Романот што се чита како пророштво, а не е и не треба да биде

30.04.2020 14:54
Романот што се чита како пророштво, а не е и не треба да биде

Мојот нов роман „Крајот на октомври“ (The End of October), кој излезе овој месец, е плод на имагинацијата. Таа книга не е никакво пророштво, но ниту нејзиното појавување во екот на најлошата пандемија во нашите животи – не е случајно. Сè почна со едно едноставно прашање кое ми го упати режисерот Ридли Скот, откако го прочита постапокалиптичниот роман „Пат“ од Кормак Макарти, од 2006 година, тој ме праша: „Што се случило?“ Како човечката цивилизација можела толку да пукне? Како е можно до толку да не успееме да ги сочуваме институциите и општествениот мир кој нè дефинираше, а штом се појавила катастрофата, кога ќе погледнете нананзад, изгледа целосно неизбежна?

Ова не е исход за кој мислам дека е веројатен во моменталната пандемија на коронавирусот. Но, додека ја пишував книгата, сфатив дека би било премногу наивно и премногу суетно да се мисли дека сме успеале да ги надминеме стапиците кои природата редовно ни ги поставува.

Она што може да изгледа како пророштво всушност е последица на истражување. Како писател, отсекогаш повеќе ме изненадувала стварноста отколку фантазијата, па се обидував да откинам по нешто од науката, историјата и од човековото искуство.

Пандемиите, исто како војните и економските кризи, со кои често коинцидираат – оставаат лузни на телото на историјата. Толку приказни од нашата цивилизација, всушност раскажуваат за напорите да преживееме заедно, едни со други, што на патогените им овозможува да се шират. Некои од најстрашните преносливи заразни болести од минатото: детската парализа, тифусот, колерата, жолтата грозница, биле скротени или целосно елиминирани, а со самото тоа брзо избришани од нашето секојдневие. Чумата убила можеби 50 милиони луѓе во текот на владеењето на царот Јустинијан во шестиот век, што претставувало речиси половина од целата светска популација во тој момент. Следната пандемија на чумата, позната и како „црна смрт“ се случила во Кина, во 1334 година и се ширела по трговските патишта на средна Азија и Европа, сè додека не поминала – речиси две стотини години подоцна.

Големите сипаници, една од најзаразните болести во историјата, во Европа убиле 400.000 луѓе, за само една година. Третина од преживеаните ослепеле.
Заразата не поминала сè до 1796 година, кога англискиот лекар, Едвард Џенер, сфатил дека најверојатно млекарите се имуни на болеста. Неговата теорија била дека изложеноста на кравјите сипаници ги штитела од болеста, слична на заразата од која заболува стоката, но која не е фатална за луѓето. За да ја тестира оваа своја теорија, тој зел примерок од кравјите сипаници од едно девојче кое се викало Сара Нелмес и кое живеело на фарма и го дал тој примерок го дал како вакцина на деветгодишно момче, синот на неговиот градинар. Неколку месеци подоцна, Џенер на момчето му дал инјекција со големи сипаници. Момчето не се разболело и медицината влегла во ново доба.

Додека го работев истражувањето за својот нов роман, сфатив колку во последно време сме биле блиску до болест што би претставувала егзистенцијална закана. Еден херој на јавното здравје беше италијанскиот лекар, Карло Урбани. Тој го посветил животот на борбата против глистите кои ги напаѓаат децата што живеат покрај реката Меконг. Во февруари, 2003 година, добил повик од една француска болница во Ханој. Стигнал пациент од Хонгконг во критична состојба. Антибиотиците не помагале. Лекарите и медицинските сестри, исто така се заразиле.

Урбани завел карантин во болницата. Тој го идентификувал она што набрзо ќе го знаеме под името тежок акутен респираторен синдром, односно САРС. Благодарение на неговите потези, Ханој бил поштеден од најлошото, било спречено ширењето на болеста во 16 други држави. САРС-от бил победен за само стотина денови. Ова и денес, е веројатно е најефикасниот одговор во историјата за потенцијална пандемија, но врз овој триумф падна сенка кога Урбани починал од последици на САРС, еден месец по избивањето на болеста.

Одлучив во мојот роман вирусот на инфлуенцата да биде главниот лик. Болеста останува непокорена и секоја година убива стотици илјади луѓе ширум светот.

Имав среќа што во текот на пишувањето на „Крајот на октомври“ бев во можност да се консултирам со некои од најгенијалните и најхрабрите научници и здравствени работници кои сега се на првата линија на борбата со вистинскиот вирус кој ни се заканува на сите нас.

Ним им ја посветив својата книга.

Илустрации: Matt Dorfman

Извор: The New York Times

 

 

Слични содржини

Книжевност / Став
Книжевност / Живот
Свет / Книжевност / Став
Општество / Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото