Румена Бужаровска пишува сценарио за филм што ќе се снима во Хрватска

24.04.2020 13:07
Румена Бужаровска пишува сценарио за филм што ќе се снима во Хрватска

Хрватскиот режисер Бранко Шмит ќе снима филм по сценарио на македонската авторка Румена Бужаровска, според нејзиниот расказ „Осми март“ од последната збирка раскази „Не одам никаде“.

Филмот ќе се снима во продукција на Телефилм, а финансиски го поддржа Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ). Дејството на филмот се случува во Скопје. 

Расказот „Осми март“ е трагикомична приказна за средовечна професорка, алкохоличарка, која ќе се најде во необична ситуација во екот на студентските протести во Скопје во 2014 година, поради што ќе добие неочекувано признание што ќе ѝ го смени животот.

„Во нашата кинематографија многу ретко се тематизираат средовечните жени, нивните животи и судбини. Сметаме дека оваа приказна, која навидум е многу едноставна, има висок емотивен полнеж, и дека е приказна за една обична, но всушност трагична женска судбина може да е новост во нашата кинематографија“, пишува ХАВЦ во образложението за поддршката.

Книгата „Не одам никаде“ (Или-Или, 2018) е четвртата збирка раскази на Румена Бужаровска. Хрватскиот превод на книгата ќе го објави загрепската издавачка куќа „ВБЗ“ во мај.

ОкоБоли главаВицФото