Масовната смрт од очај - данок на меритократијата. Жртви - послабо образованите белци. (2)

29.04.2020 02:16
Масовна смрт од очај, данок на меритократијата. Жртви - послабо образованите белци. (2)

Здравствениот систем и капитализмот

Последниот дел од книгата, Why is Capitalism Failing so Many?, е посветен на објаснувањето зошто доаѓа до смрт од очај. Дитон и Кејс сметаат дека САД предводат во овој феномен заради генералните проблеми на капитализмот кои ги нагласуваат специфичностите на американското општество, како што е послабата заштитна мрежа во споредба со другите богати земји. Особено се критични кон американскиот здравствен систем, зашто „ужасите не се случуваат надвор од американскиот здравствен систем туку заради него“. Тој не е единствениот, но е главен поединечен виновник кој не ги ублажува проблемите туку ги влошува. Смртта од очај не би се случувала и не била толку бројна ако не беше уништувањето на белата работничка класа, што пак не би се случило без пропаста на здравствениот систем и другите проблеми на капитализмот, „особено упорната редистрибуција нагоре преку манипулирање со пазарите“.

На критиката на американскиот здравствен систем посветено ѝ е тринаесеттото поглавје при што авторите не замеруваат само за лошата покриеност и недостапноста на поквалитетна грижа, туку и за тоа што е скапо не само за корисниците туку и за економијата како целина. „Америка троши (на здравство) толку лошо што не може ни да се замисли полошо“. Мошне делотворна е споредбата со непотребните трошоци за здравството со „данокот кој Американците мораат да го платат на странска сила“. Американскиот здравствен систем според уделот во БДП е четири пати поголем од одбраната, а неговите високи трошоци ги присилуваат работодавачите да го намалуваат бројот на работни места и да ги намалуваат дневниците на минимум, „заменувајќи ги добрите работни места со полоши“. „Износите кои се трошат на здравството се неодржлив товар за економијата, ги намалуваат платите, го намалуваат бројот на добри работни места и го поткопуваат финансирањето на образованието, инфраструктурата и јавните добра и услуги кои ги пружаат (или би требало) сојузните и државните влади.“ Истовремено, медицинската индустрија најмногу троши на лобирање во американскиот Конгрес, дури повеќе и од финансиската индустрија.

Само намалувањето на непотребните трошоци би ослободило илјада милијарди долари годишно (што е половина од програмата за помош заради епидемијата со коронавирусот). Една десетина од Американците (речиси 30 милиони) без никакво здравствено осигурување се скандал, но експлозијата на трошоците во медиумите е занемарен проблем, освен повремените приказни за налудничаво високите трошоци на основните услуги.

Дитон и Кејс пазарниот натпревар изрично го нарекуваат несоодветен за здравството и тоа резултира со „редистрибуција како онаа на шерифот од Нотингем“: не го наградува квалитетот на здравството. Го цитираат Кенет Ероу, според кој корисниците (пациентите) немаат пристап до клучните информации, немаат ни време да ги разгледаат можните алтернативи што е темел на праведниот пазарен натпревар. Во ситуацијата како американската, системот се претвора во рентиерство.

Просечниот трошок за здравство во Америка во 2017 година беше 10 739 долари по жител, но резултатите се скромни. Третина (2,8 милиони) од сите нови работни места помеѓу 2007 и 2017 се во здравството, но и покрај тоа во Америка од 2014 до 2017 година опаѓа очекуваниот животен век при раѓањето, што не се случило уште од Првата светска војна и Шпанскиот грип. Британците во доцната средна доба се со подобро здравје од Американците. Предностите кои ги уживаат Американците во споредба со граѓаните од другите богати земји како краткото време на чекање за преглед или одредени ортопедски зафати, се резултат на достапноста на поскапи машини кои не се користат интензивно. Приходите за здравство претежно се од зафати кои имаат висока цена и висока побарувачка како снимањето, замената на зглобови, ангиопластиката, породувањата со царски рез и срцевите бајпаси.

Пазарот во здравството ги принудува болниците, лекарите и осигурувањето на трајна меѓусебна „војна“. Лековите во САД се во просек трипати поскапи, како и прегледите и зафатите иако сѐ почести се случаите со лекови за хронични болести кои се и до стотина пати поскапи отколку во другите земји. Неславен пример е инсулинот кој Американците може да ги чини и повеќе од 1 000 долари месечно. Поголемиот дел од развојот на нови лекови се одвива во САД, но фармацевтската индустрија сепак троши повеќе за маркетинг и лобирање отколку на истражувања. Речиси сите темелни истражувања ги финансира државата, но изостанува проценката за исплатливоста на новите лекови или зафати.

