Конфликтот на десните популисти и експертите

17.04.2020 02:45
Конфликтот на десните популисти и експертите

Општо познато е дека популистите генерално се противници на „елитите“ - а особено на експертите. Десните популисти не се во војна со сите елити - тие пред сѐ ги напаѓаат стручњаците кои полагаат право на авторитет врз основа на специјалистички знаења. Нивната перверзна верзија на десен анти-авторитаризам имплицира дека нема ништо лошо во тоа што некои луѓе се мошне богати; и покрај тоа, таквите луѓе можат да бидат најголем извор на мудрост. Одлуката на Трамп да им даде предност на советите на „деловните лидери“ наместо на советите на инфектолозите веројатно ќе создаде смртоносни последици. Но не смееме да заборавиме дека осудите и нападите на стручњаците не ги измислија популистите - пред нив истото го правеа Реган, Тачер и другите пропоненти на неолиберализмот.

Популистите често ги обвинуваат дека во свет со висока сложеност се склони кон неодмерено поедноставување. Оние кои го прифатија Трамп како парадигматска фигура на денешните популисти лесно ќе извлечат заклучок дека популистите постојано лажат и дека токму тие нѐ воведоа во ерата на „пост-вистина“ во која лагите од секојдневните реални ТВ програми емитувани од Белата куќа буквално сеат смрт.

Но тоа е поедноставено толкување. Популистите не се лажговци по дефиниција. Впрочем тие ѝ се лојални на една особена и емпириски лажна претстава: тоа е идејата дека тие и само тие се единствени застапници на она што често го нарекуваат „обични луѓе“ - со импликација дека сите останати политичари не се само корумпирани и „расипани“, туку се и предавници на народот. Како што би рекол Трамп, се однесуваат „неамерикански“.

Што е уште поважно, не е точно дека денешните десни популисти се противници на сите елити. Тие ги напаѓаат само припадниците на професиите, стручњаците. Гласачите на Трамп не гледаат ништо скандалозно во тоа што кабинетот му е полн со луѓе од Волстрит. Неговите гласачи впрочем не ги осудуваат богатите - зашто и самите сакаат да се збогатат. Од нивен аспект, богатите чесно ги стекнале своите пари и тие пари се објективен индикатор на „голем вложен труд“, тие се показател дека навистина направиле нешто (иако Рос, Мнучин и сличните на нив не направиле ништо, само ги преместувале парите од една сметка на друга).

Таквите наводни двигатели и лидери суштински се разликуваат од професионалците и експертите кои полагаат право на авторитет врз основа на стекнато образование и лиценци - адвокати, лекари, професори. Во културата на десницата тие автоматски се обвинуваат за „омаловажувачки“ тон со кој ни се обраќаат. Дали тоа не се луѓето кои ни зборуваат што и како треба да правиме зашто наводно тие најдобро знаат? Најџел Фараж, на пример, тврди дека Светската здравствена организација е само уште еден клуб на „сезнајковци“ кои ни „командуваат“.

Дали успехот на Трамп, Болсонаро, Џонсон и сличните е доказ дека демагозите секогаш лесно можат да ги заведат луѓето кои впрочем не знаат што е најдобро за нив? Недовербата во стручните и професионалните знаења не дојде од никаде. Прифаќањето на таквите ставови е подготвено со подемот на неолиберализмот. Маргарет Тачер беше позната по изјавата дека академските работници, со исклучок на истражувачите во природните науки, впрочем не прават ништо; може да се каже дека тоа се банда левичари кои само ги расфрлаат парите на даночните обврзници. Ториевците воведоа обврска за постојани ревизии и оценувања (и дисциплинирање и казнување на оние што нема да ги исполнат нормите); се сметаше само она што може да се преброи. Владите кои ги славеа „слободните пазари“ - како начин за спонтано воспоставување на економскиот поредок - завршија со изградба на вештачки „пазари“ во високото образование и здравството. Таквите псевдо-пазари добија задача да обезбедат правилни „поттици“ - зашто беше прифатен ставот дека припадниците на класата експерти не можат правилно да бидат мотивирани со самите цели за пружање помош на заболените или со истражувањата или образованието на младите.

Она што го добија не е пазар, туку непрегледна бирократија мошне слична на онаа од Советскиот сојуз. Во системот кој еден историчар го опиша како „тиранија на мерилата“ зададените мерки и критериуми станаа највисока цел; беспоштедната квантификација на учиноците ја искриви претставата за тоа што и како навистина прават стручњаците. Со вложување големи средства и многу лукавство изграден е систем кој поаѓа од претпоставката дека саморегулацијата и одговорноста во струката се непостоечки идеали, кои ги измислија припадниците на професионалните класи за да ги оправдаат своите монополи.

Таквиот координиран напад на стручноста им помогна на Трамп и Борис Џонсон во нивните тврдења сѐ да знаат подобро од водечките научници. Лидерите од деловниот свет се фалат дека се поспособни и поповикани да донесуваат одлуки за траењето на карантинот отколку епидемиолозите. Трамп - кој изгледа им верува на теориите кои му ги сервира неговиот сосема неквалификуван зет и стравува дека нема да биде засенет од Ентони Фаучи - не сфаќа дека колку подолго им верува на аматерите во Белата куќа толку повеќе животи ќе бидат загрозени.

Тековната пандемиска криза ќе ни помогне подобро да го согледаме значењето на професионалците (вклучувајќи ги професионалците во политиката како што е Хилари Клинтон). Сепак, исто така е важно да се задржат професионалците во рамките на кои имаат право. Експертите треба да ги дефинираат можните опции кои стојат пред политичарите, а не да донесуваат одлуки во нивно име. Вистинските експерти, за разлика од технократите, не тврдат дека имаат единствено правилно решение за секој постоечки проблем.

На популистите и технократите заедничка им е верата дека постои само еден вистински пат: популистите тврдат дека постои само една автентично народна волја (да се изгради ѕид, да се прекине брегзитот) и дека тие се единствените кои ја познаваат таа волја и можат да ја спроведат на дело. Технократскиот став - популарен во Европа за време на должничката криза - подразбира дека постои само еден рационален одговор на секој политички предизвик и дека единствено технократите го знаат вистинскиот одговор. Ако не се сложувате со популистите, ќе ве прогласат за предавник на народот; ако не се сложувате со технократите, љубезно ќе ви објаснат дека не знаете што зборувате.

Поуката која треба да се извлече од сето ова не е заклучокот дека стручноста и професијата треба да ја заменат демократската политика или најширокото учество на граѓанството - што е заклучок кој бесрамно го нудат елитистичките либерали кои би сакале насекаде да воведат професионални контролори, особено кога ќе се приближат изборите за претседателски кандидати. Граѓаните сепак подобро ги познаваат своите проблеми; а експертите можат да имаат клучна улога во нивното решавање - ако се воздржат од омаловажувачкиот однос кон непрофесионалците. Или, како што рече Џон Дјуи, најголемиот американски филозоф на демократијата во 20 век, „владата со експерти во која масите не добиваат можност да им објаснат на експертите што ги мачи не може да биде ништо друго освен олигархија која управува во интерес на малцинството“.

Илустрации: Phil Hands

Извор: https://www.theguardian.com/