Штотуку дива пајка (поточно, патор) прелета пред мојот балкон

20.04.2020 10:18
Штотуку дива пајка (поточно, патор) прелета пред мојот балкон

Само што видов дива пајка (поточно патор) како прелета пред мојот балкон.

Претходно си седеше на гранка на едно од дрвјата во просторот на бившата фабрика #Треска.

Од овој де факто заграден парк секое сабајле, а и преку ден кога е полициски час - значи додека градската бучава е на пониско ниво, се слуша пеење од скоро десетина различни видови птици. Не е ни чудо, оти во тој простор има меѓу 100 и 200 дрвја и грмушки кои пораснале затоа што луѓето ги оставиле на мир изминативе триесетина години.

Повеќе информации + сателитски снимки:

Ако Град Скопје и општина Центар решат да го сменат ГУП-от и ДУП-от и направат парк од Треска, тоа ќе биде огромна придобивка, не само за градот туку и за земјата.

Има низа примери низ светот на градови кои стекнале имиџ на зелени преку такви потези. Дел се наведени на страницата Во одбрана на Буњаковец.

И како што може да се види од фактот што ја праќам поракава, мобилната мрежа работи во зонава. Птиците не бегаат од неа, туку ги плаши нападното присуство на луѓето. Ако луѓето го намалат своето штетно однесување, и плашливи птици како пајките ќе се вратат меѓу нас. Тие инаку живеат на брегот на Вардар, неколку километри од местово.