Барања на 10 синдикати и граѓански здруженија за заштита на работниците и сиромашните

14.04.2020 13:49
Барања на 10 синдикати и граѓански здруженија за заштита на работниците и сиромашните

Барањата на 10 синдикати и граѓански здруженија, за заштита на работниците и сиромашните во кризава, кои вчера беа доставени до Владата и беа скоро целосно изигнорирани од медиумите.

• Паричен надоместок за невработени во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Многу работници изминативе недели беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници.

• Бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата.

• Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, односно, од почетокот на март. Многу фирми отпуштија работници во изминативе недели, но сега повторно можат да добијат државна помош, и покрај отпуштањата.

• Владата да донесе уредба дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор, и никако под нивото на минималната плата. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што е незаконски.

• Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално ниту здравствено осигурување. Oвие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500,00 денари.

• Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

• Да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците кои работат и во ова време, и без кои државава би крахирала во кризава (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл).

• Одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19. Со ова ќе се обезбеди зачувување на работните места и ќе се спречи да се намалат платите на работниците.

• Државните служби (Трудова инспекција, Агенција за вработување, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби за време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели.