Короната и социјалните медиуми

14.04.2020 13:22
Короната и социјалните медиуми

Конфликтот меѓу слободата и безбедноста, како и фактот дека тие се обратнопропорционални, односно зголемувањето на едното секогаш значи намалување на другото, отсекогаш бил централна тема на интерес на сите кои замислувале и сакале да изградат утописки општества. И никогаш не бил дефинитивно решен. Некои од модерните демократии одржуваат релативно добра рамнотежа, каде што слободата е вредност што се негува сè додека не ги загрозува другите, за што се воспоставуваат соодветни правни механизми.

Дистопијата никогаш не била предвидување на иднината, туку страв од и критика на некои тековни состојби за кои постоело опасност да станат поекстремни. Во овој момент, таков дистописки феномен е интензивирањето на реториката и промената во интерпретацијата на вредности во социјалните медиуми. Сè уште не постојат стандардни или проверени пристапи за обмислување на реакциите на социјалните медиуми, па често не знаеме како да се поставиме кон нив и како да ги толкуваме; дали може да се земат предвид како фактор само поради тоа што се популарни, без оглед на содржината? На пример, „луѓето се во паника“ за секого значи нешто друго: кои се тие „луѓе“, што се подразбира под „паника“, дали десет слични „панични“ реакции ја оправдуваат перцепција дека „луѓето се во паника“? Или, ако реакциите се базирани на незнаење, дали тогаш да се отфрлат и игнорираат, иако влијаат врз извесен (голем) број луѓе?

Отфрлање на реакциите на социјалните медиуми веќе не е можно и е контрапродуктивно, бидејќи тие стануваат сè повлијателни, а во некои случаи токму незнаењето и недостигот на аргументи (парадоксално) станува важен фактор во нивната моќ. Ова се виде и во некои од мислењата искажани, на пример, за филмовите Медена земја или Џокер, но значењето во однос на темата за короната е сосема поинаква.

Од многуте различни реакции на социјалните медиуми за коронавирусот, аспектите што ги наведувам подолу се однесуваат само на оние реакции кои ги гледам проблематични (а не се малку).

- Сменета интерпретација на стекнати вредности. Во голем дел од реакциите на социјалните медиуми како „размазени“ и „лигави“се квалификуваат луѓето кои викаат дека им недостигаат некакви секојдневни активности (без разлика дали тоа е одење на Водно, седење во кафана или слични активности). Осудата и потсмевот за тоа дека било тешко да се седи дома се „поткрепени“ со примери од минатото кога луѓето се бореле во војни или биле мачени „за ние денес да го имаме ова што го имаме“, а овие примери се наведуваат за да ги засрамат сите оние кои се жалат. Ваквиот приказ на „размазеност“ е целосно изместена интерпретација на значењето на жртвите од минатото. Точно обратното е случај: борбата за слобода и човекови права довела тоа да имаме избор на активности што секојдневно можеме да ги правиме. Правото на тој избор не се вика размазеност; тоа се вика постигнат стандард, цивилизациска придобивка. Без оглед што знаеме дека е неопходно привремено да биде суспендирано, тоа право не смее да се омаловажува ниту манипулативно да се уверуваат луѓето дека треба да се среќни што го немаат затоа што во минатото нашите претци имале многу помалку. Токму ваквото манипулативно убедување и омаложважување на стекнатите вредности и стандарди е негирање на придобивките за кои се бореле нашите претци.

- Преземање улога на проповедник. Многу застрашувачки феномен е порастот на чувството на моќ, што се добива со употреба на второ лице множина, кога им се порачува на луѓето што треба да прават. Не е важно какви се гледиштата на оној кој се смета за повикан да ги подучува другите како да се однесуваат – суштината на наредбата маскирана во совет е иста. За жал, оваа илузија на имање проповедничка улога е често зацврстена од голема поддршка, што не е наивно, зашто им дава моќ точно на оние кои ги поттикнуваат луѓето да ги слушаат (наместо на оние кои ги поттикнуваат луѓето да мислат самостојно).

- Логичка грешка (што се нарекува “strawman”). Ова е добро позната логичка грешка во теориите на аргументација. (Чест пример што се користи за да ја илустрира е: „Советникот за одбрана му рече на пратеникот: бараш владата да вложи повеќе средства за здравството отколку за одбрана, значи сакаш да ја доведеш во прашање безбедноста на земјата“). Од едното не произлегува другото и тврдењата дека произлегува се или намерна лага и манипулација или, едноставно, незнаење и неразбирање. „Загрижен сум за ограничувањата на слободата“ не значи „не ми е гајле дали некој ќе се разболи“. И во случај на спротивни рекации: „Јас сум за тоа да седиме дома овој период“ не значи „јас сум против слобода на движење“. Ниту едно рационално размислување нема да најде причинско-последична врска меѓу нив. Погрешна е перцепцијата дека постојат само две крајности (веројатно наследена од долгата традиција на промовирање дихотомии). Постојат многу повеќе од две опции, а меѓу тие опции е потпирање на аргументи наместо непромислени и нелогични реакции.

- Романтизација на карантин. Карантинот некогаш како да се перцепира како фина можност да запреме од брзото темпо и да се посветиме на себеси и нашите блиски. Ова е далеку од реалната состојба. Освен, се разбира, ако не е кажано како шега, што е сосема друга работа. Не е потребен карантин за човек да размисли за себе или да посвети време на блиските. Сите (или големото мнозинство) го прифаќаме и почитуваме карантинот, а за тие кои не го почитуваат, би требало да реагираат надлежните. Ама едно е да се разбере зошто карантинот е потребен, а друго е да се промовираат некакви позитивни ефекти од него. Карантинот е недостиг од избор и правењето нешто под присила и без своја волја затоа што сме се нашле во некакви околности не може никогаш да биде позитивно, па макар и го искористиле за креативни работи (кои и онака можеме да ги правиме кога нема карантин).

Загрижена сум за интензитетот на реакциите во кои луѓето се претвораат во судии кои брзо делат заканувачки совети, опомени, квалификации, и на нелогичен начин ги интерпретираат вредностите и аргументите. Во денешниот светски дисбаланс меѓу слободата и безбедноста (во моментов изразен преку опасноста од пандемијата), сите сме еднакво соочени со страв. Различен е начинот на справување со него.

Слики: Joyce Pensato

 

ОкоБоли главаВицФото