Како до најефективен „домашен притвор“?

16.04.2020 11:32
Како до најефективен „домашен притвор“?

Во период кога државите воведуваат правила за социјално дистанцирање (и кои се различно решение во различни држави) со цел справување со пандемијата на коронавирусот, прашањето колку долго треба да траат овие мерки е веројатно дека ќе предизвика жестоки дебати. Голем број на економисти и психолози предупредуваат дека продолжениот период на де факто домашен притвор ќе влијае неповолно на финансиското и психичко здравје на луѓе, додека епидемиолозите укажуваат дека продолжувањето на „притворот“ ќе помогне побрзо да се намали епидемиолошката крива. Би било мудро ако креаторите на овие политики и мерки ги земат предвид и двете гледишта.

За среќа, постои значителен материјал од направени истражувања кој укажува на кој начин постапуваат граѓаните кога државата воведува одредени правила. На пример, луѓето треба да ги знаат и да ги разберат тие правила за да можат да ги почитуваат, и ако граѓаните мислат дека некое правило може потенцијално да им предизвика материјална или нематеријална штета, тогаш е помалку веројатно дека би го почитувале, и од тие причини државите понекогаш користат и економски стимуланси или казни за да влијаат на почитувањето, т.е. усогласеноста.

Сепак, мерките на давање стимуланси нема да функционираат ако нема согласност од целната група. Главен тест за степенот до кој цели популации можат да се придржуваат до владините мерки се токму мерките поврзани со пандемија кои се од размери невидени досега. Овие мерки варираат од доброволна самоизолација до евентуални парични или затворски казни за оние кои ги кршат правилата.

Точно е дека домашниот притвор постои како законска можност во голем број на држави, и така е уште од древни времиња. Десетици илјади лица веќе ги имаат прекршено наредбите за самоизолација во Франција, Италија, Шпанија и на други места, што бара од државите да воведат построги казни. Иако повеќето луѓе сепак се подготвени да се придржуваат до правилата за социјално дистанцирање на определен краток период, сè поголемите финансиски и психички притисоци на крајот ќе доведат до ерозија на нивната согласност.

Во таа смисла, ако креаторите на политики сакаат да обезбедат дека правилата за „притвор“ се ефикасни онолку долго колку што епидемиолозите сметаат дека е потребно, тие треба да ги обмислат тие мерки преку мултидисциплинарен пристап со вклучување на психолози, економисти па и технолози. За да се постигне максимална согласност, социјалните последици од „притворот“ (во смисла на психички и емотивни проблеми) не смеат да бидат поголеми од штетата поради која се воведува „притворот“.

Актуелните правила во Германија, Обединетото Кралство и Белгија, на пример, им дозволуваат на луѓето да излезат на прошетка или рекреативно да трчаат, забрануваат јавни собири на повеќе од две лица, и се мерки кои можеби би се толерирале еден или два месеци. Од друга страна, целосното затворање во Франција, Италија и Шпанија ќе функционира многу пократок временски период.

Вградувањето на здрави елементи во овие „режими“ на „притвор“ ќе им помогне на луѓето да се справат и придржуваат до правилата на подолги временски периоди, со што и државите ќе имаат повеќе време да ја подготват неопходната одбрана од вирусот. Таквите елементи можат дури и да поттикнат подобри навики кај населението и кај бизнисите, ако гледаме долгорочно.

Иако можеби е неодговорно предвреме да се релаксираат строгите мерки, целосното затворање (што подразбира забрана на сите надворешни активности) може да биде контрапродуктивно затоа што го зголемува психолошкиот и економски трошок за согласност од граѓаните, но и за државите. Трпението на граѓаните ќе почне да се намалува, особено како што ќе се намалува и нивната финансиска издржливост, а трошоците за спроведување на мерките ќе се зголемуваат.

Истовремено, и понатаму може да се вршат поголем дел од економските активности, особено оние кои подразбираат ангажирање на вешта или полу-вешта рачна работа, а сепак да се запазуваат протоколите за социјално дистанцирање. Овој пристап е усвоен во Квебек и во Онтарио, Канада. Со воведување правила кои претставуваат комбинација од одредено ниво на економска и општествена активност и строга политика за социјално дистанцирање, владите можат да помогнат во поттикнувањето на финансиската и психолошка отпорност на целните заедници. Ова е особено важно поради фактот што „притворот“ многу понегативно влијае на сиромашните слоеви отколку на богатите.

Исто така, за повеќето луѓе кои живеат во земјите во развој, да се седи дома значи да се биде без финансиски приходи. Овие кревки заедници имаат минимална финансиска отпорност и затоа е мошне малку веројатно дека би ги послушале мерките за „притвор“ чија цел е запирање на пандемијата. Притоа, државите не можат многу да сторат ако се соочат со проблеми на ова поле, што севкупно претставува дополнителен ризик за глобалното здравје. Забрзаното масовно тестирање ќе биде од инструментално значење во справувањето со пандемијата во посиромашните држави т.е. сè додека не биде најдена вакцина за коронавирусот.

Ставањето на пандемијата под контрола бара широк спектар на други интервенции – од производство на доволен број вентилатори и друга медицинска опрема за одделенијата за интензивна нега, па сè до масовно овозможување на дијагностички и терапевтски можности. Точно е дека истражувањето и развојот ќе бараат време, но државите веќе ја имаат технологијата да воведуваат, следат и да применуваат паметни правила за социјално дистанцирање, како што се ГПС, дронови, големи податоци и разни мобилни технологии. Всушност, сите ние ја имаме технологијата потребна да создадеме зони кои се времено ослободени од коронавирусот во градовите, со движења внатре и надвор, без било какви ограничувања. Овие зони можат да се воведат прво околу државните и здравствените институции и потоа постепено да се прошируваат на цели градови.

Најмалку иновативно решение е забраната за сите надворешни активности за продолжени временски периоди, затоа што тоа може да доведе не само до психолошки пореметувања туку и до физички проблеми, семејно насилство и проблеми во семејствата. Дополнително, забраната на безбедни надворешни активности, под изговор дека со тоа се заштитуваме да не дојде до прекршување на пошироките воведени правила, е аргумент токму против редот и законот. Системот на казни постои за да ги заштити нашите права од злоупотреба, а не сите однапред да нè казни.

Правилата треба да ги изолираат оние кои ги кршат правилата а не целокупната јавност, при што социјалното дистанцирање не треба да значи „домашен притвор“. Точно е дека се постапува превентивно со колективното седење дома со цел да се спречи коронавирусот; но колку подолго траат таквите мерки, толку е поверојатно дека граѓаните ќе се чувствуваат колективно казнети за прекршувања кои ги прават малкумина. Ваквите драконски мерки се закануваат да влијаат неповолно на јавниот морал и да ја отежнуваат согласноста од граѓаните.

Сами Марум е професор на Слободниот универзитет во Брисел и е виш соработник на Исам Фарес Институтот при Американскиот универзитет во Бејрут. Тој е автор на: Black Swan Start-ups: Understanding the Rise of Successful Technology Business in Unlikely Places.

Фотографии/Инсталации: Небојша Гелевски - Бане 

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото