1020 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 18:59
Напуштајќи ја идејата за радикална промена во сопственичките односи, некои од левицата избираат стара десничарска идеја дека државата треба на сите да им плати основен додаток за опстанок. Кога бев студент по економија на универзитетот Манчестер во раните 1970-ти, оваа доктрина ја научивме од монетаристот професор Лајдлер. Идејата беше популарна кај луѓе како Хајек и Милтон Фридман. Аргументот за тоа беше дека постојната држава на благосостојба, со плаќање на подносителите на барање за социјална помош создаде дестимулирање за ниско платените работни места. Одговорот што тие го кажаа беше да се укинат сите придобивки од социјална заштита, да се укине бесплатното образование и наместо тоа да се плати мала државна стипендија на сите за да им се овозможи да преживеат на оскудно минимално ниво. Родителите ќе добијат дополнителни пари или ваучери да плаќаат за едукација на своите деца во приватизираните училишта.
Колку што знам, првиот марксист што го прифати овој пристап, беше друга професорка во Манчестер, Дајан Елсон (1). После неа (2),(3) оваа идеја нашироко се дискутираше. Но, од социјалистичка гледна точка, основниот доход е лоша политика. Ние ќе започнеме со давање на конкретни бројки за она што би содржело еден граѓански или основен доход денес во Велика Британија. Потоа, ќе продолжиме да го разгледуваме неговиот ефект врз дистрибуцијата на доходот меѓу класите. На крајот, ќе ја споредиме оваа неолиберална политика со историската цел на социјалистичкото движење.
Започнувам со претпоставка дека основниот доход на граѓаните не може да биде помал од државната пензија. Се предлага да се укинат сите други придобивки, вклучително и државната пензија, па за да се спречи влошување на животниот стандард на пензионерите, ова поставува основа од 150 фунти неделно. Треба да разбереме што ќе значи ова за даночните стапки.
Нашата првична претпоставка е дека за едно лице со просечна плата не треба да има промена на неговата нето-заработувачка како резултат на граѓанскиот доход, бидејќи она што го добил како граѓански доход би го платил за дополнителен данок, додека лицето со потпросечна плата би било во поповолна позиција. Исто така, претпоставуваме дека прагот од 11 000 фунти oд кој луѓето почнуваат да плаќаат данок на добивка не се менува, а прагот од 43 000 фунти на кој плаќаат данок по повисока стапка, исто така, останува ист.
Да претпоставиме дека просечниот работник ниту добива ниту губи со граѓанскиот доход. Тој добива дополнителни 7800 фунти и мора да плати еквивалент за дополнителен данок. Мора да пресметаме колку би требало да се зголеми стапката на данок на доход за да се земат дополнителни 7800 фунти од неговата нова плата од 24 000 фунти која подлежи на плаќање данок. Тој во моментов плаќа 3300 фунти данок на доход, а потоа ќе треба да плати 11 100 фунти.
Основната стапка на данок на доход треба да се искачи од 20% на 46%. Ако го вклучиме ефектот на социјалното осигурување, лицето кое заработува просечна плата ќе плати маргинална стапка на данок на доход плус социјално осигурување од 58%, и ако ја вклучиме националната просечна стапка на кратење на пензијата по занимање од 5%, наоѓаме дека маргиналното стапка на кратење на просечната плата би била 63%.
Но, она што го имаме досега е само груба проценка. Тоа е потценување, бидејќи не успева да даде задоволителен запис на оние во работоспособно население кои се економски неактивни поради грижа за децата, болест или невработеност. Ги изоставувам пензионерите овде, бидејќи нивнaта неделна пензија од 150 фунти веќе е исполнета од постоечкото национално осигурување. Во моментов 21,7% од возрасните работно-способни лица не се во работен однос, а 78,3% се во работен однос. Значи, секое возрасно работно-способно лице ќе мора да го исполни граѓанскиот доход од [21,7/78.3] = 0,28 од граѓанскиот доход на неактивно лице.
Можеме да го намалиме ова поради ефектот на Надоместокот за поддршка до вработување, кој веќе им се исплаќа на болните или оние со инвалидитети, и Надоместокот за барателите на работа кој им се исплаќа на невработените. Бранителите на граѓанскиот доход претпоставуваат дека тие ќе бидат укинати. Така, просечното вработено лице ќе мора да ја плати разликата помеѓу Надоместокот за поддршка до вработување и новиот граѓански доход е за овие лица.
Прилагодувањето на ефектите од Надоместокот за поддршка до вработување и Надоместокот за барателите на работа, ни дава:
Користејќи го ова, ние можеме да ја пресметаме критичната точка(4) за тоа кој ќе добие или изгуби од шемата. Секој со доход над 26 000 фунти ќе изгуби.
Забележете дека горната стапка на намалување од 94% ќе упадне при плата од 35.200,00 фунти. Ова е сума на она што е ефикасно конфискаторска даночна стапка над 35 000 фунти. Јасно е дека не вреди да се пресмета ефектот на Дополнителната стапка која во моментов е 45% на доходот над 150 000 фунти. Ова ќе се искачи до 94,2% и ќе овозможи кратења на пензиите, кратењето би било ефикасно 100% на доходот од плата над 142.200 фунти. Значи, несаканиот ефект на граѓанскиот доход е да се воведе максимална плата од околу ова ниво.
Ова може да биде пожелно врз основа на правичност и социјална правда. Ефектите врз луѓето кои се наоѓаат пониско во класната структура се позначајни.
Нето-заработувачката сега на едно лице со просечна плата е 20,492 фунти. По воведувањето на граѓанскиот доход, нето заработувачката со граѓански доход и повисок данок ќе биде 17.055 фунти; се разбира, едно значително намалување.
Пар со двајца партнери кои остваруваат просечна плата, исто така, би изгубиле околу 6000 фунти годишно. Од друга страна, за маж и жена во прилично традиционален семеен брак, при што само еден партнер работи, ќе има подобрување на реалниот доход од 4360 фунти. Дискутабилно е дали структура на доход што ги поттикнува жените да останат дома би било добра работа.
Иако работникот со просечна плата ќе биде во полоша позиција, работникот со медијанска плата ќе биде во малку подобра позиција, за 16 фунти неделно. Потсетете се дека 50% заработуваат под медијанската плата е платата; мало мнозинство на наемни работници би билон во подобра позиција.
Но, политичката прифатливост на програмата е дискутабилна. Земете ги предвид пензионерите прво, најголемата група во моментов што се потпира на државни бенефиции. Важната поента што треба да се препознае е дека граѓанскиот доход едноставно ја заменува пензијата на основа £ за £. Можеби тие сметаат дека, придонесувајќи за националното осигурување во текот на целиот свој живот, индиректно губат, доколку секој возрасен човек пред пензија го добива еквивалентот на нивната пензија. Граѓанскиот доход нема да стори ништо да има корист кој живее на постојната државна пензија и ќе ги стави во неповолна позиција сите оние пензионери со професионална пензија над 3200 фунти, кои ќе ја плаќаат новата многу повисока стапка на данок на доход за својата пензија. Додека наемниот работник со медијански доход од 22 000 фунти би бил во малку подобра позиција, секој пензионер чијашто државна пензија плус професионална пензија е поголема од 11 000 £, што е половина медијански доход, ќе биде во полоша позиција. Значи, пензионерите, група со многу висок одзив на гласачи, немаат причина да го фаворизираат и имаат добра причина да гласаат против граѓанскиот доход.
Следно, земете го предвид влијанието врз работниците со полно работно време. Со критичен праг од 26 000 фунти или 500 фунти неделно, треба да видиме кој дел од вработените би имал корист и кој дел би изгубил. Знаеме дека медијанскиот работник ќе има малку корист, така што тоа значи дека најмалку 50% ќе имаат бенефит. Најновата Годишна студија на заработки за 2016 година покажува дека 40% од вработените заработуваат повеќе од 516 фунти неделно, така што незначително повеќе од 40% од вработените ќе изгубат. Во најдобар случај, би било во интерес на мнозинството од 51% од оние што се на работа да ја поддржат мерката.
Групата која се разбира би се залагала за граѓански доход се оние кои се работноспособни, но не се и вработени. Тие ќе забележат јасно подобрување на својот доход. Ова ги вклучува невработените, хендикепираните лица и оние, воглавно жени, кои дома се грижат за своите деца.
