Кога „Продавачи“ го промени Санденс

29.04.2020 14:37
Кога „Продавачи“ го промени Санденс


Пред четврт век Кевин Смит го создаде „Продавачи“ („Clerks“), микробуџетски филм кој под неверојатни околности стана франшиза и култ на цела генерација на филмофили и филмаџии од 1990-тите години. На светот му ги претстави Џеј и Тивкиот Боб, ликови кои добија независност и се појавуваат во подоцнежните остварувања на Смит, станувајќи сврзно ткиво на неговиот кинематографски универзум

Смит го снима „Продавачи“ инспириран од „Мрза“ на Ричард Линклејтер (1990) и ја следи линијата на cinéma vérité како директна референца на документарците од шеесеттите години (заедно со „Деца“ на Лери Кинг од 1995 година). Влијанието на cinéma vérité е резултат на потребата да се истражат занемарените точки во американското општество и игнорираните индивидуи и групи да добијат видливост и глас да ги раскажат своте приказни.

Филмот излегува во период на зголемена продукција на независни остварувања наменети за таканаречената „Генерација Икс“, како „Самци“ на Камерон Кроу, „Реалноста гризе“ на Бен Стилер, „Зашеметени и збунети“ на Линклејтер, но за разлика од останатите „Продавачи“ е самофинансиран од кредитни картички и снимен за дваесетина дена во продавницата во која Смит работел - драгсторот Quick Stop Groceries во Леонардо во источниот дел на Њу Џерси. Инспирацијата ја зема од неговиот поширок круг на познаници во Џерси, создавајќи го View Askewniverse, испреплетувајќи ги приказните и ликовите, но и актерите што ќе ја формираат основата на неговите следни филмови, меѓу нив и Бен Афлек и Џејсон Ли.Во „Продавачи“ Смит ги сумира искуствата и фрустрациите на еден млад човек во американско предградие во деведесеттите кој е на маргините на општественото скалило, кој нема никаква амбиција и на кого не му се случува ништо. Филмот ги следи двајцата антијунаци Данте Хикс (Брајан О’Халоран), продавач во еден драгстор и Рендал (Џеф Андерсон), колегата од соседната видеотека. Данте во еден ден ќе ги почувствува сите баксузи на работното место – мора да отвори на слободен ден бидејќи неговиот шеф отишол на одмор, растргнат е помеѓу две девојки Кетлин и Вероника и заедно со Рендал одат во блискиот шопинг центар на саемот за видеоигри каде ќе го запознаат Стен Ли. Но, компликациите настануваат кога во продавницата ќе се појават и двете девојки.

Во меѓувреме, двајца бадијалџиии и ситни дилери, Џеј и Тивкиот Боб (Смит) кои се постојано пред драгсторот, се обидуваат да му дадат корисни совети на Данте да ја преброди егзистенцијалната криза (и за чудо успеваат). Иако треба да им бидат подредени на купувачите, во случајот на Данте и Рендал муштеријата не е секогаш во право или супериорен во однос на продавачот, а и самиот Данте дава до знаење дека воопшто и не треба да биде на работа. Во долгите дискусии, очигледно е дека двајцата ја сфаќаа поп културата мошне сериозно - Смит во една реченица ја сумира својата филозофија: „Насловот не го диктира однесувањето“. Се редат низа чудни карактери, ситуации и искушенија, но и немилосрдни пцовки, правејќи го „Продавачи“ филм речиси без дејство кој се базира на вербалното, на низа комични и бизарни дијалози и гегови кои се еден вид микроесеи за секакви теми – од сексуална проблематика, ужасните муштерии до поп-културни референци, како политиката во „Војна на ѕвездите“. Од денешен аспект, сексуалната политика во „Продавачи“ е најблаго кажано, двојбена, женските ликови се скицирани, еден вид дополнување на своите машки колеги, но тоа е затоа што сè се концентрира околу Данте и Рендал (и Џеј и Тивкиот Боб) и едноставно нема време за нив.

Веднаш по премиерата „Продавачи“ станува сензација. Благодарение на Боб Хок, ветеранот во независниот американски филм, истата 1994 филмот успева да стигне на Санденс каде го добива „Трофејот на режисерите“, зема две награди во Кан – Најдобар младински филм и наградата на Мерцедес Бенц, номиниран е за три награди на Индепендент Спирит (најдобро дебитантско остварување, сценарио и дебитант-актер за Џеф Андерсон) во 1995-тата и три номинации на фестивалот во Торонто.„Продавачи“ е прикажан во 96 кина ширум САД, со заработка од 3,2 милиони долари, што го прави еден од најуспешните инди филмови на сите времиња. Овие бројки се многу важни и за денешниот контекст и односот автор-продуцент. Во студијата „Политичката економија на независниот филм – случајот на Кевин Смит“ авторката Грејс Кетлин Кинан смета дека „Продавачи“ е дефиниција за независен филм, бидејќи ваквата продукција која нема финансии, производна вредност, нема ѕвезди, на Санденс покажал дека има чувство за место, она што на многу од програмските филмови им недостасува. Смит го задржал интегритетот на своето дело и покрај врската со компанијата Мирамакс, зад која тогаш стои Харви Вајнстин. Тој останува контракултурен филм, кој од споредна филмска куќа осигурува средства за дистрибуција, прикажување и маркетинг, без да прави никакви компромиси.

„Продавачи“ има продолжение од 2006 со значително поголем буџет, неколку кратки филмови, како и анимирана верзија од 2000 година. Смит веќе го најави и третото продолжение, најверојатно во 2021-та. Џеј и Тивкиот Боб, пак, се појавуваат во речиси сите други филмови на Смит – „Стаорците од трговскиот центар“,„Барајќи ја Ејми“, „Догма“, но и во „своите“ филмови – „Џеј и Тивкиот Боб го возвраќаат ударот“ (2001) и новиот „Џеј и Тивкиот Боб“ кој ја имаше американската премиера во ноември минатата година.

Текстот е првично објавен во ФИЛМ + бр. 34, јануари 2020.