Еден од феномените на американското здравство се хуманитарните фондации за кофинансирање на трошоците за здравствено осигурување кои ги основаат фармацевтските џинови делумно како одговор на критиките на цените. Навидум алтруистичниот чин дури и не служи како маркетиншки трик туку вештачки го зголемува бројот на осигуреници кои ќе изберат скапи планови за осигурување. Бидејќи даночните закони таквите хуманитарни давачки ги сметаат за даночни одбитоци, фармацевтските компании во практиката од државата добиваат речиси 200 проценти од трошоците што ги згрозува авторите.

Иако во јавноста често вината се префрла на осигурувачите, мошне проблематични се и самите болници. Тие ги зголемуваат цените не заради трошоците туку зашто победуваат во трката со своите пазарни сопарници и се наметнуваат како единствена опција. Осигурувачите и јавноста полека, но упорно ја губат војната со нив, а секое поврзување на болниците или создавањето локален монопол води кон зголемување на цените на услугите за 6 односно за 12 проценти. Сѐ почеста е практиката со таканаречените „изненадувачки сметки“ до кои доаѓа заради аутсорсингот на амбулантните услуги и итните служби на компаниите кои предаторски наплатуваат трошоци. Болниците сѐ повеќе трошат на маркетинг за да бидат вклучени во одреден осигурителен план, па во 2017 година потрошија 450 милиони долари на огласување на своите успеси.

Лекарите во Америка во просек се платени двојно повеќе отколку во земјите од ОБСЕ, но бројот слободни места во медицинското образование е ограничен вештачки. Странските државјани можат многу потешко да се вработат отколку во другите развиени земји па бројот на лекари по жител е многу понизок отколку што би се очекувало според платите.

Во јавноста најприсутна е судбината на 30 милиони Американци без осигурување кои во моментот на завршување на книгата биле 9 проценти од американското население. Многу повеќе загрижува тоа што преостанатиот дел од Американците, дури и кога се покриени со здравствено осигурување, е соочен со зголемување на трошоците. Зголемувањето на просечниот приход на едно четиричлено семејство во првата декада од 21 век од 23 000 долари речиси во целост е поништено со зголемувањето на трошоците поврзани со здравството. Постоечкиот систем за здравствено осигурување е мошне необјективен кон добро платените работници кои имаат целосно осигурување. Зголемувањето на трошоците на работодавачите за здравствено осигурување особено ги погаѓа ниско платените работни места каде претставува размерно голем удел од трошоците. Во добро платените занимања кои бараат факултет тие се околу 10 проценти од издвојувањата на работодавачите за поединечна плата, но кај многу благајници, возачи и други тие го зголемуваат трошокот на работодавачите по работник од 60 до 70 проценти.

Авторите се видливо огорчени од политичкиот наратив поврзан со американското здравство. „Невидено е кога индустријата која толку заработува од корумпирање на натпреварот на слободниот пазар може да ги отфрли своите критичари како противници на слободниот пазар“. Здравството сѐ повеќе се претвора во рентиерство додека се промовираат аргументи дека американскиот систем отсекогаш бил слободен пазарен и државата во него никогаш не би требало да има никаква улога „и покрај фактите дека државата плаќа половина од трошоците, ги плаќа цените кои ги бараат фармацевтските компании без преговори (а повторно често апсурдно опишани како „пазарни цени“), дава патенти за уреди и лекови, им дозволува на професионалните здруженија да ја ограничуваат понудата и ги поттикнува плановите за осигурување на компаниите“.

За иднината на капитализмот?

Еден од приказите е Смртта од очај според кој е насловена книгата која се чита брзо, но за чија содржина долго се размислува, што веројатно е најконцизно формулирана рецензија. Нејзината насоченост кон американските проблеми не значи дека не е релевантна за другите земји ако се земе предвид стравот на авторот дека феноменот не е единствен за САД туку таму се појавил првпат. Авторите признаваат дека за истражувањето биле поттикнати од парадоксалните разлики помеѓу САД и останатите земји. Истражувањата покажаа дека слични (но многу послаби) трендови постојат и надвор од САД, како на пример Шкотска. Во Европа последниве години сѐ почести се повиците за приватизација на здравството по пример на САД.

Дитон и Кејс истакнуваат дека „не се против капитализмот. Веруваме во слободата на конкуренцијата и пазарите. Капитализмот донесе крај на страдањето и смртта за милиони во (сега) богатите земји во последните 250 години и многу побрзо во земјите како Кина и Индија, во последните 50 години. [...] Но магичниот трик е да се осигура дека пазарите, трговијата, иновациите и движењето на луѓето работат за луѓето, не против нив, или за некои и против многумина. Работниците во Америка денес пречесто немаат корист од пазарот.“

Последниот дел од книгата нуди аргументи обликувани во „приказна“. Авторите признаваат дека нивното „зошто“ е поблиску до „духот на историчарите и социолозите“ отколку до преферираниот стандард на експериментите во економијата, но ги одбиваат критиките дека таквите наоди на општествените науки се „илузорни“.

Таквиот пристап е предност и слабост на книгата. Мошне едноставно е да се разберат нејзините аргументи, но критичарите можат да воочат дека многу препораки се премногу поедноставено формулирани. Впечатлива е дисонанцата помеѓу острото напаѓање на моќта на корпорациите и препораките за реформа кои се мошне благи и не ги поддржуваат популарните прогресивни предлози како зголемувањето на даноците за богатите или воведување европски систем за здравствено осигурување. Авторите не веруваат дека е реалистично да се очекува јакнење на синдикатите кои во 20 век обезбедија одредени привилегии за своите членови. На некои тоа ќе им изгледа како признавање пораз дека е невозможно радикално да се промени системот. Од останатите слабости на книгата може да се истакне репетитивноста на аргументите. Иако има околу триста страници, се стекнува впечаток дека би можела да биде педесет па можеби и стотина страници пократка.

Политички конотации

Потребно е да се осврнеме и на политичките конотации на книгата. Авторите непобитно заговараат некои прогресивни потези како интервенции во здравствениот сектор и ја осудуваат акумулацијата на богатството и политичката моќ на врвот, но истовремено ги опишуваат проблемите на белата работничка класа која во 2016 година беше со Доналд Трамп. The New Republic ја нарече книгата „конзервативен аргумент за универзално здравствено осигурување.“ Затоа книгата останува тежок залак во моменталната политичка атмосфера во Америка, како за поделбата помеѓу антиестаблишментот и традиционалните политички елити така и за политиката на идентитетот. Дитон и Кејс се свесни за тоа па затоа повикуваат на создавање широка коалиција околу непобитното општествено зло.

Целата книга може да се смета и за аргументиран трактат против моменталниот систем за здравство во САД кој ги влошува проблемите, а не ги ублажува. Авторите се одлучни дека покажуваат дека моменталниот систем за здравствено осигурување во праксата функционира како „данок за сиромаштијата“. За пофалба е тоа што се колебаат на американскиот здравствен систем да му ја припишат американската исклучивост, туку јасно го препознаваат сплетот од институционални околности кој според нивните зборови создаде чудовиште. Американскиот систем во кој работодавачите се главни пружатели на осигурување се создаде преку сплет од историски околности. За време на Втората светска војна, кога платите беа замрзнати, работодавачите почнаа да нудат здравствено осигурување наместо зголемување на платите. Системот е препознаен како привремен, но заради политиката од периодот на студената војна и повоениот просперитет немаше политички капитал за да се усвои „социјалистичкиот“ систем со универзално здравствено осигурување. Тврдењата за посебноста на американските слободи и индивидуализмот дополнително станаа само изговор за задржување на статус кво-то.

Во време на коронавирус, темата на книгата е дополнително актуелизирана. Прашањето за здравственото осигурување во САД стана многу значајно политички, имајќи ја предвид потенцијалната стапка на невработеност од 30 проценти. Медиумите се полни со прилози во кои медицинскиот персонал носи вреќи за смет наместо соодветна заштитна опрема, а на вработените им се закануваат со отказ ако прогороват за проблемите. Многу поважно е да се воочи дека главното предупредување на авторите, за темелната поделба на Американците на факултетски образовани и необразовани, коронавирусот го направи очигледно зашто работата од дома е можна главно за работни места кои бараат факултетско образование. Смртта од очај дури и се појави како сериозен аргумент во одмерувањето кога е исплатливо повторно да се отвори економијата.

Дитон и Кејс изразија страв дека смртта од очај во богатите земји прво се појавила во САД. Во многу земји претстои долготрајна рецесија, намалување на државните трошоци и можно трајно исчезнување на одредени работни места. Ако авторите се во право, во следните пет до десет години смртта од очај би можела да стане само американски проблем.

Крај.

Кон првиот дел.

Слики: Michael Driver

Извор: http://ideje.hr

 

ОкоБоли главаВицФото