Три главни причини за појава на заговорнички теории

23.04.2020 11:44
Три главни причини за појава на заговорнички теории

Зошто во вонредни ситуации гледаме заговори насекаде? Во оваа вонредна состојба станува забележително дека не само што секојдневно се зголемува бројот на лажни вести и дезинформации, но се зголемува и бројот на сосема неверојатни теории на заговор. Приказни кои на рационалниот ум му делуваат како да се излезени од среден век стануваат општо прифатени вистини од голем број граѓани и се шират побрзо од корона вирусот. Се зборува за остварување на пророштва, манипулации на умот и контрола од страна на елитите и истребување на човештвото

Зошто ова се случува баш сега е прилично лесно да се разбере кога ќе ги погледнеме причините за појава на ваквите теории.

Голем број теоретичари се обидуваат да објаснат зошто и како настануваат заговорничките теории и досега се пронајдени повеќе причинители, така што може да зборуваме за еволутивни остатоци на древни механизми за преживување, потоа специфични карактеристики на личноста на оние кои се склони кон смислување и ширење на теориите, но дел од причинителите се однесуваат и на надворешни фактори како политички манипулации и недоверба во системот или властите.

СТРАВ ОД НЕПОЗНАТО

Луѓето отсекогаш се плашеле и ќе се плашат од нови и непознати нешта. Тоа е природна реакција која има еволутивни корени. Научниците сметаат и дека стравот од непознатото е основата на сите стравови и база на сите анксиозни нарушувања. Токму овој страв е нагласен при средбата со новите технологии и знае да достигне размери на целосна неразумност на фобија. Неразумните стравови често имаат и неразумни објаснувања и низ историјата има голем број такви примери: кога се појавило радиото некои го доживувале како глас од пеколот, а доста познат е и скептицизмот кој постоел и кај учените луѓе во однос на појавата на книгите, а подоцна и нивното печатење. Во истражување во 2015 година резултатите покажуваат дека најголемите стравови кај Американците се токму поврзани со технологијата.

Некои од читателите сигурно се сеќаваат кога со појавата на мобилните телефони постоеше страв дека зрачењето на мобилната мрежа предизвикува рак на мозокот и дека не треба да носиме телефони со себе или да ги доближуваме до главата. Денес овој ист страв се префрли на вклучувањето на 5Г мрежата со уште попретерана реакција и нерационални тврдења.

Тука многу јасно влегува и целосната надреална ситуација во светот која во моментот се случува со пандемијата на корона вирусот. Скоро целиот свет е во карантин, животот се одвива во вонредни услови, а со воведувањето на поригорозниот полициски час кај нас ништо веќе не изгледа нормално. Ова неминовно предизвикува страв кај луѓето и тој страв бара објаснување. За жал, оваа ситуација се поклопи со воспоставувањето на новата 5Г мрежа во земјава, како и во други земји во светот, околу која веќе се развиваа теории за нејзината штетност. Така што вонредната состојба поради запирање на ширењето на вирусот се поврзува со ослободување простор за поставување на оваа мрежа која е штетна за луѓето, дека 5Г мрежата го пренесува вирусот, па дури и толку луди теории кои тврдат дека мрежата ќе се користи за манипулација на човечките умови, откако сите ќе ја примат вакцината која веќе постои.

За да бидеме порационални мораме прво да го препознаеме нашиот страв, а откако ќе го направиме тоа да најдеме вистински релевантни информации за она што нѐ плаши, зашто кога вистински ќе го разбереме она од што се плашиме ќе сфатиме дека нема никаква потреба да се плашиме.

ПОПЛАВА ОД ИНФОРМАЦИИ

Во време кога технологијата многу брзо напредува, а економската и образовна нееднаквост се зголемуваат, кај голем процент од популацијата следењето на новостите е скоро невозможно. Пoтребата да им се даде смисла на големиот број информации што секојдневно ги добиваме, но со недоволно знаење и капацитет за критичко мислење, исто така, доведува до креирање голем број заговорнички теории.

За разлика од минатото, кога вестите пристигнуваа од еден или неколку веродостојни извори, денес сме потрупани со невозможен број на извори на информации што секојдневно се зголемуваат. Онлајн портали, весници, видео канали, и на врв на тоа социјални медиуми, кај што секој е еднакво релевантен да го сподели своето мислење. Сето ова создава една комплексна бура од информации која е тешко да се опише и која нема никаква смисла, што делува како аморфна маса од која секој може да си создаде своја реалност. Губењето на големата слика остава простор за создавање на многу различни мали слики, односно бирање на своја реалност. Луѓето кои се склони кон верување во заговорнички теории, од сите понудени инфомрации вести и канали, ги бираат и перцепираат само оние кои одат во прилог на нивното размислување.

Модерните алгоритими на пребарувачите и социјалните медиуми, кои функционираат според персонализирани афинитети, често ни го нудат токму она што го бараме. Понекогаш понудените информации се толку соодветно подесени за нас што поттикнуваат параноични мисли за следење и прислушкување од страна на некој замислен моќен ентитет, кој го следи секој наш потег. Но, кога на ова ќе ги додадеме когнитивните предрасуди кои ни дозволуваат да ги видиме само работите што ни одговараат или веќе се дел од нашата теорија и уште повеќе ќе го нахраниме алгоритмот со податоци во истата линија на размислување со кликање на такви статии, тој уште повеќе ќе ни нуди „аргументи“ кои ќе ги поткрепат тие теории.

На пример, ако сме покажале афинитет кон вести кои зборуваат за опасностите на новите технологии, голема е веројатност алгоритмите на пребарувачите или социјалните медиуми да ни понудат вести за опасностите на 5г технологијата. Со самото наше кликање и следење на тие вести, алгоритмот уште повеќе ќе ни нуди вести или статии на истата тема, што за нас претставуваат само повеќе докази дека таа теорија е точна.

Слично, доколку следиме некој пријател на Фејсбук, или некој портал или страна кои се склони кон ширење на вакви теории и често ги „лајкуваме“ постовите на такви теми, само повеќе го храниме алгоритмот да ни нуди такви информации, кои само уште повеќе ќе ја зголемат нашата параноја.

НЕДОВЕРБА КОН ИНСТИТУЦИИ

Еден исто важен фактор кој доведува до зголемување на овие теории е и недовербата во системот или власта. Голем број теории на заговор токму се занимаваат со приказни за омнипотентни организации кои работат во сенка и сакаат да го контролираат светот. Кога би го зеле предвид фактот дека имаме богата историја на случаи што покажуваат корумпираност на одредени институции и нетранспарентност на други не делува премногу чудно дека постои недоверба.

Во ситуација на големи општествени и технолошки промени институциите заостануваат во следењето на промените, а и самите се во криза. Корупцијата и спинувањето во медиумите стануваат секојдневие и партиите сè почесто излегуваат со свои верзии на вистината. Ова ја зголемува несигурноста околу тоа што е вистина, а што не, па неретко луѓето прифаќаат и очигледни лаги, гледајќи ги како различни интерпретации на реалноста, со што полесно можат да изградат и сопствена.

За жал, ова не е случај само во нашата земја, недовербата во системот е модерна болест, која има основа и вистински причини за да постои. Во голем број земји и самите политичири презентираат теории на заговори без никакви аргументи и логика само за да протуркаат некоја своја политика.

Kако уште поголем катализатор се и новинарите кои профитираат од лекомисленоста на народот, па прават емисии и пишуваат статии на овие теми само да зголемат кликови и лична заработка. Во време кога лажните вести се секојдневие, говорот на омраза и дискриминацијата се главен двигател на онлајн дискусиите помеѓу неистомислениците, а ширењето на дизинформации, потпалувањето на нетрпеливост преку стереотипи и предрасуди се шират во медиумите, не е никакво чудо сосема збунетите граѓани да почнат да веруваат во крајно нереални, но опасни заговорнички теории во кои секогаш постои некој многу лош кој сака да им наштети.

ЗАКЛУЧОК: БАРАЊЕ РЕД ВО СЛУЧАЈНОСТА

Можеби главната причина за појавата на заговорничките теории е потребата да се даде смисла на настаните и случувањата кои се необјасниви или комплексни. Кризите, природните катастрофи и новите технологии, кои се нови, чудни и необјасниви за оние кои не се експерти, се плодно тло за нивно развивање.

Во природата на човекот е да препознава шеми што му помага во снаоѓањето и преживувањето, но во случајот со заговорничките теории се работи за пронаоѓање на шеми таму каде што реално не постојат. Прифаќањето на хаосот, случајноста и неповрзаноста на настаните, многу често знае да е застрашувачко. На многумина полесно им е да прифатат дека некој го испланирал и направил вирусот за некоја негова задна намера да ги контролира луѓето, отколку да се соочи со фактот дека и најразвиените земји во светот не знаат како да се справат со оваа криза и дека најпаметните научници не можат целосно да го предвидат неговиот развој.

Целата оваа ситуација во која се наоѓаме денес

– светска здравствена криза која предизвикува страв од непознато,

– екстремни мерки на владата за ограничување на движењето кон која немаме многу доверба,

– нови технолигии и начини на комуникација кои секојдневно нѐ преплавуваат со информации,

– манипулативни популистички спинови на политичари и новинари и

– дезинформации и невистини од неверодостојни извори вирално споделувани преку социјални медиуми

воопшто не е чудна сѐ поголемата популаризација на теориите на заговор и токму затоа е важно да научиме како да се заштитиме од нив.

Со запознавањето на причините, кои ја зголемуваат можноста за нивно појавување и зголемување на нашата способност за критичко размислување имаме поголеми шанси да ги детектираме и да не паднеме во нивната стапица.

Следно ќе ги разгледаме типичните карактеристики на теориите на заговор и како веднаш да ги препознаеме.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Слики: Филип Ходас

Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото