ЕУ река (63): Европа (2)

13.04.2020 19:41
ЕУ река (63): Европа (2)

Нема европски духовен идентитет без идентитетот на европскиот дух. А тој, како што евидентираше уште Едмонд Хусерл, е во криза, во криза која низ 19-иот век се рашири кон почетокот на 20-иот век надвор од сите подносливи граници. Хусерл раскажува како да ги следи зборовите на Ниче за ширењето на европскиот нихилизам кој во првиот век од својата експанзија ја подредува Европа, за во вториот век, значи до крајот на 21 век, да го подреди целиот свет. Своето виенско предавање Филозофијата во кризата на европското човештво (1935) тој го завршува со предупредувањето: „Кризата на европскиот опстанок има само два излези: или пропаст на Европа во отуѓувањето од својата сопствена, рационална смисла на животот, пад во непријателство спрема духот и пад во варварство, или, пак, препород на Европа од духот на филозофијата преку хероизмот на умот кој најпосле го превладува натурализмот. Најголема опасност за Европа е заморот.“

Дали создавањето на Европската унија после пожарот на Втората светска војна значи и полет на фениксот на новиот европски дух, продуховување (Vergistigung) од онаа страна на духовниот замор и заштита од сите опасности? Дали сега се среќаваме со „хероизмот на умот“ или варварството продолжува во поинаква форма?

Заканите за варварство самите можат да станат варварски. Што е духот кого што, повикувајќи на хероизам на умот, егзорцистички го оживува Хусерл? Во што се состои моќта на духот со чија помош би требало да го изгаснеме уништувачкиот пожар на недовербата и двоумењето кои нѐ раздираат, за да се воздигнеме како феникс од катастрофалната криза во Европа и да засноваме нова, втора ренесанса на Западот, Западот како таков, не само во Европа или дури само во Европската унија?

Хусерл бара потпирка во духовната телеологија на историјата, во нејзината Смисла како длабок Разлог на развојот на човештвото. Хусерл не го поставува прашањето за самата смисла, за смислата како смисла. Затоа останува без одговор на прашањето за смислата на духовното битисување и најпосле смислата на самото битисување. Оттаму е тескобниот формализам на неговите формулации: смислата на смислата е во Смислата, победата е духовна победа, и тоа е победа на Духот.

За среќа, прашањето за европската духовност, и за филозофијата како темел на таквата духовност, на нов начин го постави Мартин Хајдегер. Нејзината криза, а со тоа и кризата на европскиот дух, се обиде да ја разреши со разделување на филозофијата како метафизика и со размислување за битисувањето. Од разликите помеѓу нив произлегува и разликата помеѓу смислата како Разлог и смислата како вистина на битисувањето. Вистината како вистина (не-скриеност, откриеност) во своето срце носи скриеност и тајна. Начинот на постоење на тајната, бтисувањето од нејзе, не е разговетниот Телос, Разлогот како цел, туку непредвидената случка.

Од случката („удесот“) на битисувањето како битисување, а не од превладувањето на отуѓената рационалност, зависи случката на европејството. Не станува збор за превладување на отуѓената рационалност, туку за ставање во прашање на рационалноста како таква и за нејзино преболување и прегорување како носителка на антропоцентризмот кој го загрозува модерниот свет. Излезот од кризата не можеме да го најдеме во сѐ поголемата рационализација, односно во модернизацијата, зашто токму рациото е најголема, ако не и единствена причина за таа криза. Од кризата на европејството можеме да се извлечеме само ако се простиме од нововековното изедначување на духовноста и умноста, умноста и рационалноста. Но, притоа - а тоа Хајдегер не го избегнува сосема - не смееме да го отфрлиме самиот ум како таков.

Задачата е да се развие пострационалистичко разбирање на умот. Пострационалистичкиот ум е ум кој веќе не му е подреден на субјективитетот на субјектот, туку ум кој извира од автохтоноста на духот. Автохтоноста на духот не значи само духовна неподреденост, туку и духовно знаење за самоограниченоста, за ограниченоста на човекот како смртно битие поврзано со земјата, духовно знаење за ограниченоста која возвратно бара и самоограничување на човекот. Човекот, како што учи Жак Лакан, не смее да отстапи пред својата желба (ne pas ceder sur son desir), но мора да ја ограничи. Во тоа е мудроста на умот проникнат со дух.


Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Мирјана Лозановска
Слики: Георг Грос - Помрачување на сонцето (1926) и Државни автомати (1920)
Извор за текстот: Mario Kopić – Sekstant (2010)

ЕУ река (62): Марио Копиќ – Европа (1)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Активизам / Gif
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Историја

ОкоБоли главаВицФото