Јосип Броз - новиот пример за земјите од Источна Европа

25.11.2010 11:46
Јосип Броз - новиот пример за земјите од Источна Европа

Приказните за успесите на државите кои ЕУ ги нарекува свое соседство тешко дека ќе ги слушаме во скоро време. Унијата полагаше големи надежи, најпрвин во Грузија, потоа во Украина и најпосле во Молдавија. Меѓутоа, сите овие надежи се истопија.

ЕУ ја преиспитува својата Европска соседска политика и Источното партнерство, во пресрет на големиот самит во мај 2011 г. во Будимпешта, за време на унгарското претседателство. Меѓутоа, Франција подметна сопка, доведувајќи го во прашање олеснувањето на визниот режим со Украина, а европските дипломати се фрустрирани поради застојот во преговорите за продлабочената зона за слободна трговија за која со право ги обвинуваат украинските „олигарси“, кои се вратија на власт откако Виктор Јанукович повторно е избран за претседател.

Подолго време проблем претставуваше недостатокот на политичка волја ЕУ да се шири на Исток. Во последно време ЕУ мора и да се натпреварува со Москва во овој регион кој претседателот Дмитриј Медведев го нарекува „сфера на привилегираните интереси“ на Русија. Меѓутоа, државите од Источна Европа сè повеќе стануваат проблем сами по себе.

Најпрвин, станува збор за новите држави чиј суверенитет е често оспоруван од прогласувањето независност во 1991. Независноста која ја стекнаа е последица на пропаста на СССР и во најголем дел советската елита и политичката култура се недопрени. Корупцијата цвета, државниот апарат по правило се наоѓа во рацете на интересните групи, а институциите и реформските капацитети се слаби.

Второ, економиите им се слаби. Со значајниот исклучок на Азербејџан, сите останати земји имаат малку природни суровини и неразвиена индустрија. Истовремено, имаат огромно земјоделие. Зависни се од парите кои Русија им ги плаќа за транзит на енергенсите, а приходите им се мали. Украина заработува од транзитот на гас, Белорусија од преработката на нафта.

Многу држави од Источна Европа продаваат суровини, а нивната извозна конкурентност повеќе зависи од цената на светскиот пазар отколку од квалитетот на она што го произведуваат. Државите кои изгледаат како најуспешни, Белорусија и Азербејџан, се најдалеку од моделот на ЕУ. Нивниот успех не е последица на стратегија туку, во случајот со Азербејџан, на богатите залихи со природен гас, додека Белорусија може да им се заблагодари на руските субвенции.

Трето, иако нивните претставници ќе се противат на ваквите толкувања, државите како Украина повеќе балансираат одошто покажуваат желба да и’ се придружат на ЕУ. Клацкањето меѓу Русија и Западот и’ овозможува на елитата да остане на власт и да ја заштити олигархиската економија во инаку штетниот полуреформски еквилибриум.

Всушност, се има впечаток како локалните лидери за пример да го имаат Тито, како да се неспособни или како да не сакаат да им се придружат ни на Европа ни на Русија. Но и Русија и Западот се доволно заинтересирани да ја поттикнуваат играта на балансирање и имаат средства со кои ќе ги привлекуваат на своја страна лидерите на државите од Источна Европа, истовремено давајќи им оправдување за тоа што не ги спроведуваат реформите.

Некои држави балансираат од нужда. Владата во Молдавија можеби би била „поевропска“ кога би го заборавила односот на Русија спрема претходните проевропски тенденции во Грузија и Украина. Некои, пак, балансираат со уживање – иронија е дека белорускиот претседател Лукашенко наеднаш стана олицетворение на таквиот пристап.

Сè поголемата улога на другите сили во регионот – Иран, Турција, и над сите, Кина – на локалните власти им дава уште повеќе простор за забушавање.

Четврто, елементите на „пекиншки консензус“ забрзано, на задна врата, стигнаа во регионот. Додека во Украина недостасуваат демократски реформи, шефот на дипломатијата Константин Гришченко вели дека земјата би требало да „го искористи најдоброто од кинеското искуство“, посебно „да мисли и делува стратешки“.

Еу може да продолжи да внесува забуна со политиката на „нецелосно проширување“. Но, може и да ги преобрази балансерите во кандидати за членство.

Првата стратегија на ЕУ би била од Украина да „направи“ Финска. Надворешната политика на Украина сега е „неврзана“, иста како онаа на Тито. Јанукович краткорочно и’ се приближи на Русија, но веќе стигна до точката во која му се потребни други сили за да балансира со Москва.

Грузија треба да се србизира. Како во случајот со Србија и Косово, Грузија треба да биде поттикната, ако не да заборави на своите побунети провинции, тогаш да ја напушти политиката во која сè е подредено на тоа да се повратат светите земји, и да се посвети на внатрешните реформи.

Во Белорусија треба да се примени Франковиот модел. Исто како во Шпанија во последните години на диктаторот, политичкото отворање не е на повидок. Меѓутоа, белоруската економија не може да опстане со дефицитот кој годинава, според проценките, ќе надмине 7 милијарди долари, што е 14% од нејзиниот БДП. Овде не помагаат позајмиците. Како и Шпанија од времето на Франко, основата за брзиот развој на Белорусија ќе биде поставена пред заминувањето на Лукашенко.

Авторот е стручњак за политички прашања во Европскиот совет за надворешни односи

Извор: danas.rs

Илустрација: Тревис Кобурн

ОкоБоли главаВицФото