Медиум на друм (73): Културата и технологиите за контрола (3)

21.04.2020 11:29
Медиум на друм (73): Културата и технологиите за контрола (3)

Манипулативни модели

Главните подкатегории на пропагандата се командната пропаганда, која бара одреден и брз одговор (купи, направи, гласај, придружи се, бори се), и субпропагандата или пропагандата на условување, чија цел е обликување на јавното мислење, на претпоставки и ставови на една долгорочна и широка основа. Основните манипулативни модели на општествено-политичката група „Cause“ можат да се опишат преку моделите: закана, поврзување, причина, реакција. Моделите за општествено-политичко убедување се слични со потрошувачко-маркетиншките кампањи: основен модел на комерцијалното рекламирање е едноставна формула во пет чекори како да се дојде до врвот: да се насочи вниманието, да се изгради доверба, да се поттикне желба, да се нагласи итноста, да се бара реакција.

Техниките за убедување се систематски напор да се убеди група луѓе да поддржи или прифати одреден производ, мислење, став или насока, но и обид на ставовите да се влијае со употреба на симболи, а не сила. Константно во секоја комуникација, вербална или невербална, некои аспекти се засилени, а некои намалени. Манипулацијата е моќно заснована на интензивирање на информациските елементи со повторување, асоцијација и композиција, и на намалување на значењето со изоставање, одвраќање или збунување. Во анализата на убедувањето можеме да издвоиме неколку модели на модификација на однесувањето и техники на влијание, а свеста за овие модели помага при анализа на сложени емоционални аргументи, иако не известува за веродостојноста на приложените докази. Програмите за општествено влијание тежнеат кај целната група да предизвикаат послушност со што помалку размислување. Импулсот за акција доаѓа директно од длабочината на несвесното, а употребата на длабочинското убедување е инструмент кој го постигнува овој ефект.

Трансформацијата на јазикот како инструмент на умот во симболи кои директно предизвикуваат чувства и рефлекси, каде зборовите стануваат „чист звук“, е намерно девалвирање на мислата како основен услов за општествена организација, што предизвикува сериозни нарушувања на асоцијативните процеси.

Едно од најинтригантните влијанија надвор од нашата свест е несвесната психодинамичка активација. Простиот ефект на изложување на едвај маргиналниот стимулус за забележување, познат и како потсвесно перцептивно насочување, е ефект на нашиот избор при избирање кратко прикажани слики во тест. На тоа му оди во прилог и тоа што варијациите на простиот ефект на изложување ги активираат емотивните центри во мозокот, без да се биде свесен за тоа.

 

Дигитални човекови права

Дигиталните човекови права се проширување и усвојување на универзалните човекови права во склад со потребите на општеството засновано на информатичката технологија. Информатичкото општество сѐ повеќе ги користи напредните информатички и комуникациски технологии кои имаат воено потекло. Овие средства се проширени кон технологијата на несмртоносно оружје и лесно можат да се злоупотребат во рацете на владите или корпорациите и да се користат против интересите на општата јавност на мошне опасен начин. Се појавуваат нови структури на моќ, со потенцијал да доминираат со оние на кои им недостасуваат способности или пристап до средствата за комуникација. Заради тоа остварувањето на дигиталните човекови права ќе овозможи секој човек да може да учествува во овој медиум и да го користи неговиот потенцијал слободно и без ограничувања.

Дигиталните човекови права се засноваат врз сфаќањето на комуникацијата како двигател на цивилизацијата и основа на индивидуалноста, како и на општеството. Основните човекови права го вклучуваат правото на пристап до електронскиот домен, правото на слобода на изразување и онлајн поврзување и правото на приватност. Дигиталната поделба помеѓу оние кои имаат пристап до новите канали за електронска комуникација и оние кои го немаат тоа, ги нарушува правото на образование и вештините во новите технологии од инфосферата и правото на основно ниво на информации преку државните институции и сервис провајдерите.

Слободното онлајн изразување нема да биде ограничено од директни или индиректни методи, како што се цензурата или рестриктивната владина или приватна контрола на хардверот и софтверот, телекомуникациската инфраструктура или другите основни компоненти на електронските мрежи. Правото на приватност, анонимност и безбедност вклучува заштита од произволно следење без разлика дали се работи за содржини или онлајн поврзување, како и право на избор на технологија за приватност, на пример криптографија, за да се заштити комуникацијата. Напорите кои водат кон развој на комуникациската инфраструктура за надзор, индивидуализирани кориснички профили, откривање траги на податоци или пресретнување онлајн комуникација со цел надзор или за маркетиншки цели, претставуваат кршење на ова право.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Nicolas Monterrat
Извор за текстот: Konrad Becker – Culture and Tecnologies of Control (2004)

Медиум на друм (72): Културата и технологиите за контрола (2)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото