За трудот и за човечкото достоинство

02.05.2020 12:01
За трудот и за човечкото достоинство

Христијанството и човечкото достоинство

Празникот на трудот има бурни почетоци и богата историја која е тесно поврзана не само борбата за правата на работниците, туку за човековите права општо земено. Иако веројатно првата помисла на првомајските празници е поврзана со марксизмот и неговите развојни форми, несомнено е дека прашањата за правата на работниците и човековите права има свои длабоки корени во христијанството. Да го земеме примерот од осумнаесеттиот век на Вилијам Вилберфорс, поборникот против ропството во Велика Британија. Неговите заложби имале влијание не само врз легалното устројство на поседување робови, туку и врз состојбата на осиромашените работници во предвечерјето на индустриската револуција. Врз овој пристап се темели и силното противење на Вилберфорс на општоприфатената суровост врз животните. Еден силен пример од деветнаесеттиот век е оној на Џозефин Батлер, заговорничката за правата на жените, а особено на маргинализираните проститутки, која своите идеолошки заложби ги црпела од нејзината христијанска вера. Во дваесеттиот век би можел да се земе примерот на Алберт Швајцер, реномиран теолог, органист и лекар, кој својата врвна кариера и привилегиран живот во Европа ги напуштил за да се посвети на основање и водење болница во Африка.

Се разбира, историјата на црквата обилува и со лоши примери по ова прашање. Еден флагрантен пример е оној на екскомуникацијата на Винсент ван Гог од неговата служба во реформираната црква затоа што со своето поистоветување со бедните и сиромашните од неговата црковна заедница, ја омаловажувал возвишената пасторална функција. Но поентата на ова кусо размислување е да посочи на библиско-теолошките принципи што придонеле кон подобрувањето на правата на работниците и човековите права кои се под силни формативни влијанија на разбирањето на созданието на човекот според Божји образ од каде што секоја човечка личност го црпи своето достоинство.

Работа, труд и трпеливост

Една од најраните дефиниции во Новиот завет за трудољубивост се споменува во првото послание на апостолот Павле до црквата во Солун тој вели, „За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттикнуваме, браќа, уште повеќе да напредувате, и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; да постапувате чесно спрема надворешните и да не зависите од никого“ (1 Солунците 4:9-12). Главните три доблести за кои Павле пишува во ова послание се верата, љубовта и надежта. Но тие се наведени како врвни мотиви за тоа како треба да се живее. Практичната примена на овие идеали за Павле се наоѓа во една друга тријада, онаа на работата, трудот и трпеливоста. Всушност, она што Павле им го образложува на верните во Солун е дека трудот е пред сѐ акт на љубов. Тој на други места, како што се Римјаните 12, 1 Коринќаните 12-14 и Галатите 5 јасно назначува дека љубовта мора да биде центарот на секоја христијанска етика. Етиката пак, е вкоренета во личниот вредносен систем, но таа не смее да остане само таму, како некаква теорија, туку мора да се манифестира во практиката. Тоа според Павле, христијаните во Солун го покажувале со чесно работење со сопствените раце без да им се биде товар на другите.

Се разбира, ваквиот совет првенствено се однесува на поттикот кон трудољубивоста и против мрзливоста. Но тоа е исто така и важен субверзивен мотив кој оди наспроти тогашната култура на Римското царство. Ова е добро забележано од германскиот теолог Јирген Молтман која својата егзегеза за работата во есејот „Човечкото достоинство“ ја почнува со јасно порекнување на древниот грчки идеал дека работата во принцип е мака и бреме, недостојна за слободен граѓанин, а примерна само за робовите. Според овој идеал, смислата на човечкиот живот може да се најде само доколку некој не мора да работи за да се прехрани и општо земено да опстане („Човечкото достоинство“ 37-39). Според Молтман, Библијата во целост ѝ противречи на оваа дихотомија и смислата на човечкиот труд ја наоѓа во наративниот опис на Бог кој работи додека го создава светот за шест дена. Во суштина тука лежи и смислата на заповедта за Шабат, да се работи шест дена, а да се одмора на седмиот. Преку оваа заповед човекот како Божји образ соодветствува со Божјата креативност и користејќи ги сопствените таленти, способности и вештини станува сосоздател во светот кој Бог му го дарува.

Од работа до обожавање, од обожавање до работа

Слични видувања има и Јован Павле II. Според него човечката работа мора да има смисла и да биде сосоздателна, поточно самокреативна. Уште поважно, таа работа секогаш мора да е целосно во служба на човештвото и неговата благосостојба. Ваквата дејност не е толку упатена кон околината која тој ја приспособува на себеси, туку пред сѐ кон неговото усовршување (Gaudium et Spes). Тоа мора да биде така дури и во секојдневните дејности така што луѓето треба „со право да сметаат дека со својот труд тие ја спроведуваат работата на Создателот ... и со своите лични заложби придонесуваат кон исполнувањето на историјата на божествениот план“ (стр 52сс, Gaudium et Spes).

На оваа воспоставена интерпретативна констелација треба да се приложи едно важно противречно мислење на највлијателниот теолог на дваесеттиот век, Карл Барт. Во неговата Црковна догматика III. 41, Барт вели дека вистинската библиска перспектива кон работата може да се добие само од Шабат, денот на одмор, а не обратно, од шесте дена на работа. Ова тој го илустрира преку важноста ставена врз човечкиот одмор во Битие 2:1-3.5 Од оваа перспектива Барт го потсетува читателот дека седмиот ден на одмор за Бог, е првиот ден за човекот кој е создаден на шестиот ден. Само така почнува вистинската историска приказна на човекот, „... под Божјата заповед за одмор, а не со дејност“ (стр. 52). Оваа вистина според Барт е потврдена и во Новиот завет каде што недела, денот на воскресението и првиот ден за Евреите, станува седмиот ден на одмор. Тука нагласката е дека работата ја добива својата смисла од обожавањето што претпоставува одмор од другите дејности за денот да му се посвети на заедништво со Бог.

Без разлика од која страна почнуваат и двете толкувања јасно ја нагласуваат важноста на работата во која човекот го потврдува своето достоинство и придонесува кон благосостојбата на заедницата и на другиот жив свет. Според Молтман и Јован Павле II работата води до обожавање, додека според Барт обожавањето е темел на работата. Тесното поврзување на човечкиот труд со достоинството од кое произлегува теоријата за човековите права во што се вклучени и работничките права, се темели на пет принципи кои црквата никогаш формално не ги порекнувала, но не секогаш успевала да ги применува и активно да ги застапува.

Достоинството и човековите права

Првиот принцип е дека библиското разбирање на создавањето е клучно за христијанското разбирање на трудот. Тоа е суштината на горенаведениот цитат на Јован Павле II во кој тој зборува дека оној кој работи е пред сѐ личност, а таа има неотуѓиви права како таква. Вториот принцип е важноста на соодносот меѓу природата и милоста. Според библиското учење за создавањето на светот и на човекот, созданието е обдарено со низа капацитети и способности за кои човештвото има мандат трудољубиво да ги употреби. Еден од тие капацитети е разумот со кој човекот може да учи истражувајќи го светот околу себе. Светот не му се открива на човекот здраво за готово. Човекот е задолжен да вложи психофизички напор за да го запознае, да го протолкува и да го разбере. Истовремено, само затоа што има способности не значи дека тие се негова сопственост, ниту пак значи дека тие се доволни во ова спознавање. Потребна е и милост. Така сите луѓе, без разлика на нивниот дарби, се ставени во состојба која не дозволува гордост ниту очај. Тоа е така ако се задржи рамнотежата меѓу природата и милоста. Третиот принцип е дека работата е во служба на човекот, а не човекот за работата. Исус во еден друг контекст, што е применливо и за овој принцип вели, „саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.“ Ова е кажано како реакција на легалистичкото разбирање на Шабат, денот кој Бог го определил за одмор. Наместо тоа, елитата на тогашното општество го користела овој закон за да го контролира обичниот човек. Така е често и со оние што либералниот капитализам го користат како средство за експлоатација на работниците, а единствената цел е профитот при што човекот е само средство. Четвртиот принцип е дека работата во библиски рамки мора да создаде простор за самоизразување и само-реализирање на личноста, при што во секој сегмент од трудот е загарантирана општествената слобода. Дури и во Стариот завет, каде што некои форми на „поседување“ други лица чиј труд ќе се користи од сопственикот, или пак купување имот, нормите се такви што, ако се следат доследно, не дозволуваат трајно робување и натрупување имот. Во определени интервали робовите мора да се ослободат, а имот да се врати на изворните сопственици без надомест. Петтиот принцип е новозаветниот пример даден во Исус Христос, а одлично опишан во Филипјаните 2:5-11. Ова е носечка идеја на Молтман. Според него, ако треба да сме еднодушни со Христос (Фил. 2:5), тогаш треба и да го следиме неговиот пример, а тоа е да се дадеме себеси за другите така што ќе создадеме праведна платформа на еднаквост и урамнотежен сооднос меѓу природата и милоста.

Да дојде царството Твое

На тој начин ќе станеме соработници со Исус Христос во приготвувањето на остварувањето на оној дел од молитвата „Оче наш“ каде што се вели, „да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го и денес.“ За да дојде Божјото царство, да биде Божјата волја иста и на небото и на земјата, и за да го јадеме лебот насушен, треба да разбереме каква работа Исус заврши за нас и наместо нас. Тогаш ќе можеме да учествуваме во подготовката за довршувањето на Божјиот план да го обнови небото и земјата, а во тој обновен свет нема да има место за експлоатација. Визијата на меѓународниот ден на трудот, е визија која идеално се вклопува во визијата на христијанството за созданието, за природата на човекот и за обновата на светот. Само уште христијаните да можеа тоа доследно да го живеат во практика. Сеедно, свесни за сета ограниченост на нашата природа и за даруваната милост, според ветувањето се молиме, Господе Исусе Христе, смилувај ми се мене грешниот.


 Слики: Aaron Tilley