Масовната смрт од очај - данок на меритократијата. Жртви - послабо образованите белци. (1)

28.04.2020 00:18
Масовна смрт од очај, данок на меритократијата. Жртви - послабо образованите белци. (1)

Стивен Спилберг има многу влијателни филмови, но ништо не ги надмина реакциите на Шиндлеровата листа за која е награден со својот прв оскар. Многумина преживеани од Шоа го запираа на јавни места и му испраќаа писма за да му се заблагодарат и да му ги раскажат своите приказни. За сопружниците Ана Кејс и Ангус Дитон ист ефект имаше економетриското истражување кое го спроведоа пред пет години. „Некои ни се заблагодаруваа што воопшто зборуваме за проблемите околу кои сѐ уште постои многу стигма“, изјавија во едно неодамнешно интервју. Жртви се припадниците на традиционалната работничка класа.

Дитон и Кејс во март ја објавија книгата Deaths of Despair and the Future of Capitalism која е кулминација на нивното истражување започнато со пресвртната студија од 2015 година. Епонимната „смрт од очај“ зборува за растот на самоубиствата и смртта поврзани со автодеструктивната зависност меѓу белите Американци без факултетско образование. Темите од книгата беа актуелни уште 2016 година кога Трамп ја доби довербата на очајните американски работници. На својата инаугурација вети дека ќе го прекине „крвопролевањето“ во американските градови. Светската пандемија со коронавирусот ја прекина промотивната турнеја на авторите на книгата, но и го направи овој проблем поактуелен одошто е.

Авторите во повеќе интервјуа изразија страв дека ќе дојде до економска криза заради која смртта од очај не само што ќе продолжи туку и ќе се зголеми. Американскиот систем за здравствено осигурување е таков што помеѓу 12 и 35 милиони луѓе би можеле да го изгубат осигурувањето преку работодавачот, а до 11 милиони би можеле да останат без никакво осигурување. Речиси е сигурно дека моменталната рецесија ќе предизвика долготрајна загуба на многу работни места за помалку образованите во сите земји, а допрва доаѓаат непријатни намалувања на државните трошоци. Таквите настани само долготрајно ќе го влошат проблемот на смртта од очај. Она што навидум се чини како рамнодушно калкулирање помеѓу спречувањето на смртта на постарите и болните и чувањето на профитот на компаниите сепак има своја човечка димензија.

Контра успехот од дваесеттиот век?

Ангус Дитон во 2013 година ја објави влијателната економска историја The Great Escape која зборува за подобрувањето на просечните животни услови од новиот век до денес. Следната година неговата сопруга, економетричарката Ана Кејс, поттикната од болките во крстот се заинтересирала да истражи колку се намалила зачестеноста на болките кај населението. На нејзино изненадување, и покрај опаѓањето на бројот тешки физички работни места и поголемата достапност на лековите, уделот на Американците кои страдаат од хронични болки се зголемил трипати од осумдесеттите години, особено кај луѓето во средната животна доба. Вистинскиот шок следувал допрва. Авторите истражувале дали самоубиствата навистина се почести во местата со многу социјални проблеми. Се покажа дека тоа е точно, но и дека меѓу средовечните бели Американци се зголемила зачестеноста на сите облици на смрт. „Константно опаѓачката стапка на смртност е една од најдобрите и најдобро потврдени карактеристики на Дваесеттиот век. Општиот морталитет не би требало да се зголемува кај ниту една голема група“, пишуваат Дитон и Кејс во предговорот на книгата.

За постојаниот пораст биле одговорни три категории смртност: самоубиствата, случајните труења (што вклучува предозирање со опоиди) и болестите поврзани со алкохолизмот. Тој феномен Дитон и Кејс го нарекоа „смрт од очај“ во трудот објавен во ноември 2015 година, само неколку недели откако Дитон беше прогласен за добитник на Нобеловата нагарада за економика. Особено биле погодени белите Американци без факултетско образование во средната животна доба кои се 38 проценти од американската работна сила. Колоквијално кажано, се работи за позрелата бела работничка класа. Трудот набрзо успеа да ги засени и значајните претходни достигнувања на Кејс и Дитон, а после пет години најпосле прерасна во оваа книга.

Изворните трудови (2015 и 2017) наидоа на голем одек делумно и заради политичките конотации, а се совпаднаа со турбулентните претседателски избори во 2016 година. Со белите Американци без факултетско образование се поврзуваат негативни стереотипи, а многу десни медиуми и политичари наодот го искористија како потврда на тезата дека обичните бели Американци ја преземаа улогата на главни малцински жртви. На спротивната страна, левите медиуми подготвено ги пренесоа критиките како онаа на статистичарот Ендру Гелман. И покрај полемиката, се покажа дека трендовите се одржуваат и не се работи само за случаен артефакт. Смртта од очај е реална.

Смрт од очај

Воведниот дел од книгата, Past as Prologue, накратко објаснува што е смрт од очај и зошто е неочекувана. Очајот, односно недостатокот на можности и лошите животни услови ги поттикнуваат Американците да зачекорат по спиралата на автодеструктивно однесување. Од 1999 година кога почна пресвртот до 2017 година тоа резултираше со 600 000 дополнителни смртни случаи на средовечни Американци кои инаку немало да умрат ако продолжеа трендовите на опаѓање на смртноста. Смртта од очај во 2017 година ја достигна бројката од 158 000 годишно. „Тоа е исто како дневно да паѓаат три полни 737 МАХ авиони секој ден, без преживеани.“

Следниот дел од книгата, The Anatomy of the Battlefield, посветен е на описот на самиот феномен на смрт заради самоубиство. Најважно е четвртото поглавје, The Lives and Deaths of the More (and Less) Educated, кое опишува како разликата во факултетското образование ги претвори САД во општество поделено на две класи. „Четиригодишниот степен стана клучна ознака за општествен статус“.

Од доцните седумдесетти до почетокот на 20 век разликата во приходите помеѓу факултетски образобаните и необразованите се зголеми двојно од 40 на 80 проценти. Истовремено, не само што се намали бројот на работни места во занимањата кои не бараат факултетско образование, туку за многу од нив почна да се бара и факултетско образование. Дитон и Кејс изворно претпоставија дека промените во приходите се причина за зголемувањето на морталитетот, но се работи за низа испреплетени проблеми.

Некогаш во компаниите ниско и високообразованите се сметаа за еднаков дел од работното семејство. Денес е вообичаено работите да им се даваат на надворешни агенции кои имаат голем број привремени и заменски работници, никакво или слабо здравствено осигурување. Дехуманизацијата беше продолжена и заради појавата на гиг економијата, која спаси многу нискообразовани од невработеност заменувајќи ги несигурните работни места со уште понесигурни. Нестабилноста на работното место впрочем е поголем проблем отколку висината на приходот. Таквата ситуација води и до дестабилизирање на семејната заедница преку пораст на бројот деца родени надвор од брак (речиси 40 проценти), самохрани родители и разводи. Исто така, пропаѓаат и другите облици општествено заедништво. Резултат е тоа што еден дел од Американците страдаат од целосна пропаст на животните можности и стабилноста, иако до пандемијата со коронавирусот САД имаа растечка економија и најниска стапка на невработеност во последниот половина век.

Од Втората светска војна стапката на самоубиства кај белците без образование расте постојано, што не е зачудувачки бидејќи стравот од невработеност и социјалната изолација се предиктори на ризикот од самоубиство. Случајната смрт од предозирање со опоиди е најбрзо растечка категорија на смрт од очај. Вкупниот број умрени од овие причини помеѓу 2000 и 2017 година е поголем од вкупниот број загинати Американци во двете светски војни, а годишниот број го надминува бројот загинати во Виетнам. Намалениот квалитет на животот е видлив и во истражувањата на квалитетот на здравјето. Кај белите факултетски необразовани Американци секоја следна кохорта (генерација) во прашалниците известува за полошо здравје за секоја поединечна доба од кохортата (генерацијата) што ѝ претходи. Средовечните Американци парадоксално споменуваат поголема присутност на хронични болки од постарите Американци. Повеќе од една третина од возрасните Американци (98 милиони) во 2015 година имаат препишани опоиди, иако авторите нагласуваат дека е погрешно смртта да ѝ се припишува само на зависноста од опоиди. Во основа двата проблеми имаат исти причини.

Данокот на меритократијата

Ситуацијата ги потсетува авторите на изворната смисла на поимот меритократија, кој 1958 година го осмисли британскиот социолог Мајкл Јанг за да предупреди за претстојната општествена катастрофа. Наградувањето според способност и постигнување е позитивно и води до поквалитетни институции, но гледано долгорочно на ниво на цело општество ќе биде штетно зашто ресурсите континуирано ќе бидат редистрибуирани од помалку образованите кон елитите на образованите создавајќи две цврсто одвоени класи, и „популисти“ и „дволичност“ (елита). Дитон и Кејс сметаат дека тоа се случи во Америка каде успешните сметаат дека неуспешните самите се виновни за своите проблеми, додека губитниците сметаат дека системот е завртен против нив. Притоа го цитираат истражувањето од 2019 година според кое само половината Американци мислат дека факултетите имаат позитивен учинок на земјата, а дури 69 проценти од гласачите на Републиканската партија сметаат дека имаат негативен учинок. Дитон и Кејс шпекулираат дека е можно меритократиите сами да се уништат со текот на времето.

Дитон и Кејс во петтото поглавје објаснуваат зошто смртта од очај привидно е феномен на работничката класа. „Разликата во она што им се случи на црнците и белците можеби повеќе е во тоа кога, отколку што се случило“. Црните Американци во текот на историјата биле во полоши економски и општествени услови, што не е променето до денес, кога нивниот морталитет и натаму е многу повисок од оној на белите Американци. Веќе ја доживеаја својата криза на морталитетот кога во седумдесеттите години, кога САД преминуваа од производство кон услужна индустрија, фабричките и превозничките работни места ги напуштија центрите на градовите. „Афроамериканците беа погодени во подрачјата во кои остварија најголем успех.“

Пообразованите црнци ги напуштија центрите на градовите во кои дојде до пораст на криминалот и насилството, а во осумдесеттите следеа епидемиите со зависноста од кокаинот и ХИВ-от.

Со зборовите на авторите, белците дојдоа на ред на крајот од осумдесеттите години. Бидејќи црните Американци веќе ја поминаа својата криза, нивниот тренд кај смртта од очај беше стагнирачки, односно слабо опаѓачки сѐ до 2013 година кога повторно почна забрзано да расте, поттикнат од епидемијата со фентанил. Оваа епидемија се покажа како проблем за црната заедница која има значаен број високо функционални зависници од кокаин и хероин (кои станаа зависници од претходната, црна криза на очајот). Сигурните дози фентанил стануваат смртоносни кога се комбинираат со хероин или кокаин што е особено видливо кај црната заедница. Иако авторите продолжуваат да зборуваат за смртта од очај како за феномен на белата работничка класа, нагласуваат дека од епидемијата со фентанил таа веќе не е исклучиво бела. Сепак, задржана е историската разлика според која црните Американци се многу помалку склони кон самоубиство, разлика која ја забележа уште Емил Диркем во 1897 година во својата книга за самоубиствата.

Погрешното толкување на наодите резултираше со политизација на смртта од очај, зашто се претпоставува дека Дитон и Кејс утврдиле дека на белците им е полошо отколку на другите малцинства, што не е точно. На нив сѐ уште им е подобро отколку на црните Американци, но, според зборовите на авторите, привилегиите на белата кожа поминале и сега нивната состојба се влошува. Контроверзен е заклучокот дека трендовите покажуваат дека факултетскиот степен, а не бојата на кожата, забрзано станува главна одредница на општествената поделба. Главна улога игра и насоката, зашто црното население уште може да ја подобрува својата ситуација додека на многу бели нискообразовани Американци им се чини дека за нив нештата можат да станат само полоши.

Многуте облици несреќа кај американските семејства

Дитон и Кејс се занимаваат со препознавање на економските причини за смртта од очај во третиот дел од книгата, What’s the Economy Got to Do with It? Големата рецесија и растечката нееднаквост не се нивни директни причини, иако несомнено се поврзани со нив. Двете сојузни држави со најмала нееднаквост (Јута и Њу Хемпшир) потешко се погодени отколку двете држави со најголема нееднаквост (Њујорк и Калифорнија). Стапките на раст и опаѓањето на сиромаштијата ни приближно не се слични со трендовите кај смртта од очај, а смртта од очај долго време беше отсутна од црнечката заедница која има историска традиција на длабока сиромаштија. Периодот од животот помеѓу 45 и 54 години, каде проблемот на смртта од очај е изворен и идентификуван, исто така е и животен период кога основните приходи го достигнуваат својот врв. „Проблемот не е во тоа што живееме во нееднакво општество туку што живееме во нечесно општество“.

Најдобар корелат на смртта од очај и економијата се работните места, при што подеднаква улога имаат вработеноста и квалитетот на работните места. Освен ненадејниот пораст на невработени и луѓе кои се надвор од категоријата работна сила (кои не бараат работа), квалитетот на работните места опаѓа и кај вработените. Американците кои ќе ја избегнат невработеноста често ги менуваат своите претходни работни места со оние во кол центрите или како возачи на Убер што до неодамна овозможуваше ниска стапка на невработеност во Америка како лажен индикатор за здравјето на економијата. Уделот на белците без факултет кои не се способни за работа скокна од 4 проценти во 1993 година на 13 проценти во 2017 година додека уделот кај факултетски образованите останува помеѓу 1 и 2 проценти.

Лошиот и несигурен финансиски статус директно се рефлектира на распаѓањето на бракот како институција. Додека факултетски образованите само го одложуваат бракот, кај необразованите тој станува нестабилен и поредок. Браковите нудат финансиска стабилност, интимност, задоволство и поддршка за потомството, општеството и бројни други придобивки. Луѓето во брак живеат подолго, поздрави се и позадоволни. Нестабилната и кревка кохабитација на брачните двојки со деца од претходни бракови забрзано станува главен облик на интимна заедница кај Американците без факултетско образование. Спротивно на доминантниот американски стереотип дека црните деца растат без татко, податоците покажуваат дека таков вид семејства се поверојатни кај белците.

Иако за две третини од Американците верата е многу важна, стапката на редовно одење во црква забрзано опаѓа токму кај факултетски необразованите. Кон средината на 20 век половина од Американците редовно одеа на миса, но на преминот од векот стапката почна забрзано да опаѓа и сега изнесува само една третина. Парафразирајќи го Маркс, авторите забележуваат „дека религијата ослабе, а опоидите станаа опиум за масите“. Белото христијанско мнозинство во Америка не постои зашто денес така се декларираат само 43 проценти од нив (во споредба со 65 проценти во 1996 година). Дури половина од белите адолесценти со работничко потекло изјавуваат дека не ѝ припаѓаат на ниедна религија. Тоа не значи дека сите станале атеисти - повеќето од нив се религиозни на свој начин и преку сопствени уверувања, завртувајќи им го грбот на традиционалните цркви, но со тоа и на општествената поддршка која ја нудат црквите.

Кон вториот дел.

Слики: Jooeunbae

Извор: http://ideje.hr

ОкоБоли главаВицФото