Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (14)

22.04.2020 14:50
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

„Цариградски емигрант“, Луан Старова, „Три“

Професорот Осман Окјар не зажали што ја одложи за еден ден посетата на Битола, претпочитајќи да ја слушне Татковата прикаска за битолските кадиски сиџили, за која веруваше дека ќе му донесе повеќе вистини отколку самата посета на Јени џамијата, каде што само Севишниот можел да ги спаси и сочува.

„Чудна, пречудна и непозната е судбината на сиџилите. Не се знае како стигнале до Јени џамијата. Можеле лесно да настрадаат за време на Првата балканска војна, на 16-19 ноември 1912 година, кога градот бил во пламен, потоа за време на Првата светска војна во 1917 година, кога ќе се водат битки меѓу Антантата и Централните сили.Градот бил бомбардиран и запален, но сиџилите преживеале...“

„Како можело да се случи тоа? Која била клучната причина?“ - праша Осман зачуден.

„Причината бил стравот!“

„Кој страв, каков страв, од кого?...Не разбирам“.

„Од Бога, брате Османе, само од Бога!“

„Како од Бога?“

„Бог се јавува кај несреќникот пред да почини злодело!“

„Не разбирам!“

„Окупаторите на Битола, кои и да биле, се плашеле да кренат рака на џамиите за да не ги стигне Божјата казна!“

„Значи, така преживеале сиџилите?“- заклучи Осман.

„Сиџилите ги преживеале Балканските војни, Првата и Втората светска војна...и првите години на комунизмот.“

„Но како допревте до самите сиџили во Јени џамијата?“

„Уште претпладнето по стигнувањето во Битола, веднаш се упатив кон Јени џамијата, извишена во центарот на градот со белото минаре. Бев во придружба на директорот на Архивот на Битола, кој ме чекаше на железничката станица.

Меѓу муслиманите се надоврзувале нови врз старите слухови дека вакафот, всушност, дел од џамијата каде што се чуваа сиџилите, ќе биде пренаменет во просторија за Градскиот комитет на Комунистичката партија и дека старите списи од османско време ќе бидат уништени“- продолжи Татко со спокоен глас.

„Дали навистина дојде до тоа? - праша Осман вознемирено.

„Слуховите ги беа собрале постарите муслимани пред џамијата за да ја бранат од Партијата! И секој што ќе пристапеше до џамијата стануваше сомнителен. Се разбира, и јас не бев исклучок. На прв поглед им станав сомнителен на насобраните. Мене никој таму не ме познаваше.Сигурно претпоставуваа дека сум од власта од Скопје. Со син костум со вратоврска и шешир што го држев во едната рака, му пристапив на главниот оџа на џамијата. Го поздравив на турски јазик и му се претставив.Тој не ми одговори. Од луѓето собрани околу џамијата се слушнаа гласови на негодување...“
„Блесок на пролетта“, Катерина Серафимовска, Култура

Долгнавестите листови на растенијата што ја опкружуваа малата, полудива плажа, се нишаа во ритамот на ветерот кој пристигна заедно со првиот здив на квечерината. Воздухот наоколу беше топол и влажен.

Дишев длабоко и отежнато, борејќи се да дојдам до воздух додека лежев врз пријатно врелиот и ситен песок. Со малиот проблесок на мојата потсвест, кој срамежливо риеше некаде длабоко во мене, зачудено сватив дека сум изненадена ...Силно изненадена од себеси и од моето необично однесување.

Да ми кажувал некој дека јас, воздржаната Фиона Ева Кембел, ќе се бакнувам и бесрамно ќе се милувам на некоја пуста и далечна јужноамериканска плажа, додека табаните на стапалата ми ги милува млаката вода на јужниот Пацифик во врелото мајско предвечерие, навистина не би му поверувала во тоа.

Никогаш не би си дозволила себеси да се разголам во целост и да водам љубов во некоја далечна и непозната земја.И тоа на пуста плажа до којашто во принцип тешко се доаѓаше, ама, сепак, не беше недостапна...Бев строго воспитана, а и како личност бев прилично затворена и интровертна жена.Не ги покажував емоциите отворено и докрај пред светот, напротив, се трудев секогаш да бидам пристојна и одмерена.

Но, сега опасно се доближував до тоа да го прекршам ваквиот неизговорен завет.

Очните капаци ми беа натежнати од страст и полусклопени, ама, во еден миг сепак успеав да ја видам таа раскошна и егзотична сценографија, среде која беа положени нашите тела. Спектакуларниот портокаловорозов залез на сонцето величествено го боеше пејсажот таму далеку на хоризонтот, океанот питомо блескаше со позлатен сјај, а високите палми понизно се свиваа кон брегот...

Бев силно возбудена и треперлива како пеперутка во врелите дланки на Александар. И натаму се борев да си го смирам здивот и да го зауздам своето тело, па се прпелкав со стапалата низ влажниот пеок. Во главата ми се матеше до таа мера што речиси бев зашеметена од страст. Дури и во ушите силно ми ѕуеше, додека крвта бурно ми пулсираше кај слепоочниците.

Лежев тука - на тлото од влажната плажа, скудно облечена, носејќи ги последните парчиња облека врз себе, ама и понатаму не се осмелував да одам се до самиот крај...Се воздржував си сите сили, грозничаво се борев со себеси за да не се слеам во брзата водена струја на исконскиот природен нагон, кој беше на работ од тоа целосно да ме потопи. Недостигаше уште само малку тој вртеж да ме преплави и да ме однесе со себе.

А, потоа немаше враќање...

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото