Велигден

20.04.2020 10:27
Велигден

Пролетна ноќ. Пред да појдам накај храмот влегувам во кујната за да бидам целосно опремен.

И тоа си се
дотерало вечерва -
фарбано јајце.

Стигнувам пред храмот и ги барам пријателите меѓу ликовите меко осветлени.

Бреза до храмот.
Осветлена од свеќи
ливчиња раѓа.

Се пробивам низ толпата и гледам дека пламенот патува многу побргу од мене.

Априлска вечер.
Пламенот се сели од
свеќа до свеќа.

Влегувам и ме облева некаква силна светлина и топлина.Во полумракот од храмот се пробивам накај изворот на светлината.

Палам две свеќи.
За првата знам зошто.
За втората не.

Ги слушам пеењата и молитвите. Полека им се придружувам молчејќи.

Восок на прсти.
Пламенот гори внатре.
Во џебот – јајце.

Си честитаме, се прегрнуваме и со некаков нов сјај во очите го напуштаме храмот. Надвор се слушаат само велигденски поздрави во различни октави и еден препознатлив звук.

Велигденска ноќ.
Под нозете крцкаат
лушпи од јајца.


(хаибун од „Ехо од бранови“, Или-или, 2009)

Слика: Ото Дикс, Воскресение, 1949

 

ОкоБоли главаВицФото