Се шета Миливојче, и четири други песни

28.04.2020 17:26
Се шета Миливојче, и четири други песни

 

СЕ ШЕТА МИЛИВОЈЧЕ

 

Се шета Миливојче

бубаче мало

По празни плоштади

Низ пустото маало

 

Со чадорче за дождец

И чевлички сини

Се прашува кај се сите

Кога ќе ги види?

 

Слушна за некаква

Кралица со круна

Ги скрила сите по дома

И не смеат да се бунат

 

Кутар Миливојче,

Тропна на врата

Му отвора со маска

Малечката мравка

 

Што бараш Миливојче?

- Другарчиња! Тажно кажа.

Нема никој надвор,

Каква е оваа саботажа?

 

 

ПИЛЕ ВО КАРАНТИН

 

Со крилцата тропка

нервозно претка

сака да излезе

Слободно да летка

 

Кај се најде сега

ваков вирус да шета

не дозволува гости,

ниту да се лета?

 

Ќе ги поканам сега

Другарчињата на далечина

Прво Сонцето

Па златната Месечина

 

Со нив можам да летам

без вируси и казни

Можам да им пишувам

песнички и сказни

 

Куќичката на пилето

од светлина блесна

Со Сонцето си игра

Му пишува песна

 

Навечер ја кани

Месечината на танци

Ќе помине и ова!

Сега сите сме Карантинци.

 

 

ЧУДЕСНАТА БУБА ШВАБА

 

Си беше еднаш

буба грозоморна

во темнина што царува

и на апокалипси отпорна,

 

но нешто и светна

и таа си рече

не сака темнина

и во канализација да тече!

 

си посака светлина

и мала хациенда

никакви мракови

и ниедна тенда

 

си посака дружина

телевизија да гледа

да не ја газат папучи

и збришуваат со креда

 

штом се појавеше

вечерта тенка

таа светла палеше

гледајќи во сенка

 

Сите ме нејќат

и светла за мене палат

а јас само сакам

и мене да ме галат!

 

 

ШТРКОТ МАНЕКЕН

 

Се роди во семејство

на гнездо над оџак бел

растеше безгрижно

со лет непогрешлив смел

 

Кога порасна, посака

да стане манекен

висок, слабичок и убав

штрк - феномен!

 

Со шапка од слама

и на нозе долги панталони

штркот во поход тргна

на модни писти и фазони

 

Го сликаа во пози

разноразни едиторијали

го сакаа чавки, сојки

и чучулиги големи и мали

 

Еден ден баба му го виде

на реклама по билборди

„Којзнае овие неговиве

колку се на штркот горди“

 

Зела му плете ќебе

и порака му пиша згодна

„Внучко, ти треба да носиш бебе

кај една фамилија околна“

 

Штркот ја доби пораката

симна очилата модни

што да прави, работа си е работа

плодни летови се плодни!

 

 

ШУМСКО ДИСКО

 

Во шумата чудна

со весели бои

еден мал локал

гордо си стои

 

на него пишува

„Шумско диско“

дозволена е забава

музика и пискот

 

Диџејот Вервер

музика си рока,

а зајакот Белчо

на панк рок си скока

 

Диско-топка светка

кума Лиса бара песна

волчици во фустани

со кореографија лесна

 

ежиња на шанк

полнат мали чашки

шотови со сок од дренки

за женки и за машки

 

подиумот полн со животинки

од музика се тресе

нема кој не стапна во „Шумско диско“

а да не е весел.

 

Од утро до мрак

таму музика ечи

им е гајле за вируси

забава не се лечи!

 

Слики: Alice & Martin Provensen

Извор за песните: Чудна шума

 

 

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото