Минато неопределено време

21.04.2020 20:25

Животот е сѐ што се случува
помеѓу утре и вчера.
Баба ти со големите тенџериња вода
што со лакотот ја отвора,
а со коленото ја затвора вратата,
да не се оладат одајата, лебот, надежта.
Дедо ти склопчен ко бебе врз креветот
по ден долг како година низ неродните полиња
среде жегите што му ја замрзнале крвта.
Вујко ти што на црниот велосипед
го пренесува куферчето со историски изми
врз кои му црташе заводливи девојки
за да го заврши факултетот што поскоро.
Едната тетка со три смени во фабриката „Иднина“
брусејќи ги часовите на нормата
со подочници како филџанчињата
што ти ги купи за да си играш сама,
другата заитана со ќеси врз старите чизми
среде скопските зими кон фабриката „Газела“
си го мери стечајот на телото со расипан патент,
а стечајот на душата со скинато ремче.
Мајка ти на машината за чукање ги архивира
сосе автомобилските гуми и твоите песнички,
а врз подвозникот на влезот во градот
некој додал не во натписот
дека нејзината „Авто гума“ ви посакува добредојде.
Татко ти со лицето залепено до стаклото
во фабричкиот автобус, небаре во сиротилиште
го пцуе животот пуст да остане,
а и со оаза пустината пак си е пустина.
Сестра ти со жолтица во белките
го блуе лекот од тревки што сосетката
ти го тутна в раце кога се врати од училиштето
полно со луѓе поплавени од реката
со 980 кубни метри во секунда.
Ти ги полеваш цвеќињата на балконот,
им ги бришеш лисјата на лимонот и фикусот
шепкајќи им одлучно „Еднаш ќе заминам одовде“.
Сега нивниот живот е нулта растојание
од денес до денес. Не си му повеќе сведок,
а ни тој тебе.
Кога дознаваш дека некој умрел
прашуваш што му се случило.
Во твое присуство ништо повеќе не им се случува
на другите,
во твое отсуство им се случува сѐ.
И најобичното сегашно време
за тебе е сега само минато неопределено.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото