Герила акција во Битола: фиќо потсетува да се држи растојание

28.04.2020 09:59
Герила акција во Битола: едно фиќо потсетува да се држи растојание

На Широк сокак и на други локации во Битола, од утрово макети на „фиќо“ ги потсетуваат битолчани да држат растојание. Се работи за герила уметничка акција „Oстајте да помини фиќото, не се туркајте, држете растојание“.

Според активистите, целта на уметничката акција е на креативен начин да ги предупреди граѓаните од неопходноста да се одржува физичко растојание и на тој начин да придонесат кон почитување на оваа мерка која е најефективното средство во борбата со епидемијата од КОВИД-19.

„Акцијата својата инспирација ја црпи од анегдота од веселите периоди на 70-тите и 80-тите години, кога што и да се правело или градело, требало да се остави доволно простор колку да може да помине фиќо. Случајно или не, просторот потребен за да помине едно фиќо е околу 2 метра, што всушност е и препорачаното растојание за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Оваа акција е првенствено наменета за постарите генерации коишто се најчувствителни на вирусот, а сепак многу често забораваат да го почитуваат препорачаното растојание од 2 метри. Се надеваме дека жолтите фиќовци ќе ги потсетат битолчани посовесно да одржуваат растојание, барем онолку колку да помине фиќо меѓу нив“, објаснуваат активистите.

Покрај фиќовците, во рамки на акцијата се направени и поголеми количини налепници кои потсетуваат на потребата за одржување растојание.