ЕУ река (64): Европа (3)

15.04.2020 16:21
ЕУ река (64): Европа (3)

Кризата на Западот, најпрвин кризата на христијанска Европа, заснована на платонизмот, извира од расцепот помеѓу нејзината метафизичност (нејзината тенденција за овладување на светот и овладување на поврзаната волја за моќ) и нејзината посветеност на бивствувањето на (сите) бивствувачи, смерното допуштање и чување на светот.

Кон крајот на 20 век се чинеше дека таквата антиподност помеѓу насилното овладување со светот и уважувачкото допуштање/чување на светот ќе го доживее својот расплет и дека најпосле ќе почнеме да живееме опуштено. Но случувањата од почетокот на 21 век повторно ги потиснаа во позадина надежта и верата во превласта на допуштањето и чувањето. Можеби е и подобро така. Бидејќи доминацијата најпосле спаѓа во подрачјето на овладувањето и премоќта се здобива само преку волјата за моќ. Значи, се создаде дилемата: како без волјата за моќ и во нејзе впрегнатата борба за премоќ ќе се постигне допуштањето и чувањето на нашиов свет, но свет кој не е наша сопственост?

Просторот за слобода пред и над сѐ е простор на духовна слобода. Европа е она што е како Европа на духот, како татковина на духовната отвореност. Идентитетот на Европа не се потврдува со затвореноста, туку со отвореноста. Европејците живеат од отвореноста и во отвореноста за отвореност. Најпрвин од отвореноста за светот како простор, чистина на бивстувањето, без која нема никаква јасна свест. Потоа од отвореноста за духовните достигнувања во светот во целина, за сите светски култури. Таа отвореност не е само нејзино битие, туку, како што установува Реми Браг, и нејзина животна моќ. Рим оживеа кога во себе ја презеде Атина, преку христијанството и Ерусалим. Важно е да бидеме свесни дека Европа по римскиот пат, односно со римскиот хабитус, продолжува и после декаденцијата на Рим.

Таквата европска насока трае и денес, односно во време на криза на христијанството, криза која започна со просветителството во 17 век, меѓу другото со поврзувањето на Лајбниц со кинеската мисла, во 19 век, на пример, продолжи со преземањето на будизмот на Шопенхауер, а завршува денес, во постмодерната епоха, кога на полјаните на новата огромна територија, имено светската „територија на мрежи“, сѐ што е туѓо и поинакво станува „домашно“ и „наше“. Заради сето тоа постмодерната епоха не е анти-христијанска, туку пост-христијанска. Значи, европското во Европа според своето потекло не коинцидира со христијанското, туку со отвореноста која пред две илјади години овозможи христијанството in nuce (тогаш веќе сплет меѓу еврејската религија и грчката, пред сѐ стоичка филозофија) да почне да се шири преку границите на Палестина, сѐ до Рим. И таа отвореност е клучна за Европа и во постмодерната, односно постхристијанската епоха.

Главната опасност за Европа, како што нагласи Хусерл, претставува заморот (Mudigkeit) на духот. Првиот знак, истовремено изричит и изразен, на таквиот замор е неговото затворање во себеси. Израз на таквото затворање би било затворањето на Европа во „христијанска Европа“. Нема сомнеж дека без христијанството не би постоела Европа, но европските корени не се исти со христијанските корени на Европа, односно самите тие корени имаат двојно значење, зашто не станува збор само за христијанските корени, туку и за корените на христијанството. Така, европското потекло, особено потеклото на денешните Европејци, е многу постаро од христијанството и западната култура воопшто. Во таа смисла не станува збор само за отвореност за иднината, туку и за отвореност за минатото.

Но најважна е отвореноста тука и сега. Против затворањето и преку тоа против стеснувањето на духот.

Во 20 век навистина имаше огромно искористување во целиот свет, од луѓето до природата. Но и покрај тоа, светското население порасна од една милијарда на почетокот на векот до шест милијарди на неговиот крај. Од каде оваа ненадејна маса луѓе? Ако за сите потешкотии во светот бил виновен капитализмот, ако западната цивилизација на глобално ниво по дефиниција е убиствена и воопшто уништувачка, тогаш од каде воопшто се појави толкав раст? Ако погледнеме сѐ заедно, дали за таквиот развој не е најзаслужен токму Западот? Без неговата технологија и медицина човештвото во сите погледи, не само во однос на бројките, многу ќе заостануваше зад она што е достигнато сега. Затоа Западот не треба да има претерано лоша совест! На свој начин, со поттикнување на растот и размножување на светското население, најмногу си наштетуваше себеси. Дали Западот во блиското минато не функционираше повеќе самоубиствено отколку убиствено?

Ако како луѓе од Западот бевме тотално себични и уверени во конечната доминација на волјата за моќ, во тоа дека со оглед на глобалната демографска експанзија и надоаѓачката климатска катастрофа можеме да го зачуваме само овладувањето со светот како таков во целина, тогаш, кога тоа беше можно да се спроведе без опасност од уништувачка одмазда, Западот на времето можеше да фрли неколку атомски бомби на Кина и Индија, а жителите на Африка да им ги препушти на сопствената судбина. Зошто не го направивме тоа? И зошто не размислиме за тоа денес, да размислиме за сопствената воздржаност, и зошто токму врз основа на таа рефлексија не ја осмислиме сопствената иднина? Секако, со ризик. Бидејќи притоа можеме да се потпреме единствено и само на нашата вера дека добрината на другиот ѝ претходи на неговата злоба, дека доброто ќе се враќа со добро и дека затоа злото нема да го надвладее доброто. А трансцендентната вера во добронамерноста на другиот повеќе од кога било досега најпрвин бара верување во себеси.


Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор за текстот: Mario Kopić – Sekstant (2010)

ЕУ река (62): Марио Копиќ – Европа (2)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото