Балада од улиците на Буенос Аирес

30.04.2020 21:25

Човек чека на улица и среќава жена
точна и убава како часовникот од ѕидот на нејзината соба
и тажна и бела како ѕидот што го носи.
А таа не му ги покажува забите.
А таа не му го покажува ни папокот
туку му го покажува таа своето време, точно и убаво.
А таа живее на приземјето веднаш до водоводот
и водата што се крева почнува баш од нејзиниот ѕид.
А тој ќе одлучи според нежноста.
А таа ги знае причините за плачење
А таа ги знае причините за повлекување.
И тој почнува да наликува на неа, на неа.
И косата му расте долга и мека, како нејзината коса.
А тврдите зборови од неговата уста се раствораат во нејзината уста.
И очите ќе му се наполнат солзи, како нејзините очи.
А семафорот ѝ го бои лицето
а таа си стои меѓу дозволеното и забранетото.
А тој ќе одлучи според нежноста.
И тие одеа низ улиците што наскоро ќе му се појавата во соништата.
А дождец тихо липа во нив, небаре в перница.
И нетрпеливото време обајцата ги беше престорило пророци.
И тој ќе ја загуби на црвено светло.
И тој ќе ја загуби на зелено светло и на жолто.
А светлото е секогаш тука за да ни служи за секоја загуба.
И таму него ќе го нема кога сапунот и лосионот ќе се истрошат.
И таму него ќе го нема кога часовникот пак ќе се навие.
И таму него ќе го нема кога фустанот ќе ѝ се отпара на макари во ветер.
И таа ќе ги заклучи во скришно чекмеџе неговите диви писма.
И ќе си легне да заспие крај водата во ѕидот.
И ќе ги знае причините за плачење и за повлекување.
А тој ќе одлучи според нежноста.

Превод: Виктор Шиков

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото