Кризава, како ништо досега, е повик за мислење со своја глава

15.04.2020 13:57
 Кризава,  како ништо досега, е повик за мислење со своја глава

Една работа која често ме обесхрабрува во кризава е изразувањето на спротиставени мислења на експертите (епидемиолози, виролози и пулмолози), како за потеклото, сериозноста и третманот на болеста, така и за мерките (превентивни и оперативни) потребни на општествено ниво.

Првата помисла која ми доаѓа кога ги слушам научниците со различни мислења и филозофирање околу тоа што уште е потребно за донесување правилни одлуки е: Ете затоа постојат политичарите, зашто некој треба да донесе одлука, макар и погрешна, кога е потребно, а не само кога е возможно. И тоа би било точно, доколку научниците се навистина научници, а теоријата на релативност само теорија.

Но, голем дел од тие научници се всушност директен производ на политичкиот систем и директни гласноговорници на политичарите, едни на други давајќи си го тоа што им треба: политичарите финансирајќи ги истражувањата на научниците и овозможувајќи ја достапноста на грантови воопшто, а вториве, пак, произведувајќи ги резултатите кои им се потребни на првите како покрепа на нивните (најчесто веќе испланирани) политики.

Да земе да ги расплете човек тие врски и поврзаности е поболно и од гангрената која го има зафатено целото општествено ткиво – тоа е како жив да се касапиш, бавно и по малкуцка, почнувајќи од стапалата и завршувајќи со мозокот. Па така, оставена сум само со еден заклучок: Кризата, како ништо досега, е повик за мислење со своја глава.

Гиф: Nicolas Monterrat