Мачки против птици: линија на раздвојување

22.04.2020 00:52
Мачки против птици: линија на раздвојување

Мојот мачор Бернстин сака да ги посматра птиците исто како мене. Бернстин е лежерен тригодишен тигрест мачор со кратко влакно во чии страсти спаѓаат ласерски покажувачи, гумички за коса и конец за заби. А јас сум 33 годишен кратко потстрижен русокос и отсекогаш бев мачкољубец. Бернстин и јас често поминуваме време заедно во дневната соба и преку прозорецот му се воодушевуваме на природниот поредок кој владее меѓу колибрите и сениците.

Кога го најдоа во еден амбар и го спасија, Бернстин беше напуштено маченце, неспособно да гледа и да јаде. Бернстин е среќен мачор и се прашувам дали неговата генијална личност барем делуно е предизвикана од вечната благодарност зашто избегна живот полн со гладување, барање засолништа и други жални судбини на мачките скитници.

Но ни природата ни воспитувањето не можат да го потиснат мачкиниот инстинкт, на што бев мрачно опоменат минатата пролет. Едно топло попладне го оставив Бернстин на поплочениот дел од дворот малку да се сонча. Тој се искрадна на неколку минути и се врати горд носејќи купче пердуви тешко 28 грама: еден прекрасен точкест Свенсонов дрозд кој штотуку прелетал неколку илјади километри од централна Азија до Орегон за во мојот двор одзади со своето пеење да привлече женка. И сега тука загина.

Фотографија: Зоран Ожетски

Не можев да го обвинам Бернстин. Тој само во пракса ги примени своите инстинкти и способности на нинџа воин. Сепак, срцето ми се стегаше додека малиот дрозд се ладеше во моите раце.

Пред неколку години тим од Институцијата Смитсонијан и истражувачите од Службата за заштита на риби и дивеч во САД ги здружија податоците од десетина претходни истражувања за колку што е можно поточно да проценат колку мачки годишно убиваат птици на континенталното подрачје на САД без Алјаска. Резултатите беа вчудоневидувачки. По внимателно мерење на популацијата мачки и стапката на грабнати птици (и неверодостојноста на двата измерени резултати), научниците пресметаа дека домашните мачки во континенталниот дел на САД без Алјаска, годишно грабнуваат од една до четири милијарди птици, од 6,3 до 22,3 милијарди мали цицачи, како и стотина милиони рептили и водоземци.

Околу две третини од умрените птици им се припишани на мачките скитници. Овој данок кој го собираат мачките скитници веројатно го надминува севкупниот број настрадани птици од удари во шофершајбни и возила во движење, пестициди, загадување, ветерници и сите други неприродни причини, со исклучок на губењето на живеалиштата и можеби климатските промени - што е шокантна пресметка.

Некои се сомневаа во овие проценки и постојано ги напаѓаа научниците заради создавање „антимачкино“ расположение. Други се согласуваа доколку новиот доказ им одговара на нивните гледишта. Медиумското известување ги хушкаше мачкарите против љубителите на птици, борците за заштита на животинските права против еколозите, како и сопствениците на домашните миленици против научниците.

Целата оваа врева не го негираше клучниот наод: кога мачките ќе се воведат во некој екосистем како грабливци кои се хранат со автохтони животни, онаму каде малкумина се хранат со нив, тие стануваат сериозна причина за смртноста на птиците и другиот автохтон дивеч.

Истражувањата кои следеа го потврдија степенот на оваа закана. На пример, најопфатното испитување во Канада, која има помал вкупен број мачки од САД, процени дека мачките годишно убиваат од 100 до 350 милиони птици.

_________________________________________________________________

Размножувањето на мачките во бројки

Оливер и Бела - омилените американски имиња за мачки - стануваат разуздани на шестмесечна возраст и можат да направат повеќе легла секоја година, со предвидливи резултати. Околу 90 милиони мачки во САД живеат со своите човечки старатели; уште околу 30 до 80 милиони лутаат слободно, од зафрлени улички до зафрлени пустини.

Мачките во Австралија станаа толку смртоносни и продуктивни грабливци што се закануваат со уништување на цели видови автохтони птици, рептили и мали цицачи. За да го спречи тоа, австралиската влада во 2015 година покрена иницијатива до 2020 година да се истребат 2 милиони мачки скитници.

Околу половина милијарда мачки ширум светот - додадете или одземете стотина милиони - населуваат шест континенти, 118 од 131 главни островски групи и најдалечните дофати на интернетот. За да пронајдете поуспешен инвазивен вид, ќе ви биде неопходно огледало.
__________________________________________________________________

Ситуацијата е акутна, па сепак чудно несватлива. Секој знае дека мачките се грабливци, но сѐ до неодамна влијанието на мачките врз дивиот животински свет беше едвај забележлив. Дури и кога ќе им се прикажат примарните податоци за убиените птици, многу луѓе, вклучувајќи го и надмоќното мнозинство сопственици на мачки, и натаму се сомневаат дека мачките штетно влијаат на популацијата диви птици.

Или можеби сите треба малку да се опуштиме. Ниедно истражување дефинитивно не ја поврза грабливоста на мачките со правецот на развој на копнената птичја популација (островите се сосема друга приказна). Тешко е да се изолира една причина за раширениот пад на популацијата на многу птици зашто на дело се и бројни други променливи причинители.

„Статусот на птиците во светот продолжува да се влошува така што исчезнуваат дури и некогаш распространетите птици“, се тврди во еден неодамнешен извештај на организацијата BirdLife International. Тој ги наведува земјоделството и сечењето на шумите како главни современи закани за загрозените видови и ги рангира воведените грабливци на далечното трето место. Кога станува збор за загадувањето на планетата, очигледно луѓето се најлошите прекршители. А да се обинуваат мачките само ја пренасочува нашата одговорност кон животното кое нема концепт за спасување на светот.

Луѓето главно се согласни дека популацијата мачки скитници е преголема. Но таа согласност делумно престанува зашто досега сме без добри решенија. Птиците настрана, мачките скитници ги наметнуваат сите видови нескротливи здравствени, безбедносни и филозофски дилеми кои ги обземаат нашите сегашни системи. Без оглед што мислите околу тоа како би требало да се однесуваме кон мачките, во светот има премногу мачки за да се управува со нив.

Впрочем, ова е најконцизниот аргумент за да се остават мачките на мира: никогаш нема да можеме да се ослободиме од нив, без оглед колку и да се трудиме. Долго откако ќе исчезне човештвото од оваа планета, мачките несомнено ќе чепкаат по она што ќе остане. Но ако се откажеме од навидум нерешливите проблеми, светот ќе стане неспоредливо беден повеќе одошто е. Мислам дека можеме подобро од тоа.

Некои веќе преземаат акција. Заговорниците на мачките во голема мера ги прифатија програмите за фаќање, стерилизација и враќање во природата на мачките скитници. Групите за заштита на птиците главно се противат на ваквата политика, а групата за заштита на правата на животните ПЕТА ја доведува во прашање нејзината моралност. Меѓутоа, овие организации нудат мал број изводливи решенија со исклучок на држењето на мачките во затворен простор (што е мошне прекрасна идеја). Во меѓувреме, прифатилиштата за животни во САД годишно извршуваат еутаназија над повеќе од еден милион непосакувани мачки, што е непопуларно решение на основниот проблем.

Јас немам решение. Но имам предлог. Кога го носев Бернстин кај локалниот ветеринар за да го стерилизира, сакав да му стават микрочип, не како доброволен додаток туку како вид стандардна практика. Полесно е да се внесе чип со големина на зрно ориз од земање крв, но микрочиповите и натаму не се присутни во голем број во светот на домашните мачки.

____________________________________________________________________

Бројки

Истражувачите собрале податоци од бројни истражувања за да го проценат бројот на настрадани птици како последица на човечките активности во Канада и САД.

Годишно страдаат 1 768 милиони птици од мачки скитници.
Годишно страдаат 764 милиони птици од домашни мачки.
Годишно страдаат 624 милиони птици од удар во зграда.
Годишно страдаат 213 милиони птици од автомобили.
Годишно страдаат 55 милиони птици од далеководи.
Годишно страдаат 7 милиони птици од други причини (комуникациски кули и ветротурбини).

____________________________________________________________________

Би имале помалку мачки на слобода кога сите мачки би биле чипувани: изгубените животни би можеле лесно да им се вратат на сопствениците, а и лесно би им се влегувало во трага на сопствениците кои ги отфрлиле. Радо би плаќал такса за оваа постапка, особено ако дел од тие пари се насочени кон изградба на систем на прифатилишта или некои други програми осмислени за згрижување на популацијата мачки скитници со соодветни ресурси. Дури и малиот, еднократен трошок за секоја домашна мачка во САД - е безначаен во однос на доживотните трошоци за храна за мачките - би можел да собере милијарда долари. Знам дека тоа не е совршено ниту целосно решение и дека мора да се испланира уште цел сплет детали. Но регулирањето на проблемот со мачките би претставувало добар почеток за уредување на нашиот сегашен неорганизиран пристап.

Никој што сака животни не сака да остави ваков вид наследство. Мора да се грижиме за нашата планета на најдобар можен начин зашто ние имаме одговорност. Бернстин е премногу зафатен со посматрањето птици - без ризик, преку прозорецот во нашата дневна соба.

Фотографија: Ефрен Рикалде

Ноа Стрикер е набљудувач на птици, писател и фотограф кој живее во Орегон. Меѓу неговите книги е и „Набљудување птици без граници“, за неговиот светски рекорд од 2015 година кога таа календарска година пронајде 6 042 видови птици.

Слики: Walter Chandoha

Извор: National Geographic