На автократите вирусот им доаѓа добро само на почетокот

01.05.2020 00:41
На автократите вирусот им доаѓа добро само на почетокот

Абдел Фатах ел Сиси

Кога удри вирусот, властодршците возвратија на својот веќе испробан начин.

За египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси тоа значеше дека на улиците ќе се извадат одредите за хемиско војување, во заштитни одела. Вооружени со средства за дезинфекција, се распрснаа во Каиро, а социјалните мрежи вриеја од ваквото покажување воена моќ.

Рускиот лидер Владимир Путин исто така облече пластично одело, со нијанса на жолт канаринец, кога посети една болница во Москва која се грижи за пациентите заболени со коронавирус. А потоа во Италија испрати 15 воени авиони полни со медицинска опрема и прекриени со пораката „Од Русија со љубов“.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, турскиот лидер кој инаку обожува да затвора новинари, зад решетки ги стави известувачите кои пишуваа негативно за стратегијата на земјата во борбата против коронавирусот, а потоа испрати гласовна порака до секој граѓанин постар од 50 години, тврдејќи дека сѐ држи под контрола.

А во Туркменистан, една од најрепресивните земји во светот, каде официјално немаше ниедна заразена личност, доживотниот претседател Гурбангули Бердимухамедов ја промовираше својата книга со лековити билки како потенцијално решение за оваа пандемија.

Во одговорот на пандемијата, автократите користат мешавина од пропаганда, притисок и фалбаџиски претстави на силата за да емитуваат аура дека имаат контрола над хаотичната ситуација. Кризата им дава прилика да ја утврдат својата и онака голема моќ без страв од цензура или гласови на негодување кои би можеле да стигнат од надворешниот свет, каде битката против пандемијата ги натера дури и либералните демократии да се насочат кон строги мерки, како надгледувањето на мобилните телефони.

Гурбангули Бердимухамедов

„Коронавирусот е нов тероризам“, вели Кенет Рот, извршен директор на Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch), кој стравува дека ширењето на драконската моќ би можело да стане една од најдолготрајните последици на вирусот. „Тоа е најновиот изговор за кршењето на правата и се плашам дека такви нешта ќе гледаме уште долго откако ќе помине кризата.“

Но вирусот донесува и некои потенцијални опасности за автократите. Земјите како Русија и Египет се наоѓаат на почетокот од кривата на вирусот, што значи дека за нив најлошото допрва доаѓа. Доколку толку силно бидат погодени од кризата како делови од Европа или САД, нивните вообичаени алати би можеле да бидат бескорисни. Вирусот не можете да го уапсите, цензурирате или да го ставите надвор од законот. Економските последици од пандемијата ќе ја разоткријат мрежата на покровителства која ја поддржуваат многу автократии. Лидерите кои себеси се претставуваат како спасители би можеле да бидат главни виновници доколку дојде до голем број смртни случаи.

Иако се ретки аналитичарите кои предвидуваат брзо мешање на картите, тешката пандемија би можела да ја разниша довербата во лидерите чиј авторитет се темели на столбовите на несомнена доминација.

„Би можело да заврши вака или онака“, вели Стивен Кук, висок советник за Блискиот исток и Северна Африка во Советот за надворешни односи. „На некои места би можело да дојде до уште полоши диктатури. На други, можеби сѐ ќе се распадне само по себе.“

Во некои држави, кризата ја нормализираше цврстата рака. Обединетите Арапски Емирати, аристократска монархија богата со нафта, има еден од најголемите проценти на тестирања за коронавирусот. Една апликација за смартфони која ја разви Сингапур сега се разгледува во многу други западни држави. Најстарите демократии навистина разгледуваат тактики кои наликуваат на некогашните тирании - давање голема помош за полицијата, забрани за собирање, суспендирање на изборите, затворени судења, надгледување на граѓаните, затворени граници.

А во непостојаните поднебја, вирусот ја исцица силата на движењата на отпорот. Народните бунтови во Либан, Ирак, Алжир и Чиле се или забавени или сосема исчезнати и, веројатно, макар и заради стравот од собирање и ширење на вирусот, така ќе биде барем уште некое време.

Владимир Путин

Автократските лидери одлучија под маската на вирусот да се пресметаат со отпорот и на помош ги повикаа своите омилени стилски фигури. Ел Сиси противниците на неговата борба со коронавирусот ги нарече лакеи на забранетото движење Муслимански браќа. Службениците на Путин прво рекоа дека за сѐ се виновни богатите руски џет сетери кои пијат вино и немаат никаква врска со обичните Руси што пијат вотка. Богаташите го донесоа вирусот зашто скијаа во Европа. „Од Куршвел пристигна цел куфер полн со вирусот“, рече градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, мислејќи на француското скијалиште кое е особено популарно кај руските глитерати.

Но, пандемиијата би можела да расипе некои од нивните планови. Путин мораше да го откаже референдумот кој би му дал одврзани раце за да остане на власт сѐ до 2036 година. Владата на Ел Сиси тивко соопшти дека вирусот убил два најискусни генерали, што ги поттикна шпекулациите дека болеста се проширила на високи позиции во армијата. А кога Египет наведе дека оние кои се враќаат во земјата ќе мораат сами да си го платат карантинот, стигна кампањата дека Ел Сиси ќе понуди некои од своите луксузни палати во центрите за карантин. Набрзо го повлече својот предлог.

Потешкотиите со кои се среќаваат Ел Сиси и Путин кажуваат многу за лошите аспекти на пресонализирањето на власта.

Во многу земји граѓаните претпоставуваа дека нивните лидери ја кријат вистинската состојба. Таму каде што нема доверба во институциите, лидерите се опкружени со тесен круг советници и фалбаџии - што е сосема добар систем ако сакате да ги замолчите противниците, но мошне лош доколку ви се неопходни тешки одлуки базирани на научен принцип.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото