ЕУ река (65):Нацијата (1)

21.04.2020 21:10
ЕУ река (65):Нацијата (1)

(...) Националната самосвест, поткрепена со националниот идентитет, секако останува важна компонента. Според германскиот историчар Хајнрих Аугуст Винклер, после „епохалниот пресврт“ 1989/1991 и со него поврзаниот крај на Студената војна, во Источна Европа дојде до национална ренесанса, но и до она што изгледа помалку евидентно, до ренационализирање на западна Европа, најпрвин Сојузна Република Германија. Додека пред епохалниот пресврт германските интелектуалци прогласуваа дека германската демократија е „постнационална демократија“, Винклер смета дека се работи за „една од посткласичните национални држави“. Не е можно да се зборува - ниту од перспектива на Европската унија - дека сме на „постнационален степен од развојот“: Германците ја уништија својата прва национална држава. Но тоа не им дава право на другите нации да им го ускратуваат правото на национална држава и да им припишуваат некаков постнационален идентитет.

Европа не беше изградена против нациите и националните држави, туку со нив и преку нив. Европската унија нема да ги превладее нациите, туку ќе ги надгради. Со тоа ќе ги ослободи и народите како носители на националните држави. Бидејќи народот не е функција на државата, туку државата е функција на народот. Би морала да биде тоа. До национализмот како Национализам доаѓа таму каде што државата, која најпрвин во сопствени раце ја преземало некое идеолошко движење, како италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам, го подредува народот. Тогаш народот станува жртва на нацијата, на националната држава како Држава која го присвоила народот, го апсорбирала и затоа заборавила дека нејзиниот народ е облигаторен домаќин, домаќин без кој, доколку се повампири во паразит, ни самата нема да може да преживее. Како што нема човек како субјект без човекот како човек, така ни нациите како субјектни творби, како производ на модерниот субјективитет, не постојат без народот како народ. Но не народ како член на пред-светска, природна природа, туку народ од природата на светот, светот како простор на бивствување. Човечката природа е природа во светот, а светот како свет е простор на бивствувањето. Човекот се врти кон себе како природно битие од тој простор, од светот, и дури во тој простор може да сфати дека е битие кое не е само производ, туку некој што се родил, се родил од народот и во народ: единствен, неповторлив и смртен. Човекот не е автофабрикат, производ на себеси како субјект. Оттаму е изричната грижа на човекот кој се раз-лачил од самиот себеси како субјект и функционер на безграничната волја за моќ – грижа за самиот себе како тело на природата, за самата природа, за народот како род, за мајчиниот јазик како природен јазик, кој како јазик, како комуникациско средство меѓу луѓето и средство за разлачување на културата од природата, секако не е ништо природно, туку има општествено и духовно потекло.

Како што соодветно предупредува Жан-Лук Нанси во La communaute desoeuvree: „Општеството не е изградено врз рушевините на некаква заедница. Тоа е изградено во исчезнувањето или во зачувувањето на она што - без разлика дали се работи за племиња или империи – можеби нема повеќе врска со она што го нарекуваме ’заедница’ од она што го нарекуваме ’општество’. Така што заедницата, далеку од тоа да биде она што го прекинало или изгубило општеството, е она што нѐ снаоѓа - прашање, очекување, настан, императив - како последица на општеството. Значи, ништо не било изгубено и од таа причина ништо и не е изгубено.“ Напротив: „Заедницата ни е дадена со бивствувањето и како бивствување кое постоело одамна пред нашите проекти, желби и потфати. Во основа, невозможно е да ја изгубиме. Колку некое општество да е некомунитарно, не може да се случи да не постои во општествениот пустош - барем незначително, па дури и недостапно - нешто од заедницата.“

Затоа современото, постмодерно разбирање на нацијата веќе не поаѓа од идентитетот на народот и државата, туку од нивните разлики, или разликите меѓу народот и државата во нацијата, односно националната држава. Во постмодерната епоха, народот во своето бивствување, имено како нација, се грижи за себеси, со помош на својата држава. Тоа, пак, значи дека во рамки на постмодерната држава (посткласичната национална држава) народот наспроти модерната, да речеме хегеловска држава, не е под старателство и надзор на државата, туку разлачен од својата држава, од самиот себеси како нација. А тоа транснационалната установа како Европската унија не само што му го дозволува на народот туку и изрично му го овозможува и отвора.

Но тоа не ги крши врските, „брачните врски“, меѓу народот и (неговата) држава. Напротив. Бидејќи таа врска ќе биде поопуштена, ќе биде и поцврста. Со залагањето на националните држави, испреплетени економски, културно и политички, за интересите на своите народи во транснационалната унија, расте не само националната самосвест, туку дополнително јакне и народната свест. Народите - сите, не само државотворните - стануваат свесни за себе под појасно светло како услов за спознавање на сопствените автономни можности. Распоредената национална сувереност меѓу националната држава и транснационалната заедница, не ја намалува автономијата на народот туку ја зголемува. Така Европа се движи во насока на татковина на народите. Се најавува и европски демос кој досега сѐ уште не постоел, се најавува Европска унија како татковина на европските народи и како живеалиште на (пан)европскиот демос. Таквиот нов, европски демос како таков не се обликува над народите, ниту независно од нив, туку од онаа страна на националните држави, попрецизно: од онаа страна на државата како држава. Тој никако нема да ги загрози народите како народи. Токму спротивното. Ќе создаде подлога за нивна непосредна средба.

Значи и барањето на Хабермас за „постнационален идентитет“ останува без ориентација доколку нема упориште во националниот идентитет. Иако, како што тврди Петер Кословски, „Европската унија е наднационална творба“, таа сепак е „творба на нации кои сѐ уште се далеку за да се спојат во една сама нација“, таканаречена европска нација само со европско државјанство. Своите „акредитиви“ (компетенции, никако не суверените права) на унијата суверено може да ги пренесе или ускрати само националната држава, имено преку суверено олабавување на својата безусловна, исклучувачка сувереност. Петер Кословски ги споредува постмодерните европски нации, државите на припадничките и припадниците на државотворниот народ, како и државите на останатите граѓани и граѓанки - така што во нив не постои веќе целосен или чист идентитет на народот и државата, идентитет на народот со сопствената држава - со традиционален клуб кој ги вклучува како членовите кои веќе се членови од раѓање, тако и членовите кои се запишале подоцна, секако во склад со клупските услови и мерила. Во Европската унија не може да се запише кој било, бидејќи „досегашните членови на клубот оценуваат дали пристапот на новиот член им носи корист или штета“. Пристапувањето или истапувањето се доброволни, но уписниот пристап никако не е произволен.

Затоа на меѓународно ниво, на ниво на учество меѓу клубовите, не може да важи апсолутното републиканско начело „еден човек - еден глас“, зашто тоа автоматски би водело до привилегии на најбројниот клуб. Според тоа, ставањето карта на европските државјани како такви води токму до она што треба да се избегне - не води до редукција или дури до деструкција на нациите, туку до надмоќ, хегемонија на една од нациите. Тоа, пак, би можело да има тешки последици за бројно послабите нации (и државотворните народи).

(продолжува)

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: Xue Wang
Извор за текстот: Mario Kopić – Sekstant (2010)


ЕУ река (64): Марио Копиќ – Европа (3)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Gif / Теорија
Општество / Gif / Теорија
Gif / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото