Коронавирусот и стравот од смртта

25.04.2020 14:59
Коронавирусот и стравот од смртта

Модерниот свет е обликуван со уверувањето дека луѓето можат да ја надмудрат и поразат смртта. Тоа беше револуционерно нов став. Во поголемиот дел од историјата, луѓето кротко ја прифаќале смртта. Сè до доцното модерно доба, повеќето религии и идеологии ја гледале смртта не само како неизбежна судбина, туку и главен извор на смислата на животот. Најважните настани во човечката егзистенција настапувале откако човекот ќе го испушти последниот здив. Дури тогаш можел да ги сознае вистинските животни тајни. Дури тогаш можел да го добие вечниот спас или да го трпи бескрајното проклетство. Во свет без смрт – значи и без рај, пекол или реинкарнација – религиите како христијанството, исламот и хиндуизмот не би имале смисла. Во поголемиот дел на историјата, најдобрите умови настојувале да ѝ дадат смисла на смртта, а не да ја поразат.

Епот за Гилгамеш, митот за Орфеј и Евридика, Библијата, Куранот, Ведите и безброј други свети книги и приказни трпеливо им објаснувале на вознемирените луѓе дека умираме затоа што така сакаат Бог, или Вселената, или Мајка Природа, па подобро би било покорно и со достоинство да ја прифатиме таа судбина. Еден ден Бог можеби ќе ја укине смртта со некој голем метафизички гест, како што е второто Христово доаѓање. Но оркестрирањето на таквите катаклизми, очигледно било надвор од моќта на смртниците од крв и месо.

Тогаш дојде научната револуција. За научниците, смртта не е божји декрет, туку технички проблем. Луѓето умираат не затоа што бог така рекол, туку заради некој технички проблем. Срцето престанува да пумпа крв. Ракот го уништил црниот дроб. Вирусите се множат во белите дробови. Што е причината за сите тие проблеми? Други технички проблеми. Срцето престанува да пумпа крв затоа што во неговиот мускул не стигнува доволно кислород. Канерогените клетки се множат во црниот дроб заради некоја случајна генетска мутација. Вирусите се вселиле во белите дробови затоа што некој кивнал во автобусот. Во тоа нема ништо метафизичко.

Науката верува дека за секој технички проблем постои техничко решение. Не е потребно да го чекаме второто Христово доаѓање за да ја надминеме смртта. Тоа може да го направат неколку научници во лабораторија. Додека некогаш традиционалната смрт била специјалност на свештениците и теолозите во црни мантии, сега таа е специјалност на луѓето во бели лабораториски мантили. Ако срцето подзастанува, можеме да го стимулираме со пејсмејкер или дури и да го замениме. Ако ракот тргне да се шири можеме да го убиеме со здрачење. Ако вирусите се множат во белите дробови, можеме да ги елиминираме со некој нов лек.

Вистина е дека во овој момент не сме во состојба да ги решиме сите технички проблеми. Но работиме на тоа. Најдобрите човечки умови веќе не го поминуваат времето обидувајќи се да ѝ дадат смисла на смртта. Наместо тоа, работат на продолжување на животот, ги истражуваат микробиолошките, физиолошките и генетските системи и развиваат нови лекови и револуционерни третмани.

Луѓето биле многу успешни во борбата да го продолжат животот. Во текот на последните два века, очекуваното траење на животот од 40 скокна на 72 години во целиот свет, а во некои развиени земји и на повеќе од 80 години. Особено децата се остргнати од канџите на смртта. Пред 20-от век, најмалку секое трето дете немало шанса да порасне. Децата страдале од детските болести како што се дезинтерија, рубеола и мали сипаници. Во 17-от век, во Англија околу 150 до 1000 новороденчиња умирале во текот на првата година од животот, а само 700 стигнувале до својата петнаесета година. Денес, само пето од 1000 новородени деца умира во првата година од животот, а 993 го слават петнаесеттиот роденден. Во целиот свет, стапката на смртноста на децата е под пет отсто.

Толку сме биле успешни во обидот да го сочуваме и продолжиме животот што длабоко се променил нашиот поглед на светот. Додека традиционалните религии сметале дека посмртниот живот е главниот извор на смислата, од 18-от век, идеологиите како либерализмот, социјализмот и феминизмот губат каков било интерес за посмртниот живот. Што им се случува на комунистите по смртта? Што му се случува на капиталистот? Каде одат феминистките? Бесмислено е да се бара одговр на тие прашања во делата на Карл Маркс, Адам Смит или Симон де Бовоар.

Национализмот е еднинствената модерна идеологија која сè уште ѝ дава централна улога на смртта. Во своите попоетични и поочајни моменти, национализмот ветува дека оние што ќе умрат за нацијата, вечно ќе живеат во колективното сеќавање. Меѓутоа, тоа ветување е толку матно што ни самите националисти, всушност, не знаат како да го сфатат. Како се „живее“ во сеќавањето? Ако си мртов, како знаеш дали луѓето се сеќаваат на тебе или не? Еднаш го прашале Вуди Ален дали се надева дека засекогаш ќе живее во сеќавањето на филмските гледачи. Тој одговорил: Повеќе би сакал да живеам во својот стан“. Дури и многу традиционални религии го поместија фокусот. Наместо да ветуваат рај по смртта, почнаа да го нагласуваат она што може да го направат за нас во овој живот.

Дали оваа пандемија ќе ги промени човековите ставови кон смртта? Веројатно нема. Поверојатно е дека ќе се случи спротивното. Ковид-19, веројатно ќе нè наведе двојно да ги зголемиме настојувањата да го заштитиме човечкиот живот. Имено, преовладувачката реакција на Ковид-19 не е резигнацијата, туку мешавината на гнев и надеж.

Кога епидемијата би избила во некое предмодерно општество, на пример, во средновековна Европа, се разбира, луѓето стравувале за животот и очајувале заради смртта на своите сакани, но главната културна реакција била резигнацијата. Психолозите тоа би го нарекле „научена беспомошност“. Луѓето си кажувале дека тоа е божја волја, или можеби божја казна за гревовите на човештвото: „Господ најдобро знае. Ние, лошите луѓе сме го заслужиле тоа. Ќе видите, на крајот ќе се покаже дека така било најдобро. Не се грижете, добрите луѓе ќе бидат наградени на оној свет. Не губете време трагајќи по лекови. Болеста ја испратил бог за да нè казни. Оние кои мислат дека луѓето со својата итрина можат да ја победат епидемијата само на другите гревови го додаваат и гревот на суетноста. Кои сме ние да се мешаме во божјите планови?“

Денес, ставовите се дијаметрално спротивни. Кога и да се случи некоја катастрофа – железничка несреќа, голем пожар, ураган и да убие могу луѓе, склони сме тоа да го гледаме како човечка грешка, а не како божја казна или неизбежна природна појава. Да не била скржава железничката компанија во однос на безбедноста, општината да усвоеле подобри противпожарни мерки, владата побрзо да испратела помош, тие луѓе би можеле да бидат спасени. Во 21-от век, масовната смрт автоматски стана причина за тужби и истраги.

Таков е нашиот став и кој смртоносните болести. Додека некои свештеници побрзаа да ја опишат сидата како божја казна за хомосексуалците, модерното општество милосрдно ги праќа таквите ставови на своите умоболни маргини и денес, ширењето на сидата, еболата и другите скорешни епидемии, главно ги гледаме како организациски пропусти. Претпоставуваме дека човештвото располага со знаење и алатки за сузбивање на таквите болести, а ако инфективната болест сепак се оттргне од контрола, причината е човечката неспособност, а не божјиот гнев. Ковид-19 не е исклучок од тоа правило. Кризата е далеку од крајот, а веќе почна барањето виновник. Разни држави меѓусебно се обвинуваат. Политичките ривали си ја префрлаат одговорноста како активирана рачна граната.

