ЕУ река (69): Нормирањето на јазиците во Европа

02.05.2020 15:24
ЕУ река (69): Нормирањето на јазиците во Европа

Ширум Европа, погубните влијанија на филолошките методи за идентификување на народите со помош на јазикот биле огромни. Најпрвин, бескрајните градации на големите лингвистички групи во Европа со помош на научните правила биле раситнети во одвоени јазици. Бидејќи пишаната и говорната реалност не се совпаѓале сосема со овие вештачки правила, „формалните“ облици - обично систематизираните верзии на некој локален дијалект, често на некоја политички моќна група или важен град - се измислувале и наметнувале преку државниот школски систем. Како резултат на тоа, лингвистичките граници станале многу поригидни, а цели традиции, усни, а во некои случаи дури и пишани, буквално исчезнале под притисокот да се користи „стандардниот“ јазик. Тоа, како последица, резултирало со виртуелни, измислени јазици, меѓу кои не се само толку очигледните случаи како украинскиот, бугарскиот, српскиот, хрватскиот, словенечкиот, литванскиот, хебрејскиот, норвешкиот, ирскиот, холандскиот и романскиот туку и, на посуптилни начини, исто така и германскиот и италијанскиот.

Не изненадува што заговорниците на овие „стандардни“ јазици на почетокот тежнееле истите да ги припишуваат на реалните или посакуваните политички граници. Во ретки случаи целата популација на одредена општествена заедница навистина го зборувала дури и фаворизираниот дијалект на тој јазик. Дури и во земја како што е Франција, со повеќевековна традиција на политички граници, и во која нормите за правилна употреба на јазикот се развивале со векови, веројатно дека во 1900 година не повеќе од 50 проценти од француското население го зборувало францускиот како мајчин јазик. Останатите користеле варијанти од романските јазици и дијалекти, додека келтските и германските јазици биле доминантни во Бретања, Алзас и Лорена.

Во други случаи националниот јазик го зборувало само одредено малцинство, како во Норвешка, или луѓето користеле различни јазици за различни цели и во различни комбинации во трговијата, културата, политиката или дома. Така насекаде, поединци, семејства и заедници се затекнале изолирани од „националниот јазик“ и под притисок да се откажат од своите јазични традиции. Тоа можело да значи многу, од едноставно усвојување на речникот, стандардниот изговор и модификуваните системи на суфикси и префикси, како во случајот со жителите на Холандија, или отфрлање на дијалектите или старите лингвистички традиции, како што се случило со провансалскиот јазик на југот од Франција. Најпосле, тоа можело да значи учење на јазикот во државни школи или школи ополномоштени од државата, јазик кој му припаѓал на сосема различно лингвистичко семејство, како што бил случај со Бритите и Баскијците во Франција, или Романците и Словените во Унгарија.

Резултатот бил што амбициозните школски програми, вклучувајќи онакви јазични упатства какви што поддржувал Стајн, станале клучни во создавањето популација способна да се служи со националниот јазик. На тој начин образовните институции станале места за создавање нации-држави, преку всадување национална идеологија и, многу посуптилно, преку ширење на националниот јазик како олицетворение на оваа идеологија. Јазикот станал средство за учење на националната историја на „народот“ чиј бил јазикот и чии аспирации изразувал.

Меѓутоа, новата филологија на националистичките просветители и идеолози им овозможила да одат дури и подалеку од тоа: им овозможило создавање национална „научна“ историја која ги проектирала и националниот јазик и националната идеологија во далечното минато.

Ова проектирање било можно зашто триумфот на филологијата имал уште едно, исто така погубно, влијание врз развојот на национализмот. Кога националните јазици еднаш веќе се зацврстиле - барем во теорија, ако сѐ уште не во устите на населението - правилата на индоевропската филологија на лингвистите им овозможиле на овие јазици да им ги припишат древните прататковински текстови, некои стари и повеќе од илјада години. Така лингвистите можеле да зборуваат за древните споменици на своите народи: најстарите текстови на „германски“ датираат од осмиот; на „француски“ од деветтиот; на „словенски“ од единаесеттиот; на „ерменски“ од шестиот век.

Но, компаративната филологија овозможи уште подалечно патување во минатото: компаративните студии на различни индоевропски традиции овозможија да се разработат правила за систематски примени во јазиците, на тој начин овозможувајќи им на историските филолози да работат наназад, од постојите верзии на јазикот до хипотетички реконструкции на многу постари јазици од времето пред пишаниот збор. Така филолозите на националистите им овозможиле средство со кое можат да ги проектираат своите нации во далечното минато, пред пишаниот збор. Во традицијата на Фихте, тие тврделе дека со пишаните докази или непостоењето пишани докази, историската филологија го утврдила постоењето на посебни „лингвистички заедници“ кои споделувале иста визија за животот, исти општествени и религиски вредности, исти политички системи. Раѓањето на народите се совпаѓало со времето во кое овие посебни препознатливи јазици се одвоиле од својот заеднички германски, словенски, романски или грчки род, за да формираат јазична и културна заедница.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Мирјана Лозановска
Цртежи: Marcel Dzama
Извор за текстот: Patrick J. Geary - Mit o nacijama, srednjovekovno poreklo Evrope (2007)

ЕУ река (68): Групниот идентитет пред национализмот

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото