Медиум на друм (71): Културата и технологиите за контрола (1)

17.04.2020 10:44
Медиум на друм (71): Културата и технологиите за контрола (1)

.-
....
.-
-
..
...
-
....
..
...
..—..

„Што е тоа?“ Самјуел Морс

Културата не е само изразување на личните интереси и определби кои се реализираат во рамките на група во склад со правилата и навиките. Таа подразбира и идентификување со одреден систем на вредности. Традиционалниот модел на инженеринг на културата подразбира конструирање културолошко памтење и утврдување симболички поредок со активирање на менталните и идеолошките простори. Симболичките системи креираат реалност на пренесување имплицитни политички содржини и логики. За таа цел, како когнитивни средства, се користат мапи на светот кои зрачат со аура на објективност и кои истакнуваат одреден начин на живот. Сликата на светот како симулација или мапа на реалноста може да биде мошне поттикнувачка и токму тоа го објаснува инвестирањето во претставата за културата.

Од историографијата до образованието перцепцијата е под влијание на ментални модели врз чија основа е формиран симболичкиот поредок. Едвард Бернејс, пионер на современата теорија за односи со јавноста, тврди дека ставот е единственото нешто по што се разликуваат образованието и пропагандата. „Образованието е заговарање на она во што веруваме. Пропагандата е заговарање на она во што не веруваме.“

Развојот на електронската комуникација и дигиталните медиуми овозможува глобално телеприсуство на вредности и норми на однесување. Со забрзување на протокот на убедувачката комуникација тој развој исто така пружа сѐ поголем број можности за контролирање на јавното мислење. Сѐ потешко е да се разликуваат информациите од пропагандата која се дефинира како „манипулирање со симболи кои се користат како средства за влијание на мислењето на другите луѓе“. Оној што ги контролира метафорите, ги контролира и мислите.

Сеприсутниот проток на информации се одвива премногу брзо за да можеме да свариме сѐ, а системот на вредности во манипулирањето со човечкото внимание се постигнува со истурање некои аспекти во прв план за некои други да останат во сенка. Сѐ поголемото насочување на вниманието на одреден настан од значење го брише сето она што не се движи во неговите однапред дефинирани рамки. Манипулацијата во сферата на информациите исто така се остварува со длабоко задирање на носителите на одреденo влијание во полето на комуникациите.

Големите потфати што имаат за цел управување со јавното мислење, поттикнување на мотивацијата за психолошко насочување и режирање на постигнувањето договори или остварување влијание во креирањето на политиките, не се исклучиво обележја на 20 век. На пример, во средниот век наидуваме на изобилство докази за лажна реконструкција на културата. Широкото внимание и интересите на медиумите ги привлекуваат неодамнешните откритија за масовноста на фалсификатите, лажирањата на генеалогиите, официјалните документи и нормите. Во 12 век, особено во Европа, мошне долго се користеле псевдоисториски документи како инструменти за политичка легитимност и психолошка манипулација. Според некои конзервативни проценки, повеќето документи од споменатиот период биле лажни. Ретроспективно, сите империи би можеле да се покажат како производ на инженеринг на културата. И покрај тоа, авторите како Мартин Бернал, кој го напиша Фабрикувањето на Античка Грција, јасно покажуваат во која мера се присутни пропагандата и историските дезинформации во сферата на културата во делата на европските научници. Втемелени на расистички идеи и прикриени политички концепции историските настани се фабрикувани, а културните текови изобличувани за да се одржува идеолошката хегемонија на европските елити.

Сѐ поголемата информатизација на општеството и економијата предизвикува пораст на важноста на културата и софтверот од сферата на културата во влијателните психополитички структури. Прашањата поврзани со културната хегемонија беа значајни и за време на таканаречената студена војна. Делата како што се Студената војна во сферата на културата и Како Америка ја украде Авангардата на авторот Френсис Стонор Сандерс и Серж Гилбо овозможуваат поглед зад кулисите во машинеријата за културна пропаганда и предочуваат дозата на екстраваганција со која беше изведена целата мисија. Она што е интересно е што имаше конкретни обиди да се поддржат прогресивните и либералните позиции кои би имале функција на одбранбен ѕид во заштитата од „комунистичката наезда“. Ако може да им се верува на некои современи историски аналитички истражувања, се стекнува впечаток дека речиси секое поголемо, напредно списание од културата во педесеттите и шеесеттите го основала и финансирала некоја тајна разузнавачка организација или, пак, луѓе од такви организации биле инфилтрирани во редакциите на споменатите списанија. Во светло на споменатата опсервација, тврдењето на Куба на светската конференција на УНЕСКО во Хавана 1998 година во кое се вели дека културата е „оружје на 21 век“ звучи сосема основано.

Во мошне обемната воена литература на тема информациска војна, одржувањето мир со помош на информации е опишано како „најчиста форма на војна“. Конструирањето митови, кое има за цел усогласување на субјективните доживувања на опкружувањето, користено е за цели на интеграцијата и мотивацијата во решавањето конфликти. Додека „разузнавачките дејности“ често ги сфаќаме како виртуелна замена за насилството во информатичкото општество, одржувањето мир со помош на информации и контролирање на психокултуролошките параметри на влијанието кои во потсвеста ги вршат дефинициите во процесот на посредување и толкување, се сметаат за најсовремена форма на војна.


Општество на дезинформации

Ова е време на процут на разузнавачките дејности - и тоа не само државните, туку и приватните. Надзорот над масите, податоците и обработката на информациите прераснаа во разузнавачка индустрија од крупни размери. Додека државните разузнавачки служби тајно се заштитени во службата за национална безбедност, превентивните такси и огромните парични средства кои можат да ги платат само големите компании, го чуваат пристапот до разузнавачките дејности од сферата на економијата.

Компаниите, клиентите од разузнавачките служби, редовно го забрзуваат медиумското соединување на информациите од сферата на печатот со односите кои ги имаат корпорациите со јавноста. Програмата на капиталот стекнат преку приватното работење има поддршка од трустовите на мозоци (think tank) кои објавуваат идеолошки обоени и прикриени програми под маската на независната академска содржина. За разлика од индустријата со идеи, во која се вложени милијарди долари, не постојат фондации на разузнавачки служби од сферата на културата наменета за наследство за иднината, нема институти кои би се занимавале со предвидување и истражување на повеќедимензионалниот потенцијал на експерименталната комуникација помеѓу луѓето - освен на планот на потрошувачите. Се стекнува впечаток дека контролирањето на општествениот развој е во раце на технократските елити, дезинформираните бирократи и прикриеното, но агресивно лобирање. Планот за комуникација во иднина се прави зад затворени врати.

Технолошки детерминираниот свет сѐ повеќе го обликува општеството, но демократскиот потенцијал сѐ повеќе е исклучен од јавна дебата. Многу надежи кои постоеја на почетокот, а се однесуваат на еманципацијата во општеството кое се потпира на размената на информации, исчезнаа засекогаш. За разлика од тоа, потенцијалот на информативните и комуникациските технологии за целите на политичкото контролирање и репресија како да нема граници, бидејќи нивната практична примена станува сѐ „понормална“ и секојдневно ни ја предочува реалноста. Употребата на информатичките технологии за спречување граѓански протест отвора нови врати за контрола во сферата на политиката и културата.

До 2002 година, отвореното мешање во приватната сфера на голема врата влегува во владејачките општествени текови. Иако 11 септември предизвика бурни превирања, ова движење неколку години беше во полн замав. Efopol - движењето на Европската унија за спречување на комуникацијата помеѓу државите - и уредбата на Обединетото кралство за Законот за овластувања во тек на истрага, кој на полицијата ѝ дава право да ја спречи секоја комуникација во која се користат „јавни комуникациски системи“, спаѓаат во првите правни средства кои пробија пат за зголемување на апсолутниот надзор во општеството. Иако 1998 година Европскиот парламент го укина Ешалонскиот систем за спречување на комуникацијата, кој беше воспоставен 1948 година, тој сѐ уште е еден вид тајна разузнавачка дејност на западниот свет и не спаѓа во доменот на демократската одговорност.

Порастот на употребата на технологијата за надзор и контролирање е корисен не само зашто опфаќа сегменти од општеството кои не успеваат да се вклопат во економијата на машинската манипулација со симболи туку, гледано и на подолги патеки, последиците од општествената хомогенизација со помош на технологијата на управувањето и контролирањето се исклучително пожелни за развојот на глобализираниот пазар и управувањето со мислењето.
(продолжува)

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Nicolas Monterrat
Извор за текстот: Konrad Becker – Culture and Tecnologies of Control (2004)

Медиум на друм (70): Новинарска реедукација на средношколците
https://okno.mk/node/83932

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото