EУ река (67): Затруениот пејзаж: етничката припадност и национализмот во 19 век

29.04.2020 15:00
EУ река (67): Затруениот пејзаж: етничката припадност и национализмот во 19 век

Современата историја е родена во 19 век, замислена и развивана како инструмент на европскиот национализам. Како оружје на националичката идеологија, историјата на европските народи била мошне успешна, но нашето сфаќање на минатото ја претвори во стовариште за токсичен отпад, преполн со отровен етнички национализам, кој длабоко ја затру свеста на луѓето. Расчистувањето на овој отпад е најголемиот предизвик со кој се соочуваат денешните историчари.

Вистинската историја на народите кои ја населувале Европа на почетокот од средниот век не почнува во 6 век туку во 18 век. Со ова не се негира дека луѓето кои живееле во далечното минато имале чувство на припадност кон народ или колективен идентитет. Но, последните два века интелектуално дејствување и политички соочувања толку темелно го променија начинот на кој размислуваме за општествените и политичките групи што не можеме да се залажуваме дека сме во состојба да дадеме „објективен“ суд за општествените категории на почетокот од средниот век, неоптоварен со поновото минато. Не само што етничкиот национализам, онака како што го сфаќаме денес, во извесна смисла е изум на поновиот период туку, како што ќе видиме, и самите оружја за анализа со кои се служиме во научните објаснувања за историјата се смислени и усовршени во пошироката клима на национализмот и преокупираноста со национализмот. Современите методи на истражување и пишување на историјата не само што не се неутрални инструменти на науката, туку се развиени токму за да ги потпомогнат националистичките цели. Бидејќи и објектот и методот на истражувањето се сомнителни, фер е на самиот почеток да ја признаеме субјективната природа на нашето истражување преку краток увид во процесот кој доведе до нивно пронаоѓање.

 

Етничкиот национализам во доба на револуции

Приказната за појавата на национализмот во 18 век и на почетокот на 19 век е раскажана безброј пати. Нациите-држави од денешницата, засновани на етнички принципи, опишувани се како „замислени заедници“ создадени благодарение на залагањата на интелектуалците и политичарите од 19 век кои претходните романтични, национални традиции ги претвориле во политички програми. Навистина, цела поплава од книги и текстови - некои научни, други наменети за широката публика - тврдат дека многубројни „вековни“ традиции, од националните идентитети до шкотскиот тартан, се нови и цинични измислици на политичарите или претприемачите. Во овие тврдења има многу вистина, пред сѐ зашто тие укажуваат на одлучувачката улога која во неодамнешното минато ја одиграа поединци и групи во изградбата на наводно древни идеологии. Меѓутоа, би било апсурдно да се сугерира дека овие заедници, зашто во извесна смисла се „имагинарни“, мора да се отфрлат или омаловажат, или да се имплицира дека „на некој начин имагинарното“ е синоним за „измислено“ или „безначајно“. Најпрвин, иако за специфични форми на етнички заснованите нации-држави од денешницата можеби навистина може да се каже дека настанале со заслуга на романтичарите и националистите од 19 век, тоа не значи дека во минатото не постоеле и поинакви форми во кои се замислувале нациите - форми исто толку моќни, иако сосема различни од оние во современиот свет. Учените луѓе од 19 век, политичарите и поетите, едноставно не го измислиле минатото; тие биле инспирирани од веќе постојни традиции, пишани извори, легенди и верувања, дури и кога ги користеле на нови начини за да „сковаат“ политичко единство или да се изборат за автономија. Второ, дури иако овие заедници во извесна смисла се имагинарни, тие се мошне реални и многу силни: сите важни историски феномени во извесна смисла се психолошки, а оние менталните - од верскиот екстремизам до политичките идеологии - веројатно усмртиле повеќе луѓе од која било друга појава, со исклучок на „црната смрт“.

Специфичниот процес кој водел до раѓање на национализмот како моќна политичка идеологија варирал од регион до регион во Европа и надвор од неа. Во регионите кои не биле политички организирани, како Германија, национализмот обезбедил идеологија за создавање и јакнење на државната власт. Во големите држави, како што се Франција и Велика Британија, владите и идеологиите немилосрдно ги гушеле јазиците на малцинствата, нивните културни традиции и различните сеќавања на минатото, а сето тоа во име на единствената национална историја и хомогениот јазик и култура, за кои можело да се тврди дека досегнуваат далеку во минатото. Во полиетничките империи, како што биле отоманската и хабсбуршката, поединците кои себеси се сметале за припадници на угнетуваните малцинства го користеле национализмот за да се повикаат на правото не само на одвоен културен идентитет туку и на политичка автономија.

Прилично вообичаената верзија на методот со кој идеологијата на национализмот го поддржува јакнењето на движењата за независност, особено во источна и централна Европа, претпоставува постоење три фази во процесот на создавање на овие замислени заедници. Најпрвин, тие опфаќаат проучување на јазикот, културата и историјата на дотичниот народ кое го спроведува мала група „разбудени“ интелектуалци; потоа групата „патриоти“ ги пренесува и шири идеите на овие научници во општеството; и најпосле, фазата во која националното движење ја достигнува својата кулминација меѓу масите. Со помали варијации, овој процес можеме да го следиме од 18 век во Германија, во поголем дел во Отоманското, Хабсбуршкото и Руското царство во 19 век и, најпосле, во колонијалните и постколонијалните Азија, Африка и двете Америки во 20 век.

Повеќето од оние кои го проучуваат национализмот нема да го оспоруваат овој општ опис на процесот на националното будење и политизацијата. Меѓутоа, она што предизвикува жестока расправа е прашањето дали „разбудените“ интелектуалци само потврдуваат дека постои угнетен народ, или овие интелектуалци го измислуваат народот што го проучуваат. На пример, хрватскиот историчар Иво Бањац се разликува од повеќето други со тврдењето дека „идеологијата, за да се прифати, мора да произлезе од реалноста. Национализмот може да се обиде да се пресмета со условите на угнетеноста на својата група, но не може вештачки да ги создаде тие услови“. До извесен степен сигурно е во право: ако поединците не се изложени на угнетување и дискриминација, ветувањата дека таквата состојба ќе се поправи веројатно не би можеле да имаат некаков ефект. Меѓутоа, ако ја сфатиме на поинаков начин, ваквата формулација е потенцијално опасна: таа имплицира дека групите - потенцијалните нации како такви - постојат дури и пред да ги препознаат интелектуалците, дека условите на потчинувањето се однесуваат на дадена група, и дека национализмот е лек за ваквите состојби. Со други зборови, додека национализмот можеби не ги создава условите, тој сигурно може да ја создаде и да ја произведе нацијата. Во 19 век, под влијание на револуциите и романтизмот, и со очигледно неуспешниот стар аристократски поредок на политичката сцена, интелектуалците и политичарите создадоа нови нации, нации кои потоа ги проектираа во далечното минато, на почетокот од средниот век.

Интелектуалниот контекст во кој е создаден современиот национализам бил фасцинација за европските научни елити од стариот свет, особено во Франција и Германија. Токму фасцинацијата од класичната култура и цивилизацијата - особено негувана во Холандија, а потоа и во Франција и на германските универзитети како што е Gottingen - ја поставиле сцената за радикален пресврт во доживувањето на претставата за себеси и сопствениот идентитет, бришејќи векови мошне различни општествени идентитети.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гифови: Мирјана Лозановска
Извор за текстот: Patrick J. Geary - Mit o nacijama, srednjovekovno poreklo Evrope (2007)


ЕУ река (66): Марио Копиќ – Нацијата (2)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото