Поглед озгора

17.04.2020 19:22

На полската патека лежи мртов скарабеј.
Врз стомакот уредно ги наредил трите пара ноџиња.
Наместо хаосот на смртта ‒ уредност и склад.
Ужасот на таа глетка е умерен.
Подрачје тесно локално, од пиреј до нане.
Тагата не се шири.
Небото е сино.

За да не нè вознемират, некако со поплитка
смрт не умираат туку пцовисуваат животните
губејќи ‒ сакаме во тоа да веруваме ‒ помалку од светот и чувствата
симнувајќи се ‒ како што ни се чини ‒ од помалку трагична сцена.
Нивните кротки душички ноќе не нè плашат,
ја почитуваат дистанцата,
знаат што е пристојност.

И еве го мртвиот скарабеј на патеката,
свртен кон сонцето неоплакан светка.
Доволно е за него да помислиме колку и да видиме:
изгледа дека не му се случило ништо важно.

Важното е наводно со нас поврзано.
Со животот само наш, само со нашата смрт,
смртта која има неприродна предност.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото