1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Кога на лабораториски глушец секој втор ден не му давате храна или му давате секојдневно само по половина порција, неговиот ментален капацитет значително се зголемува, така што невроните добиваат многу повеќе енергија. Конкретно, тие глувци имаат 50 проценти повеќе од супстанцата БДНФ која влијае на создавањето нови синапси во мозокот (врски помеѓу мозочните клетки). Сето тоа влијае на способноста за учење и памтење.
Дали е така и со луѓето?
Сѐ уште немаме докази, но луѓето кои практикуваат диети со гладување или со значително намалување на бројот калории тврдат дека значително им се подобрило памтењето. Марк Матсон од американскиот Национален институт за проучување на стареењето во Мериленд објаснува, како што пренесува „New Scientist“, дека, посматрано од еволутивна перспектива, на гладните животни им се потребни повеќе интелектуални способности за да пронајдат храна.
Но, гладувањето не е поврзано само со доброто памтење туку и со општото влијание на здравјето.
Едно од постарите истражувања, кое предизвика огромна возбуденост меѓу истражувачите но и „цивилите“ е објавено 1986 година во „Journal of Nutrition“. Во него се работи за влијанието на рестриктивната диета врз животот на глувците - долговечноста, стареењето, зачестеноста на канцерите и имунитетот.
Сите глувци кои биле на некаква рестриктивна диета живееле драстично подолго отколку оние од контролната група кои јаделе колку што сакале.
Убедливо најдолговечни биле глувците од групата 6 - живееле од 35 до 65 проценти подолго од глувците од контролната група. Десет проценти од глувците од групата 6, живееле дури подолго од кои било познати глувци за човекот. Групата 6 имала специфичен, мошне екстремен режим: внесувале само околу 35 проценти од храната што ја јаделе обичните глувци. Сепак, тие биле потхранети, а не недохранети, а нивната исхрана се засновала на протеини, витамини и минерали.
Објавувањето на ова истражување беше проследено со голема еуфорија, зашто многумина помислија дека човекот би можел подеднакво драматично да го продолжи својот век следејќи сличен тренд на исхрана. Во САД е основано Меѓународното здружение за калориска рестрикција кое се залага за намален внес на храна тврдејќи дека тоа е единствениот научно докажан метод за продолжување на животот. Во меѓувреме, се создаде и армија од повеќе илјадници луѓе кои од истата причина долгорочно ја менуваат својата исхрана - наместо вообичаените 2 000 до 2 500 калории (за жени, односно мажи), тие внесуваат 1 500 до 1 800. Истржувањата кај луѓе сѐ уште не се завршени, но според некои испитувања, луѓето со ваков режим на исхрана имаат пониско ниво на шеќер во крвта и холестерол.
Една повеќедецениска студија која се спроведува на макаки мајмуни потврди дека овие животни на рестриктивна диета живееле во просек три години подолго, што, преведено во човечки мерки, би значело околу девет години живот. Неколку мајмуни од една студија живееле повеќе од 40 години, што е апсолутен рекорд за кој било вид макаки мајмуни, кои во заточеништво во просек живеат околу 20 години. Една друга студија покажа дека меѓу мајмуните имало помалку срцеви болести и слуаи на рак, кои главно биле поврзани со стареењето.
Бидејќи сепак станува збор за долгорочни, повеќедецениски студии, кои ја потврдиле претпоставката за користа на ваквите диети кај многу животни, но не и сите примати, сѐ уште нема општ заклучок. Научниците сепак помалку страшливо изјавуваат дека здравствената корист кај макаки мајмуните е потврдена и дека сличен механизам „мошне веројатно“ би функционирал и кај човекот, со оглед на тоа дека нашиот и нивниот геном е мошне сличен и дека и анатомијата и физиологијата, како и начинот на стареење, во голема мера се совпаѓаат.
Розалин Андерсон која учествувала во истражувањето со макаки мајмуните вели дека - пренесено на луѓето - диетата која промовира здравје и долговечност би можела да се опише вака: пет дена во месецот човекот внесува намален број калории. Првиот ден околу 1 100 калории, а следните четири дена по 700 калории. Останатите денови во месецот јаде вообичаено.
Секако, овие научници не се нутриционисти, не се креатори на популарни диети и не препорачуваат луѓето сами да експериментираат. Тие само ја работат својата работа - ги истражуваат процесите кои го забавуваат стареењето.
Но, секако се прават истражувања на луѓе. Професорот Луиџи Фонтана од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис во период од осум години додека бил шеф на Дивизијата за исхрана и стареење на Италијанскиот институт за здравје следел еден број луѓе кои ги нарекува „крони“ (Calorie Restriction with Optimal Nutrition, Рестрикција на калории со оптимална исхрана). Овие луѓе внесуваат 30 калории помалку од официјалната препорака и јадат нискокалорична храна богата со нутрициенти, претежно зеленчук, во големи количини. Нивниот индекс на телесна маса е на границата помеѓу нормалното и недохранетото и изнесува 18,5. Фонтана сѐ уште не дошол до конкретни резултати зашто најстарите луѓе во неговата програма имаат околу 70 години. Засега докажа дека ваквиот начин на исхрана навистина го подобрува здравјето и ја намалува можноста човекот да заболи од типични болести на староста како што се канцерот и дијабетесот. Луѓето кои ги испитува Фонтана имаат низок притисок и холестерол и здраво срце.
Разлика помеѓу реакциите на животните и луѓето на намалениот калориски внес сепак постои. Еден од важните промотери на староста, хормонот ИГФ-1 кој го произведува црниот дроб, кај животните со ваков режим на исхрана е понизок од нормалното и делумно е заслужен за нивната долговечност. Меѓутоа, кај „кроните“ тоа не е случај - нивниот ИГФ-1 е ист како нашиот - затоа научниците баш и не биле сосема сигурни во исходот на истражувањето.
Понатамошните истражувања покажаа дека големо влијание на ИГФ-1 има внесот на протеини, а дека „кроните“, за да го намалат чувството на глад, внесувале повеќе протеини отколку просечниот човек. Кога неколкумина од нив го намалиле внесот на протеини, ИГФ-1 значително опаднал после три недели. Инаку, Фонтана претходно го споредувал ИГФ-1 кај веганите кои не внесуваат протеини од животинско месо, млеко и јајца, па нивната диета била нископротеинска, со ИГФ-1 кај оние кои јадат животински производи, и открил дека веганите се во голема предност.
Фонтана е мошне свесен дека нискокалоричната и нископротеинската диета не е за секого и дека е мошне тешко да се одржува. Кога станува збор за оние кои не се со силен карактер, препорачува намалување на внесот на протеини наместо намалување на калориите зашто многу полесно се издржува, а има поголем ефект врз здравјето и долговечноста.
Слики: Federica Ubaldo
Извор: http://naukakrozprice.rs