Ковид-19: „Невидливиот непријател” станува нова нормалност

18.04.2020 13:45
Ковид-19: “Невидливиот непријател” станува нова нормалност

Ретките новински извештаи за новиот коронавирус на почетокот на годината укажуваа на тоа дека се работи за уште една тропска болест од типот на ебола или птичји грип, таму некаде далеку во Азија или Африка, и тешко би допрела до нас.

Како поминуваа деновите и неделите, Кина, каде избувна болеста со назив Ковид-19, но и Јужна Кореја и Јапонија беа првите кои прогласија епидемија. Човештвото тогаш сè уште не знаеше дека е соочено со едно од своите најтешки искушенија, заразна болест која се манифестира со компликации во дишните патишта и смртоносна белодробна инфекција.

Во позадина на охрабрувачките ставови на Светската здравствена организација, дека болеста не се пренесува од човек на човек, ниту САД ниту пак ЕУ не го прифатија сериозно тоталниот карантин што ненадејно го воведе Комунистичката партија на Кина во Вухан, наводниот епицентар на болеста.

Воведениот 24 часовен полициски час на 11-милионскиот индустриски центар Вухан и другите градови во кинеската провинција Хубеи се случи на 23 јануари.

-Ние бевме запрепастени. Што се случува, весникот Њујорк тајмс неодамна пренесе изјава на официјално лице од Белата куќа.

Иако директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, токму тогаш укажуваше дека забраната на авиосообраќајот од Кина би било ширење паника во јавноста, американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за директни летови од Кина за САД. Започна на 31 јануари и се забрани влез за сите кои биле во Кина во претходните 14 денови. Слична забрана за авиосообраќај беше воведена пет недели подоцна и кон Европа.

Кога сите увидоа дека за првпат во модерната историја Европјаните не смеат да патуваат во САД, се дознаа вистинските размери на катастрофата.

По сè изгледа веќе беше доцна да се спречи светска пандемија, откако се дозна дека новиот коронавирус не само што лесно се пренесува од човек на човек, туку и може да биде фатален за лицата постари од 65 години кои имаат секундарни здравствени проблеми.

Во САД и Европа, добар дел од месец февруари помина без конкретни акции како технологија и начин за масовно тестирање и мапирање на заразените, по теркот на ефективните мерки во Јужна Кореја и Јапонија, каде епидемијата е спречена да се прошири.

И Кина можеби успешно го спречи ширењето на болеста кај себе, официјално со околу 84 илјади случаи на заразеност и 4.600 фатални случаи, капка во море со оглед на популација од речиси 1.4 милијарда луѓе, но растечкиот тренд на инфекција и смртност беше драматичен во Италија, САД, Шпанија, Франција или Германија, најголемите и највлијателни западни економии.

Во март, првичниот оптимизам на Трамп дека „имаме само четири случаи“ и „вирусот ќе помина со топлото време во април“ се претвори во фрустрација и борба со „невидлив непријател“, откако јавноста увиде дека бројките на заразеност и смртност од вирусот растат експоненцијално. Техничките термини и препораки како „социјална дистанца“, „физичко растојание“ и забрането ракување, станаа нова нормалност, како излезени од антиутописките филмови.

Освен Италија, Шпанија и Франција, настрадани се и многу други земји како Турција, Иран или Русија, каде деновиве е забележан брз растеж на нови случаи. Само во првите три земји, инфекција моментално има кај над 140 илјади во секоја, додека во САД бројката достигна до 670 илјади и смртност од над 33 илјади. Моментално, според таблото на институт „Џон Хопкинс“ од Вашингтон, вкупната заразеност на светско ниво е над 2.2 милиони, со смртност од речиси 150 илјади.

Сите тие земји, пред сè западните, мораа да прогласат разни мерки како забрана за патување, карантин за своите граѓани, затворање на бизнисите и економијата и да отворат фронт против болеста, со илјадници пожртвувани доктори и медицински персонал во болници преполни со прилив на нови пациенти. Пандемијата во западниот свет предизвика една од најголемите социјални и економски кризи од Втората светска војна наваму.

Кина сега е ставена на тапет. Се прикажувале неверодостојни информации, се заташкувало за сериозноста на болеста, се водело во заблуда раководството на СЗО. Како што денеска изјави францускиот претседател Емануел Макрон, „има сиви области во управувањето со епидемијата од страна на Кина... Очигледно има работи што се случиле а за кои не знаеме“. Од француската Влада побараа одговорност од Пекинг за тоа како се случила епидемијата и дали истата би можела да биде спречена.