Постојат 9,2 милиони пензионери кои би биле против, 9,4 милиони економски неактивни кои се подготвени да добијан основен доход и 33,6 милиони работници кои би можеле да споделат нешто или 55/45 за наспроти против. Врз едноставни пресметки на економските дејства што предизвикуваат лична корист, мало мнозинство од 27,9 милиони наспроти 24,3 милиони ќе биде победник. Но, ако ги земеме разликите во одзивот на гласачите - повисок за пензионерите отколку за економски неактивните, повисок за подобро платените отколку за пониско платените, сомнително е дека предлагачите на ваква мерка би можеле да ја изгласаат дури и на референдум. Во јуни 2016 година, многу подарежлив предлог за граѓански доход од повеќе од 400 фунти неделно беше со големо мнозинство одбиен со гласање на референдум во Швајцарија, со само 23% кои гласале за предлогот.
Ова огромно отфрлање на предлогот за основен доход мора делумно да се припише на силното морално чувство што повеќето работници го чувствуваат против луѓето што добиваат нешто за ништо. Дури и ако тие би можеле да добијат маргинално, тие ќе се спротивстават на идејата дека луѓето кои не работат ништо, ќе добијат многу повеќе. Ова е чувство што, во минатото, токму социјалистичкото движење го култивира. Социјалистите тврдеа дека е неправедно што неколку безработни богати акционери треба да бидат платени од работата извршена од други. Тие тврдеа дека треба да има посебни придобивки за оние кои имаат потреба – детски додатоци, додаток за време на боледување, бесплатен третман на болните. Овие аргументи беа во согласност со постојните морални чувства.
Оригиналната филозофија позади предлозите за основен доход беше целосно спротивна. Таа потекнува од неолибералните економисти кои апсолутно се сложуваат со тоа да луѓето добиваат незаработен доход. Целиот нивен систем на економија беше оправдување на незаработена камата, профит и рента. Тие исто така беа недвосмислено и бескомпромисно против луѓето да добиваат додатоци врз основа на нивните потреби. Предлогот за основен доход беше клин што требаше да се искористи за уништување на постојната држава на благосостојба и моралните принципи на кои таа стоеше. Откако клинот ќе се поставеше, тие ќе продолжеа со обвинување за сите видови на работи што сега се дистрибуирани според потребите и ќе ги откажеа постојните додатоци засновани на потреби. Дајте им на луѓето доволно пари за да едвај преживеат, а потоа оставете ги на магијата на пазарот. Легислативата за минимална плата би била укината, како и додатоците за невработените. Бидејќи луѓето нема да изгубат никакви додатоци со одењето на работа, и бидејќи нивниот опстанок веќе беше во голема мера субвенциониран од државата, тие ќе беа подготвени да прифатат работа за пониски плати. Тоа би била идеалната поддршка за хонорарна економија од микро-работни места.
Би имало надолен притисок врз долниот крај на пазарот на трудот. Нето ефектот врз класната распределба на доходите би бил следниот: оние со нешто над просечни плати ги субвенционираат оние со ниски плати, додека работодавците со ниски плати ја имаат придобивката, нешто што веќе се случи со шемата за даночни кредити на Гордон Браун.
Постои и надолен притисок врз производството, бидејќи многу високата маргинална стапка на оданочување на платите потребна за финансирање на граѓанскиот доход, создава силен поттик да се работи пократко. Луѓето на работа со скратено работно време генерално имаат корист, но многу луѓе со полно работно време се во загуба, па затоа се стимулирани да работат со скратено работно време. Комбинирајте го ова со економска заостанатост и неефикасност кои секогаш ги придружуваат ниските суми на плати, и вие имате структура на стимулации што го казнуваат економскиот раст и ефикасност. Бројот на одработени часови ќе опадне, а продуктивноста ќе стагнира. Имајте на ум дека високите плати се тоа што ги поттикнуваат фирмите да ја подобрат продуктивноста на трудот. Секоја мерка што го задржува растот на платите го забавува и растот на продуктивноста.
Може да се приговори дека целата моја проценка се заснова на две претпоставки:
1) дека трошокот за граѓанскиот доход мора целосно да се финансира со оданочување и
2) дека данокот ќе се собере во форма на данок на доход.
Ако првиот критериум не е исполнет, резултатот би бил сериозна инфлација, така што не е контроверзен. Но, дали трошокот не може да се задоволи, барем делумно, од даноци врз компании или даноци на имот?
Во принцип да, но во пракса не. Даноците ги плаќа работничката класа, средната класа и скромно богатите, но не и крајно богатите. Луѓето како Трамп не плаќаат данок. Како што се појаснуваат доказите собрани од Винтерс (2011) (5) и Пикети (2014) (6), во капиталистичка економија богатството тече кон врвот, а олигарсите се во можност така да ги напишат даночните правила според кои тие плаќаат малку или воопшто не плаќаат данок. Тие можат да си дозволат да ангажираат доволно даночни советници, сметководители и адвокати за да избегнат каква било даночна мрежа со којашто државата се обидува да ги улови. Само војните и револуциите го загрозуваат нивното богатство.
Постои впечатлива разлика помеѓу предлогот за основен доход, кој има за цел да ја задржи капиталистичката економија и едноставно да го преструктуира системот на благосостојба, и традиционалните цели на социјалистите:
„Ослободувањето на трудот бара трансформација на средствата за производство во заедничка сопственост на општеството и задружно регулирање на колективниот труд со вработување на сите и праведна распределба на доходот на трудот (7).
Приватната сопственост на средствата за производство, некогаш средство за обезбедување на производителот со сопственост над неговиот производ, денес стана средство за експропријација на земјоделците, занаетчиите и малите трговци, и за обезбедување на неработничките капиталисти, големите сопственици на земјиште со сопственост над производот на работниците. Само трансформација на капиталистичката приватна сопственост на средствата за производство на земјиште, јами и рудници, суровини, алати, машини, превозни средства, во општествена сопственост и трансформација на производството на стоки во социјалистичко производство извршени од и за општеството може да предизвика големите претпријатија и постојано растечката продуктивност на општествениот труд да се сменат за досега експлоатираните класи – од извор на беда и угнетување во извор на најголема благосостојба и универзално, хармонично совршенство.“(8)
Левицата на Велика Британија {пред Тони Блер – заб. на Т.З.} е блиска со:
„Да се обезбедат мануелните или умствените работници со сите плодови на нивната индустрија и најправедна распределба на истите, што може да се овозможи врз основа на заедничка сопственост на средствата за производство, дистрибуција и размена, како и врз основа на најдобриот достижен систем на јавна администрација и контрола над секоја индустрија или услуга“ (9), што ги изразуваше, поконцизно, во основа истите цели како и оние на германскиот социјализам. Клучната цел беше укинување на експлоатацијата со укинување на капиталистичкиот систем на приватна сопственост. Наместо да го прераспределат доходот во рамките на работничката класа, тие имаа за цел да ги укинат сите сопственички приходи, така што целиот нето-производ би завршил кај работничката класа.
(1) Diane Elson. Value: The Representation of Labour in Capitalim. CSE Books, 1979.
(2) Diane Elson. Market socialism or socialization of the market? New Left Review, (172): 3, 1988.
(3) Diane Elson. Socialized markets, not market socialism. Socialist register, 36 (36), 2009.
(4) Критична точка во економијата, бизнисот и конкретно сметководството на трошоците е точката на која вкупните трошоци и вкупните доходи се изедначуваат. Нема нето-загуба или добивка и сè останало на исто, иако трошоците се исплатени за загубите на алтернативата, a капиталот добил прилагоден на ризик, очекуван доход. Накратко, сите трошоци што мора да бидат платени се исплатени, а нема ниту профит, ниту загуба.
(5)Jeffrey A Winters. Oligarchy. Wiley Online Library, 2011.
(6)Thomas Piketty. Capital in the 21st century. 2014.
(7)Socialist Workers’ Party of Germany, Program, 1875.
(8)Записник од партискиот Конгрес на Социјалдемократската партија на Германија: Одржан во Ерфурт од 14 октомври - 20 октомври 1891 година.
(9) Устав на британската лабуристичка партија, 1918 година.
Превод: Томислав Захов
Слики: Bo Bartlett
Извор: paulcockshott.wordpress.com