Патриотизам до колена

24.11.2010 13:50
patriotizam-do-kolena-2.jpg

Кога ќе ве напикаат во ќоше,
многу тешко е да ги гледате работите
од друга перспектива.

 

Станувам по сабајлечки, полека џоа зомби се движам по дома, барам кај ми се чорапите да се чарапосам па да почнам да си абам табаниве по земјичево наше и да го туркам денот. Глеа’м тие врлени покрај креветот и додека им се ближам се прашувам која ли ми беше лева, а која десна, хмм,? Троа блеам па ги зе’ам и си думам: офкорс, нема врска која е лева, која е десна, нели? И дур ги ставам чорапите ми навираат думи-аналогии на релација „чорапи-политички партии“. Да бе стварно, и кај нив исто нема лево-десно, како на која нога ќе те набијат, така и функционираш. Интересно, си викам и стануваајќи дослушнувам некаковси џагор од надвор. Што ли е ова сега, си викам, и тргнувам накај пенџеро’ да видам ш’о марифет да ти било ова.

И тргам перде, што да видам, надвор наврнал патриотизам до колена!!! Ајдеее! И се’а што правиме? Врнело, врнело патриотизам и се заборавило од врнење! Па тоа патриотизам по кровови едно метро, па и два, напаѓало врз грбот на трошните куќи на комшиите си мислиш секој миг ќе ги срамни со земја. Па не издржуваат толкав патриотизам комшискиве плеќи, драги дами и господа!

И гледам одма деца почнале да се играат со партиотизмот, па си прават патриотски топчиња и се маваат едни со други. Ај што се маваат и забавуваат со себе, ами онака се збираат, си се јачаат, па ќе начекаат некој наивен минувач, па кога ќе го смаваат, со едно ураа, па ќе го збијат во ќош, и потоа ќе избегаат каде-кој. Ајдеее, хаос, хаос! За греота кутрите минувачи, се тргаат, клекнуваат, бараат заклон, едни бегаат од нив, други па ќе им се свикаат: „Што се мавате бе копуци ниедни!“. Завладеала општа збрка, не можеш да видиш кој кого мава!

Чекај, си велам, дај да излезам и јас надвор да видам да ѕирнам, потргам врата, и оп-оп-цврц! Не се отвора вратата! Тоа толку наврнало патриотизам пред моиве порти, што не можам да ги отворам! Ајдеее! И сега што правиме, си викам јас, па ќе скапам овде внатре, ни лебче, ни млеко...ајдеее! Ај да не кревам паники од одма, си викам дај ќе побарам помош. Вртам јас на 988, викам, пцујаm, и конечно ми даваат број на одговорните „институции“. Им спукав едно добар ден и им велам, ало бе, кај мене дома во двор наврнал патриотизам, не можам од дома да излезам, на што личи ова? Господине, ми враќа госпоѓата, не сме ние oдговорни за ова, бркајте си работа! Ајдее!!! И пак. вртам, пцујам, и пак ми даваат некој број, па и на нив едно отсечно добар ден, а тие на мене, ај чао, не сме ние за ова, обратете се таму и таму! И по пет-шест круга вртењe телефони ми даваат едно господинче со фин глас па ми враќа: „Господине не се тревожете, се ќе биде во ред, службите работат според законите и правилникот, ние сме посветени на процесот на расчистување на проблемите како во вашиот, така и во сите останати дворови“. Да, му викам, ама јас скапав овде, нема никој да поможе? Џабе му зборам, ми се одјави фино-лепо со својата посветеност кон помагање, а јас си останав заглавен од патриотизмов! Ту бе ш’о беља ме снајде, не дека ич па не сакам патриотизам, au contre, ама ова претеризам бе, не можеш од дома да мрднеш.

И дур чекам, велам ај може сонце ќе не огрее, па ќе стопи малку патриотизмов, колку да излеземе јаднички од дома по намирници. И еден опул низ џам, што да видам: почнале луѓево да си се лизгаат на патриотизмов, гајле немаат! Некои онака на нозе, некои со лизгалки, некои дури и со онакви профи за уметничко лизгање, па вртат пируети, уживаат, а некои братче со најлон ќеси, г’зечки и опа, лизгааај! Ма општа лизганица! И гледам, гледам, некои ај што се лизгаат, ама цепаат, цепааат и оп, ќе се излигаат право на директорско место! Ваууу! Каква браворузност! Други па мајчини се лизгаат по патриотизмот, лизгај лизгај, со залет па оп директно скокаат во амасадорски фотелји, во тендерски комисии, во управни одбори, и се некои така фини места. Бра’о бе си викам, каква умешност, кога побрзо научија вака добро да се лизгаат по патриотизмот, треба да си мајтапџија ова да го правиш! Некои пак сакаат да се лизгаат како и овие господа, ама цврц, не може баш секој, ќе се лизнат така па главечки наземи, врат ќе си испокршат!

И пак јас по телефони врти-сучи, пак врти и им свикувам: Ало, дајте бе фрлете малку сол на патриотизмов луѓе се испокршија надвор, многу е лизгаво ај што јас не можам да излезам од дома! Па уживајте малку во патриотизмот, ми велат, што се нервирате. Како да не се нервирам, им враќам, и јас сакам патриотизам, ама со мера, на што личи ова бе! Па глави ќе испокршиме, еееј!

И се враќам кон мојот единствен прозорец кон светот и гледам некои пак почнале од патриотзмов да градат снешкобелковци, а некои богами и папапа големи снешкобелковци а и разни други чичковци и теткици. Впрочем, избор и немам, што ми останува, вака заглавен, освен да гледам и да уживам скапувајќи затворен по дома.

Слика: Питер Бројгел, Детски игри

Текстов е ништо посебно,

Текстов е ништо посебно, просечно тресење булшит

 кичерај

 кичерај

Ми се свиѓа. Одлично!

Ми се свиѓа. Одлично!

Зошто беше избришан

Зошто беше избришан коментарот? (Текстот не е добар. Тоа е тоа.) 

ОкоБоли главаВицФото