Покрај гневот, тука е и огромната надеж. Нашите херои не се свештениците кои ги закопуваат мртвите и го оправдуваат пустошот, туку медицинарите кои спасуваат животи. А наши суперхерои се научниците во лабораториите. Како што филмсите гледачи знаат дека Спајдермен и Чудесната жена на крајот ќе ги победат лошите момци и ќе го спсат светот, така и ние сме сигурни дека за неколку месеци, можеби за една година, луѓето во лабораториите ќе најдат ефикасно средство за лекување на Ковид-19 или вакцина против болеста. Тогаш ќе му покажеме на поганиот коронавирус кој е на врвот на синџирот на исхрана на оваа планета! Прашањето кое на сите им е на врвот на јазикот, од Белата куќа до Волстрит и италијанските балкони, гласи: „Кога ќе биде готова вакцината?“ Кога. Не, дали.

***

Кога навистина ќе ја добиеме вакцината и епидемијата ќе заврши, што ќе биде главната поука за човештвото? Најверојатно дека треба повеќе да се инвестира во заштитата на човечките животи. Потребни ни се повеќе болници, повеќе лекари, повеќе медицински сестри. Потребни ни се поголеми резерви на респиратори, повеќе заштитна опрема и тестови. Потребно ни е да инвестираме пари за истражување на непознати патогени и развивање на нови начини на лекување. Не смееме да дозволиме повторно да бидеме затечени.

Некои би можеле да кажат дека тоа е погрешна поука и дека оваа криза треба да нè научи на скромност. Не треба да бидеме толку сигурни во својата способност да ги покориме силите на природата. Многу од тие се средновековни остатоци кои проповедаат скромност и 100 отсто се сигурни дека ги знаат вистинските одговори. Некои закоравени верници не можат да се воздржат – свештеникот кој го води неделниот час по Библија во кабинетот на Доналд Трамп рече дека и оваа епидемија е казна за хомосексуалноста. Сепак, дури и најголемите поддржувачи на традицијата, денес вложуваат повеќе надеѓ во науката, откотлу во Светото писмо.

Католичката црква им порачува на верниците да се држат подалеку од црквите. Израел ги затвори своите синагоги. Исламската Република Иран ги предупредува луѓето за опасноста од одењето во џамија. Храмовите и сите видови секти ги сопреа своите обреди. А сето тоа затоа што научниците ги изнесоа своите заклучоци и препорачаа затворање на светите места.

Се разбира, не секој што опоменува за човечката арогантност не спаѓа во средниот век. Дури и научниците се согласуваат дека нашите очекувања мора да бидат реалистични и дека не смееме слепо да веруваме во моќта на лекарите да нè заштитат од животните неволји. Додека човештвото како целина станува сè помоќно, поединците уште мора да се соочуваат со својата минливост. Можеби за еден или два века, науката ќе успее бесконечно да го продолжи човечкиот живот, но засега тоа не може да го направи. Со можен исклучок на денешните бебиња на милијардерите, еден ден сите ќе умреме и сите ќе ги изгубиме своите најсакани. Мора да ја прифатиме својата минливост.

Сегашната криза навистина би можела многумина поединци да ги направи посвесни за минливата природа на човечкиот живот и човечите достигнувања. Но нашата модерна цивилизација веројатно ќе тргне по спротивниот пат. Предупредена на својата минливост, ќе реагира со градење на уште посилна одбрана. Кога ќе заврши оваа криза, не очекувам одделите по филозофија да добијат поголем буџет. Но се обложувам дека буџетите на медицинските школи и здравствени системи значително ќе се зголемат.

Можеби тоа е најдоброто што може да се очекува. Власта и инаку не се истакнува особено во занимавање со филозофија. Тоа не е нејзин домен. Таа треба да се фокусира на изградба на подобри здравствени системи. На поединците останува да градат подобра филозофија. Лекарите не можат да ги решат загатката на нашето постоење. Но можат да ни обезбедат малку повеќе време самите да се занимаваме со неа. Што ќе направиме со тоа време зависи од нас самите.

Слики: Cynthia Decker

Извор: The Guardian