Слични, но громогласни, повици доаѓаат и од Вашингтон. Трамп се соочува со критики од неговите опоненти, демократите: како тој се справувал со кризата во првичната фаза во јануари, дека игнорирал клучни извештаи и предупредувања од разузнавачи и луѓе од својот кабинет за тоа дека во централна Кина се ширела непозната болест со опасност да ја загрози армијата на САД стационирана во регионот.

Јастребите во Вашингтон сега бараат целосна одговорност од Кина. Пекинг да плати за економските штети што сега ги трпат западните земји. Двајца републикански законодавачи пак, денеска во Конгресот предложија нацрт закон со кој американските граѓани би можеле да ја тужат Кина во федерален суд поради смрт и економски штети од „вирусот од Вухан“.

Во меѓувреме, како излезени од детективските романи на Џон Ле Каре, се шират теории дека вирусот е од природно или вештачко потекло, дека е биолошко оружје создадено во руска или кинеска лабораторија за геополитички реванш со Западот.

Марк Еспер, министер за одбрана на САД, не ја исклучи можноста дека вирусот е од „органско“ потекло.

Досегашните шпекулации наведуваат дека коронавирусот е пренесен од лилјак на човек, или од мајмун или змија на човек, во таканаречените „мокри пазари“ за месо и морска храна во Кина, каде се продава и свежо месо од егзотични животни. Се знае дека свинскиот грип е пренесен од свиња на човек во Мексико во 2009 година. Тогаш од ова болест починаа речиси 13 илјади Американци. Познато е и тоа дека еболата во западна Африка е пренесена на човек со директен контакт на ткиво или крв од лилјаци, која уби повеќе од 11 илјади, слично е и со вирусот ХИВ/СИДА, пренесен со директен контакт од мајмун на човек.

Но Кина, засега, е таинствена за тоа каде и како започнала епидемијата на новиот коронавирус, многу полесно пренослив и со многу поголема стапка на смртност од претходно наброените болести.

Најновите шпекулации се дека поради невнимателност, вирусот бил изнесен од Институтот за вирологија во Вухан, каде се вршеле епидемиолошки тестирања на нови облици на грип. Тоа е потврдено и во истражување објавено од Ши Женгли, заменик директор на институтот, јавија денеска некои медиуми.

Претседателот Трамп, кој се соочува со изборна година и големи искушенија да ја отвори американската економија, која за неколку недели изгуби над 20 милиони работни места, полошо и од Големата депресија во 1929-33 година, во средата изјави дека САД се обидуваат да дознаат дали вирусот бил случајно пренесен на човек за време на експерименти со лилјаци во лабораторија во Вухан.

Економистите сметаат дека коронавирусот мошне сериозно влијае на динамиката на светската економија. Се предвидува дека поради коронавирусот, светскиот бруто домашен производ (БДП) за 2020 година ќе отиде во голем минус од три проценти. Од предвидените три проценти растеж, оценет во јануари, кога светот беше без пандемија.

Пекинг најверојатно го потроши секој кредибилитет што досега го имаше кај меѓународната заедница и земјите бараат безусловна соработка од страна на кинеската комунистичка власт, која е обвинета за прикривање на реалната состојба и заташкување клучни информации за вирусот, како пред СЗО така и пред САД.

Кина сè уште не го утврди, на транспарентен начин како што тоа го прават другите земји, конечниот број на заразени и умрени. Никој не верува во прикажаните бројки на смртност од Вухан, од каде доаѓаат извештаи за илјадници нерегистрирани сандаци со тела. Кинеските власти го зголемиле првичниот број на починати во градот за 50 отсто, или за дополнителни 1.290 фатални случаи, јави Би-би-си денеска (17 април).

Конечно, главниот проблем со коранавируст не е толку во штетата што ја предизвика, туку во фактот дека постои неопределеност. Новиот коронавирус е тип на грип, а од обичен грип годишно умираат милиони. Шпанскиот грип во 1918 година пак покоси 20 милиони луѓе за неколку месеци.
Економиите на поединечни земји, нивните индустрии, пазари за нафта и нафтени деривати, за продажба на автомобили, и за стоки за широка потрошувачка како облека и бела техника, сите зависат од проценка на некакви општи показатели, како куповна моќ, развој на технологија, или новата мода. Сето тоа паѓа во вода кога постои неопределеност. Во овој случај, неодреденоста зависи од фактот за тоа дали против некоја болест постои противотров, лекарство, или не постои.

Човештвото поинаку реагира на болест за која постои лек, има начин да се излечи, и на болест за којашто сè уште нема лек, и развојот на вакцината, како што укажуваат експертите, треба да се чека многу месеци. Ако не знаеме каква е таа болест и како може да се одбраниме од неа, не ги знаеме ниту потенцијалните размери на катастрофата.

Извор: МИА