на France Inter отвора прашања: „Средствата се концентрираат на квартовите на пониските класи, на приоритетните слоеви во образованието (REP), ги адресираат ‘опасните луѓе’. Но, кога одредени телевизиски водители и политички раководители пренесуваат коментари за заговор (8) тогаш не се работи само за ‘дешифрирање на лажни вести’“, вели Силви Фањар, независна новинарка и соосновачка на платформата Médiaeducation.fr.

Искоренување на „теориите на заговор“

Таа неколку месеци во Трамбле (социјално руиниран оддел на Сена – Сен Дени) учествувала во новинарска резиденција, програма која после јануарскиот атентат во 2015 година е креирана за „приоритетни територии“ (политички релевантни квартови на урбаните или руралните зони 10) кои финансираат регионални управи за културни прашања (directions regionals des affairs culturelles, DRAC). Во склоп на резиденцијалната програма новинарот престојува неколку месеци на одредена територија со цел спроведување образовни активности и враќање на довербата на јавноста во струката. „Програмата суштински се заснова на уредничката политика на реципрочна размена меѓу новинарите – кои го откриваат теренот, настојуваат да ги надвладеат стереотипите и стравовите – и активистите кои делуваат во локалните медиуми, и кои на тој начин се професионализираат и подобро се запознаваат со мејнстрим медиумите“, објаснува Жером Бувие кој стоел зад оваа иницијатива како медиумски советник во Министерството за култура. „Таму се најдовме после Шарли Ебдо и акцентот беше на образованието за медиуми и информации [а помалку на создавањето локални медиуми]. Не бев против тоа. Мојата единствена резерва беше што оваа тема стана толку значајна што резиденцијалните програми беа градени исклучиво врз тој пристап.“ Минатата година беа финансирани неколку стотици вакви резиденции. Во регионот О де Франс, кој служеше како лабораторија, од 2015 се организирани 17 резиденцијални програми со буџет од 540.000 евра.

И покрај ограничувањата во институционални рамки, и финансирањата концентрирани на одбрана на „републиканските вредности“ и искоренување на „теориите на заговор“, независните новинари се организираат во колективи за одбрана со поинаква визија. Во градот Амиен, на пример, се соединиле петнаесетмина новинари, предавачи и водители, на тридневна обука на бесплатната школа за медицинско образование организирана од колективот La Friche. Оваа привремена институција пронашла засолниште во просториите на Carmen, здружение кое веќе триесет години креира алтернативни медиуми во сиромашните квартови на Амиен. Се работи за присвојување средства врз основа на народно образование и за размислување за политичките предизвици на медиумското образование. „Дали сме тука да го промениме општествениот поредок или не?“, се прашува Амандин Кервел која дошла да присуствува на обуката. Да дејствува на маргините; да работи на општествената трансформација; да биде наспроти моќта на доминантните медиуми; за што, инаку, служи медиумското образование? „Сакаме колективно да изградиме информации и да овозможиме создавање односи на сили за да можеме да се влијаеме врз доминантните средства на информирање на сиромашни територии“, вели Лука Роксо.

Софи Еусташ е новинарка. Заедно со Елоди Перотин е авторка на книгата за млади Comment s’informer?, Ricochet, Lozana, 2019.

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: насловни страници на сатиричниот весник Charlie Hebdo
Извор за текстот: Мonde diplomatique

Медиум на друм (69): Сузан Сонтаг - Виетнамското „напалм“ девојче
https://okno.mk/node/83901

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото