Себичната крава, и уште две песни

13.04.2020 11:01
Себичната крава, и уште две песни

Себичната крава

На дрво се качи себичната крава
за цреши да јаде. Без ништо да дава.
Помина зајко во шумската сенка
кога в око го удри од црешите семка.
О, како го фрасна! Ко фати да пече!
Но се прибра тој брзо и мирно ѝ рече:
„Што правите качена таму о, мадам?“
„Си седам јас сама и цреши си јадам.“
„Ама цреша ова не е. Ова е бука.“
„Си носам во канче” му рече и плукна.

Грдиот крт

Се пожалил дома малиот крт:
„Мамо, ми велат дека сум грд!“

„Како ти рекле? Ти ли си грд?
Па од тебе нема поубав крт!
Крзното твое со каллива боја
неспоредливо е со најскапа чоја.
А твоите нозе – буцки и кратки!
Во светот под земја нема послатки.
А за ставата твоја! Вратот го немаш.
Знаеш ли колку е тоа на цена?
А носот твој долг! Па тоа е рилка!
Вреди да стои на уметничка слика!
Да не ги заборавам острите канџи –
прв си во копање црви за манџи!
Земи огледало, види се, ете!“

Ама џабе му било. Знаете – слеп е.

Завеаното магаре

„Да се рика или не? Прашање е сега!“
си мислеше магарето сред летната жега.
„Пекол е животов, или пак рај е?“
чекореше тој, не знаејќи кај е.
Завеано барајќи за мислите сенка,
заталка тој во поле со пченка.
Наоколу: жолта, бескрајна шир
– од глетката тој си изгуби мир!
И тогаш од жешкото пченката пукна:
од пуканките бучава стравотна букна.
„Што ли е ова? Сред лето снег врне?“
изусти тој пред од страв – да се смрзне.

Илустрации: Јана Јакимовска

Извор: Чудна шума

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Стрип / Уметност
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото